Граѓаните задоволни од 1.600-те вработувања
Користењето на стандардни новинарски техники за пред јавноста да се проектира слика на успех и напредок во општеството, кој е исклучиво заслуга на владата, е редовна појава во дел од македонските медиуми. Овде, во серија телевизиски прилози организирани во речиси секојдневна кампања, се воспева владиниот проект за вработување на 1.600 социјално ранливи луѓе. Проектот се претставува еднострано и пристрасно. Авторите на овие прилози свесно прескокнуваат клучни правила на занаетот, поради што нивните производи повеќе наликуваат на пропагандни памфлети, отколку на објективен приказ на реалноста.
Линк до анализираниот напис: 1 2 3 4
Датум и време на објавување: 7 – 15.10.2013
Датум на рецензирање: 18.10.2013
Рецензент: Соња Здравеска
Вистинитост на факти: Прилозите се темелат врз емоциите на соговорниците кои новинарот одбрал да ги сними, така што во нив речиси и да нема факти, освен тоа дека Владата ги избра луѓето кои ќе ги вработи во „Македонски шуми“. Севкупниот тон на прилогот го одредуваат чувствата на соговорниците, кои, разбирливо, се позитивни.
Извори на информации: Освен самите луѓе кои добиле работа преку владиниот проект, новинарите одбрале да ги снимаат нивните роднини, пријатели и соседи, кои го заокружуваат едностраниот пристап кон темата. Во еден од прилозите, пренесена е и изјава на психолог, кој како експерт зборува дека вработувањето ќе ја зголеми самодовербата кај среќните добитници. На егзалтацијата на новинарите, легитимитет и дава и изјава на универзитетски професор, кој исто така има пофални зборови за владиниот проект. Темата се третира површински, без да се вклучат извори кои би дале поширока слика за вработувањата преку лотарија.
Содржајност: Прилозите се комплетно еднострани – во нив се зборува само за добрите страни на владиниот проект, без воопшто да се постави прашањето за неговата оправданост или исплатливост. Не се поставува прашањето на потребата за нови вработувања, во ситуација во која во администрацијата веќе има превработеност. Не се проблематизира улогата на „доброчинител“ на Владата, нејзиниот популистички пристап и политичките придобивки или последици кои ќе следат од овој проект. Во овие прилози не се истражуваат случаите на доделување работни места на луѓе кои се финансиски ситуирани, што е спротивно на правилата кои ги постави Владата.
Пристрасност: Ефектите од еден единствен владин проект се воспеваат како „спас за невработените“, кои конечно ќе се избават од сиромаштијата, благодарение на Владата. Политичката пристрасност во овие прилози е видлива за секој што ќе ги погледне. Овие прилози требало да бидат „противтежа“ на информациите за неправилности во поделбата на работните места, кои се појавија во други медиуми. Илустративен е последниот пасус во текстот на еден од нив:
„И Тони и Викторија, категорички ги отфрлаат обвинувањата дека овие вработувања се направени по партиски клуч или врз база на некакви врски, и со нетрпение ги очекуваат новите работни места, за кои велат дека дури и сеедно е што ќе работат, зашто доволно им е што ќе имаат сигурна работа и егзистенција за нивните семејства. “
Коментирање: Авторите не користат коментари, но употребуваат претенциозни, нереални и во суштина неточни конструкции во текстовите, кои имаат цел да ја засилат „возвишената“ атмосфера во нивните прилози. Тоа е видливо во следниве цитати:
„ Дека надежта и упорноста секогаш завршуваат со насмевки и успех сведочи и Наташа од Скопје. Мајка на три дечиња, диломиран електро инженер Наташа верувала дека извлекувањето ќе биде правично и потајно ја очекувала радосната вест.“
„….. и токму кога ги загубиле сите надежи, се случило вработувањето кое ги срушило сите бариери и сомнежи дека и за семејството Ѓеорѓиески, кај кои и невработената сопруга е со високо образование, доаѓаат поубави денови.“
Плагијат: Прилозите се оригинални дела, на кои се потпишани авторите.
Квалитет на насловот: Насловите ги придружуваат поентите што авторите сакале да ги постигнат со овие прилози. Дел од нив го соопштуваат очигледното:
„ Вработувањето на лицата од социјално ранливи категории значи враќање на нивната самодоверба“. Во друг прилог, насловот погрешно претставува дека сите граѓани го поддржуваат проектот: „Граѓаните задоволни од 1.600-те вработувања“.
Фотографија: На веб-страницата на Сител, текстовите се придружени само со видео-материјалот, од кој еден фрејм се користи како фотографија.
Говор на омраза: Во прилозите нема отворена дискриминација. Но, во Македонија има многу повеќе од 1.600 социјално ранливи семејства. Самиот владин проект и ваквото негово претставување ги ставаат во непријатна положба луѓето кои се пријавиле на лотаријата, а не добиле работа.
Заклучок: Новинарот кој не ги поставува сите потребни прашања можеби е само невнимателен. Но, новинарот кој не ги прашува очигледните прашања, веројатно е тенденциозен.
Дали е нормално во една држава владата да дели вработувања со извлекување на лотарија? Има ли Македонија потреба од 1.600 вработувања во администрацијата? Што е со случаите во кои работно место добиле луѓе кои не ги исполнуваат критериумите? Ниту едно од овие прашања воопшто не е поставено во прилозите, што води кон заклучок дека новинарите немаат намера да информираат, туку да егзалтираат.
Наместо објективни новинарски прилози, кои на гледачот му ги претставуваат сите аспекти на една тема, новинарите овде произведуваат „пофални слова“ и претставуваат возвишена слика за еден, во најмала рака, проблематичен проект на владата. Ова е типичен пример за пропагадно дејствување, под маската на новинарството.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар