Германските медиуми организираат кампања против ширењето дезинформации

Image by S. Hermann & F. Richter from Pixabay

Акцијата исто така ќе промовира безбеден пристап до вестите, рекоа во четвртокот, организаторите на кампањата во Берлин

 

Догодина германските медиуми во соработка со регулаторните тела, фондациите и научните институти ќе организираат кампања чија цел е да се насочи вниманието на јавноста за важноста на доверливите информации, јавува германската новинска агенција ДПА.

Акцијата исто така ќе промовира безбеден пристап до вестите, рекоа во четвртокот, организаторите на кампањата во Берлин.

Кампањата „Година на вестите“ опфаќа активности, како што се: секојдневни акции на социјалните мрежи, школски часови, работилници и партнерски проекти помеѓу школите и локалните редакции.

Партнерите на медиумската иницијатива #UseTheNews – која пред неколку години ја востановија агенцијата ДПА и градот Хамбург – е кампања која првенствено е насочена кон младите и зголемувањето на медиумската писменост.

Во кампањата „Година на вестите“ учествуваат повеќе медиуми, вклучувајќи ги јавните сервиси АРД и ЗДФ и приватните – РТЛ/нтв, Шпигел и групацијата Функе.

Вклучени се и здруженија на издавачи, медиумски регулатори, Сојузната агенција за граѓанско образование, Лајбницовиот институт за истражување на медиумите, како и фондациите Мадсак и Цајт.

Поради значајноста на темата, иницијаторите целат кон што е можно поширок сојуз и надвор од кругот на #UseTheNews, изјави претседателот на управниот одбор на ДПА Петер Кропш.

„Во времињата на вештачката интелигенција и дипфејкот, да се најде одговор на прашањето „што е реалност, а што е лага“ воопшто не е едноставно“, изјави директорот на АРД Кај Гнифке.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција