Ѓеврекот се продава 130 денари на скопскиот аеродром, а не во Охрид

Фото: pixabay.com

Фотографијата е снимена во локалот Cakes & Bakes, а ваков угостителски објект кај нас има само во главниот град и тоа на Меѓународниот аеродром Скопје. Ваква пекара, со вакво име и вакви цени воопшто нема во туристичкиот центар Охрид

Фотографијата е снимена во локалот Cakes & Bakes, а ваков угостителски објект кај нас има само во главниот град и тоа на Меѓународниот аеродром Скопје. Ваква пекара, со вакво име и вакви цени воопшто нема во туристичкиот центар Охрид

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук невистинито тврди дека ѓеврек во Охрид чинел 130 денари. Ова не е точно.

Охрид. Ѓеврек 130 денари. Ѓеврек бе!

Како не ви е срам?

Ова е кражба, кажано без заобиколување.

Искрено не заслужувате домашни туристи со вакви цени.

Туризам вака не се прави.

Сејшелите ли сте?

На Сејшелите поевтино се хранат туристите

Греота и кон оние кои немаат а сакаат да седнат. Маж жена со две деца ми ја пратија фоткава. 500 деннари за четири ѓеврека. Каде се четири јогуртчиња? Ама овие на суво го тискале. Иначе отиде илјадарче за доручек.

Имам и друга. Два омлета две шопски  две ракии, леб…. 1600 денари сметката

Осло и Рио го**а да јадат за цените у однос на вас. Во Стокхолм турски симит е 0,84 евра, пишува во објавата.

Во рамките на оваа вирална објава споделена е фотографија на којашто се гледаат неколку ѓевреци наредени на полица во пекара. На фотографијата пред ѓевреците стои нивната цена – 130 денари. Притоа, во текстот на објавата се тврди дека оваа фотографија била снимена во нашиот најголем туристички центар – Охрид,  каде што во екот туристичката летна сезона и има многу туристи, како домашни така и странски. На самата објава се изнесени обвинувања дека ѓеврекот од 130 денари во Охрид е кражба, како и критики и навреди за градот и нивните жители.

Но, ова не е вистина. Фотографијата воопшто не е снимена во Охрид, иако авторот на објавата во описот вели дека „една фамилија со две дечиња платиле 500 денари за ѓевреците“ и дека тие наводно му ја пратиле фотографијата. Арно ама, тоа не може да биде вистина, бидејќи пекарата каде што е снимена фотографијата воопшто не се наоѓа во Охрид.

Имено, на самата фотографија, на ливчето со цената се гледа името на локалот Cakes & Bakes, а ваков угостителски објект кај нас има само во главниот град и тоа на Меѓународниот аеродром Скопје. Ваква пекара, со вакво име и вакви цени воопшто нема во туристичкиот центар Охрид.

Цената, иако превисока за ѓеврек, воопшто не е чудна со оглед на тоа дека локалот се наоѓа на меѓународен аеродром. Цените во угостителските, а и сите други локали на аеродромите секогаш се многукратно повисоки од реалните цени на конкретните производи. Аеродромската храна е скапа поради деловните оперативни трошоци, вклучувајќи висока кирија, провизија како и дополнителни трошоци за испорака. Затоа бизнисите мора да наплаќаат повеќе за нивните производи, вклучително и храната, со цел да генерираат профит. Па, така, воопшто не е чудно што ѓеврек што реално чини помеѓу 20 и 30 денари, на скопскиот аеродром да се продава за 130 денари.

На официјалната страница на Меѓународниот аеродром Скопје се вели дека овој угостителски локал има две продажни места, и тоа двете се на тој аеродром.

Концептот Cakes & Bakes може да се најде на две локации на Меѓународниот аеродром Скопје.

Првата локација е големиот ресторан, кој се наоѓа во централниот дел на терминалната зграда на Меѓународниот аеродром Скопје, односно меѓу зоната за регистрација на патници и багаж и салата за пристигнување.

Втората Cakes & Bakes локација е кафетеријата, која е лоцирана на првиот кат од терминалната зграда, во зоната за заминување, односно по пасошка контрола и пунктот за безбедносна проверка. 

Во Cakes & Bakes ресторанот и кафетеријата на Меѓународниот аеродром Скопје се служат разновидни оброци, сендвичи, печива, салати, колачи, закуски и пијалаци, пишува на веб-страницата на  Меѓународниот аеродром Скопје .

Ваков локал нема во Охрид, па затоа и нема никаква логика оваа фотографија таму да била снимена. Cakes & Bakes е, всушност, турска фирма која има склучено договори со ТАВ аеродромите.

Дел од производите што ги произведуваме се извезуваат и во земји како Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Грузија, Тунис и Македонија. Благодарение на нашата експертиза за замрзната храна, го доставуваме нашиот бренд до целиот свет. Ние работиме прецизно на групи на производи, вклучувајќи пекарски производи, колачи, леб, сендвичи, топли и ладни јадења, се вели на нивната веб-страница.

Пребарувањата на интернет за овој угостителски објект даваат резултати дека тој го има само на Скопскиот аеродром. Таа единствена локација стои и на Гугл, TripAdvisor, на Foursquare која е водечка платформа за локации, на Инстаграм како и на Cybo и In your pocket. 

Објавата, која содржи невистини е многу вирална. Па, така, за неколку  дена ја споделиле 94 пати, има над 400 коментари и над 1.200 реакции. На поголемиот дел од корисниците вниманието им го привлекла цената и сензационализмот во објавата без разлика што во неа се споделуваат невистини.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција