Фотографијата не е снимена на Месечината, туку на Земјата за време на тренинг

Во постот што го рецензираме се пропушта контекстот и не се наведува дека фотографијата што се споделува воопшто не е снимена на Месечината, туку на Флорида, за време на вежби, односно тренинг пред мисијата воопшто да започне – во нејзината подготвителна фаза. Затоа и астронаутите, иако носат скафандери, на главите немаат шлемови. Станува збор за фотографија 72-H-249 на која е екипажот од Аполо 16 како позира додека тренира за време на тренинг вежба во Кенеди спејс центарот. Прикажани од лево на десно се пилотот Чарс Дјук, командирот Џон Јанг и пилотот Томас Матингли. Фотографијата може да се види на страницата на  НАСА

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува фотографија и на неа пишува: „Ја сакам НАСА. Моментот кога ќе заборавиш дека си на Месечината”. Оваа фотографија со години на интернет се користи за да се оспорува фактот дека мисијата Аполо била на Месечината, а во конкретниот пост, кој е сатиричен, се прави истото, со тоа што се инсинуира дека астронаутите заборавиле оти се на Месечината (најверојатно бидејќи не носат шлемови на главата), а и во коментарите под постот сатирично се вели дека „тестирале Ровер на земјата”, што потврдува дека постот се сфатил од страна на корисниците на социјалните мрежи како да е невистина оти фотографијата е од Месечината.

Вистиномер разгледа бројни извори за оваа фотографија. Еден од нив, магазинот Сајанс Тајмс пишува дека станува збор за фотографија 72-H-249 на која е екипажот од Аполо 16 како позира додека тренира за време на тренинг вежба во Кенеди спејс центарот. Прикажани од лево на десно се пилотот Чарс Дјук, командирот Џон Јанг и пилотот Томас Матингли

Тројцата мажи во скафандери без шлемови се прикажани на фотографија којашто е споделувана десетици илјади пати на социјалните мрежи во постови како  „доказ дека не се случило слетувањето на Месечината”. Но, фотографијата е користена надвор од контекстот. НАСА ја направи оваа фотографија за време на астронаутска тренинг сесија во американскиот спејс центар во 1972 година. Никогаш не била објавувана како фотографија сликана на Месечината, пишува Сајнас Тајмс.

Оригиналниот извор на фотографијата е страницата на  НАСА.

Насловот на фотографијата е „Астронаутите на Аполо 16 тренираат за слетување на Mесечината, 6 февруари 1972“. Мисијата беше лансирана кон Месечината од Кенеди спејс центарот во Флорида на 16 април 1972, два месеца по снимањето на фотографијата претставена во постот кој го рецензираме. Мисијата се соочи со бројни проблеми на патот до Месечината. Главниот било тоа што главниот мотор почнал да покажува проблеми, што резултирало со шестчасовно доцнење односно одложување и застој, па дури и менаџерите на НАСА размислувале да ја откажат мисијата, но проблемот бил надминат. Иако НАСА дозволила да се случи слетувањето на Месечината, астронаутите се вратиле од мисијата еден ден порано од планираното. Јанг и Дјук поминале 71 час на површината на Месечината, за време на престојот имале три активности на Месечината, во времетраење од 20 часа и 14 минути. Тие возеле лунарен ровер, вкупно 26.7 километри а на површината на Месечината собрале 95,8 килограми лунарни примероци за да ги донесат на Земјата. Матингли, пак, орбитирал околу Месечината и фотографирал. Аполо 16 безбедно се врати на земјата на 27 април 1972 година.

Тука може да погледнете повеќе информации за мисијата Аполо 16, но јасно е дека не станува збор за истата мисија во која учествуваше Нил Армстронг. Мисијата Аполо 11 на  20 јули 1969 година со астронаутот Армстронг, стана првата мисија во која човекот стапна на Месечината.

Огромен број на светски медиуми објавуваат низ годините побивања на дезинформациите дека стапнувањето на Месечината никогаш не се случило. Примери може да се видат овде и овде.

Поради сите горенаведени факти постот што го рецензираме го оценуваме како пост во кој се пропушта контекстот, поради тоа што не се наведува дека фотографијата што се споделува воопшто не е снимена на Месечината, туку на Флорида, за време на вежби односно тренинг пред мисијата воопшто да започне, односно во нејзината подготвителна фаза. Затоа и астронаутите иако носат скафандери, не носат шлемови.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција