Фотографии генерирани со вештачка интелигенција ги „здружија“ Кејт Мидлетон и Меган Маркл

Фотографиите се креирани преку алатки за вештачка интелигенција. Во реалниот живот, пријателството меѓу принцезата од Велс и војвотката од Сасекс е многу неверојатно, со оглед на историјата на тензии помеѓу двете семејства. Овие две личности се намерно одбрани за ваква манипулација којашто ќе привлече внимание и кликови на социјалните мрежи

Фотографиите се креирани преку алатки за вештачка интелигенција. Во реалниот живот, пријателството меѓу принцезата од Велс и војвотката од Сасекс е многу неверојатно, со оглед на историјата на тензии помеѓу двете семејства. Овие две личности се намерно одбрани за ваква манипулација којашто ќе привлече внимание и кликови на социјалните мрежи

 

 

На социјалните мрежи се појавија вирални фотографии од наводна фотосесија на принцезата од Велс, Кејт Мидлтон и војвотката од Сасекс, Меган Маркл. На фотографиите тие разговараат, се смешкаат и одлично се забавуваат заедно, но и покрај тоа што фотографиите изгледаат многу реално, тие се вештачки креирани.

Кејт Мидлтон и Меган Маркл во новата фотосесија…, пишува во постот.

На интернет се појавија неверојатни снимки на кои кралските снаи Меган Маркл и Кејт Мидлтон се насмеани, позираат и изгледаат многу пријателски. Но, фотографиите се монтажа, а во реалниот живот пријателството на принцезата од Велс и војвотката од Сасекс е тешко возможно.

Фотографиите на кои Кетрин и Меган се претставени како блиски пријателки кои се среќни и опуштени, всушност се креирани со вештачка интелигенција која им овозможи на снаите кои не се во добри односи да позираат заедно на неколку слики.

Алатката за вештачка интелигенција создаде серија портрети на припадничките на кралското семејство, во кои тие се појавуваат заедно пријателски. Технологијата во само неколку секунди може да направи чудо, па и да ги спријатели двете снаи кои не се во добри односи. Фотографиите, всушност покажуваат каков би можеле да бидат некои од позите на снаите, ако односот меѓу двете беше посрдечен. Во реалноста, принцезата од Велс и војвотката од Сасекс немаат пријателска врска, а веројатно ниту планираат да бидат пријателки во иднина, по неколку епизоди на тензија меѓу двете.

Како функционираат генераторите на слики?

Новата техника за генерирање слики со вештачка интелигенција користи невронски мрежи (колекција на компјутерски симулирани неврони, моделирани на невроните на човечкиот мозок, кои се дизајнирани да препознаваат обрасци) за генерирање, усовршување и подобрување на сликите врз основа на внесување текст од корисникот. Моделот е „обучен“ од база на слики и системите ќе продолжат да ја усовршуваат генерираната слика, водена од внесувањето текст. Како резултат на тоа, се создава висококвалитетна и контекстуално релевантна слика по голем број чекори за усовршување на сликата.

Она што е проблематично во самата објава е дека никаде не е наведено дека се работи за фотографии генерирани со помош на вештачка интелигенција. Напротив, тие се објавени со текст кој тврди дека станува збор за новата фотосесија на Кејт и Меган што е неточно. Тие никогаш не направиле ниту една заедничка фотосесија за оваа да им биде нова. Уште помалку тоа би се случило сега, откако нивните односи се многу заладени. Па така, објавата ја манипулира, односно измамува јавноста да поверува во нешто што не е вистина.

Имено, ова е една од загриженостите на експертите при употребата на вештачка интелигенција, бидејќи не постојат заштитни мерки кои ќе ги спречат ваквите системи да се користат злонамерно, за ширење дезинформации и за создавање дип фејк видеа и фотографии кои покажуваат дека некој прави или кажува нешто што всушност не го направил или кажал.

Експертите за дезинформации предупредуваат дека вака создадените сликите се предвесници на нова реалност: бранови од лажни фотографии и видеа кои ги преплавуваат социјалните мрежи, особено по големи настани и случувања.

Според сите наведени факти, оценуваме дека фотографиите се креирани преку алатки за вештачка интелигенција. Бидејќи во реалниот живот, пријателството меѓу принцезата од Велс и војвотката од Сасекс е многу неверојатно, со оглед на историјата на тензии помеѓу двете семејства, овие две личности се намерно одбрани за ваква манипулација којашто ќе привлече внимание и кликови на социјалните мрежи.

Заради сето ова, оценуваме дека на овој пост му недостасува контекст, односно објаснување дека фотографиите не се автентични, туку дека се производ на вештачка интелигенција. Недостигот од вакво објаснување ги води корисниците на социјалните мрежи во заблуда да поверуваат дека фотографиите настанале на вистинска фото сесија, што не е точно.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција