Фотографија од деца заболени од полио злоупотребена од антиваксерите за спротивна цел

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Грчкиот портал за борба против дезинформациите ellinikahoaxes.gr раскринка една сериозна дезинформација што интензивно се ширела на социјалните мрежи, а со која се злоупотребува една фотографија за да се поддржи наративот на антиваксерите, односно противниците на вакцинирањето.

Станува збор за фотографија на која се гледаат деца со посебни потреби во Африка, со тврдење пласирано со неа дека „тоа се горчливите резултати на вакцините на Бил Гејтс во Африка“. Многумина ја споделувале фотографијата со порака на англиски која гласи „Ова е резултат на испитувањата на вакцините врз Африканци. И никој досега не одговарал за ова. Задржете си ги вакцините за вас“.

Но вистината е сосема поинаква, пишува ellinikahoaxes.gr.

Имено, овој сервис за борба против дезинформациите ја истражил фотографијата и открил дека таа е направена со сосема спротивна цел – да ги покаже резултатите од невакцинирање против полио (детска парализа или полиомиелитис) поради недостиг на вакцини.

Фотографијата по барање на Светската здравствена организација (СЗО) ја направил Жан-Марк Гибо во 1998 година, во центар за грижа за деца во Сиера Леоне. Тоа недвосмислено го кажува самиот тој, се дознава од новинската агенција „Асошиејтид Прес“ (АП).

Други фотографии од серијалот „Војната против полио“, чија цел е да се помогне на искоренувањето на оваа болест, може да се видат тука.

 

извор: Meta.mk

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција