Груевски не сака да ги види доказите на СЈО за „Космос“

Груевски вели дека е чист и дека за „Космос“ не му нашле ниту СМС Фото: Скриншот

 

На прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), која се одржа на 21.04.2016 година,  обвинителката Фатиме Фетаи ја презентираше новоотворената истрага заведена под името ТНТ. Во овој случај, кој се однесува на уривањето на објектот „Космос“, во сопственост на Фијат Цановски, како што кажа Фетаи на пресот, јасно се гледа

„криминалната спрега на релација централна власт-локална власт, која функционирала многу ефикасно, а особено кога требало да се задоволат апетитите и желбите на нарачателот-сега веќе аболициран „политичар“ и еден од поранешните премиери на Република Македонија“, мислејќи притоа на поранешниот премиер, а сега претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

По прес-конференцијата со реакција во јавноста излезе и Груевски. Соопштението е пласирано и на веб-страницата на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Груевски, меѓу другото во него Груевски вели:

Очигледно на обвинителите им беше важно единствено постигнувањето на политичкиот и партискиот ефект. СЈО веќе стана институција под целосна контрола на СДСМ и нивен главен инструмент за полички прогон на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ, а се со цел рушење на мојот углед и угледот на водството на партијата заради доаѓање на власт на СДСМ. Доволно е само да се види реториката на прес конференциите и малку  човек да се запраша и замисли околу доказите, и се е јасно.

Непрофсионализмот на СЈО не е само во политичко партиската наколнетост и ставањето во функција само на една партија, туку и во неприложувањето на барем еден минимален правен доказ  против мене, па макар и измислен. Тоа е затоа што имаат предмет во кој нема ниту некаков пропуст, ниту дело, ниту било што незаконско. Ако за некои од другите споменати, извадија смс пораки со одамна починат човек, од кој смс единствено се гледа дека како одговорни луѓе и функционери, во ситуација кога рушењето на Космос беше главна медиумска вест, покажале интерес околу случувањата, за да знаат што да одговорат на многубројните повици од медиумите, за мене не успеале ни такво нешто да пронајдат, заклучува Груевски.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, Датум: 21.04.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски ја оценуваме како невистинита во два сегмента:

  1. СЈО стана институција под целосна контрола на СДСМ, се со цел рушење на неговиот углед и угледот на водството на партијата

  2. Специјалното обвинителство не приложило ниту еден минимален правен доказ

 

  1. Прво, по долготрајни преговори за надминување на политичката криза, лидерите на четирите најголеми партии, на 02.06.2015 годинa, во Пржино, потпишаа документ во кој, меѓу другото, беше предвидено да се формира Специјално јавното обвинителство (СЈО) заради гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Во документот од 2 јуни 2015 година стои:

Најдоцна до 15 септември 2015, ќе биде назначен нов, специјален јавен обвинител со целосна автономија да ја води истрагата во врска со случаите на следењето на комуникациите. Специјалниот јавен обвинител ќе биде именуван во согласност на сите политички партии кои го потпишуваат овој договор.

На овој документ стојат потписите на сите четврица лидери на партии кои преговараа: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, односно Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи.

Катица Јанева, како решение прифатливо за сите учесници во преговорите, беше предложена за специјален обвинител по маратонските преговори, рано утрината на 15 септември 2015 година. На преговорите, исто така, е договорено и да се донесе нов закон за специјално обвинителство, а обвинителот да има слобода сам да ги избира своите соработници.

Собранието со 111 гласа „за“, односно сите присутни пратеници, на 15 септември 2015 година го изгласа Законот за јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Јанева положи заклетва на 16 септември 2015 година и официјално ја презеде функцијата.

Собранието му го одобри буџетот на специјалното обвинителство со 64 гласа „за“ и со еден воздржан, во јануари годинава. Предвидено беше од други институции да се пренаменат средства во износ од околу четири милиони евра заради непречено работење и за автономно функционирање на тимот на СЈО.

По изборот на Јанева, Гуревски изјави дека специјалниот јавен обвинител ќе ја има сета поддршка за ефикасно и професионално работење,  како и дека е  задоволен и од персоналното решение и од законските одредби кои ја регулираат работата на специјалниот обвинител.

Би сакал да го изразам моето задоволство од изборот на специјален обвинител, како и од постигнатиот договор за Законот за специјален обвинител. Исто така, би сакал да кажам, личноста која што е избрана се работи за висок професионалец која што има меѓународни обуки во Америка, Италија, и во други држави и кое што според нејзиното СВ, според она што досега го постигнала како нејзино искуство укажува дека ќе стане збор за личност која што е професионална, искусна, образована, стабилна и ќе може да се носи со работата.

 Она што, исто така,  сакам да го нагласам е дека оваа личност ќе ја има целосната поддршка од наша страна, во смисла на обезбедување на сите услови за работа, затоа што сакаме на најтранспарентен начин, на најефикасен начин да си ја обавува својата работа и да ја заврши оваа процедура, целата оваа работа којашто е предвидена со новиот Закон. (од 0.16- до 1.21 минута од видеото)

 

  1. 2. Што се однесува на делот од изјавата на Груевски во кој вели дека обвинителството не приложило ниту еден минимален правен доказ, може да се забележи дека на прес-конференцијата,  на СЈО, обвинителката, Фатиме Фетаи, точно, во детали го опиша случајот наречен ТНТ и постапката како и по чија наредба се извршило уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“.

И наспроти, тврдењето на Груевски, според Фетаи, „во овој случај за извршување на целокупните криминални активности за кои постои основано сомнение дека се извршени, наредба и подршка имало од највисокото тогашно раководство на државата и навидум се е покриено формално правно и документациски, сепак уште еднаш се докажува дека не постои совршен злостор“.

Фетаи на прес-конференцијата реча рече:

Имено, од прибраниот доказен материјал, произлезе основано сомнение дека во временскиот период од 01.05.2011 година до 17.08.2011 година,  во Скопје, тогашниот Претседател на Владата на РМ и Претседател на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот Министер за транспорт и врски во Владата на РМ, кои со Одлука бр.08-523/1 од 12.04.2016 г. на Претседателот на Република Македонија се помилувани-ослободени од кривично гонење, заеднички, со цел да му се одмаздат на оштетениот Фијат Цановски за неговата политичка одлука кој како претседател на политичката партија ПЕИ, ја напуштил коалицијата со политичката партијата ВМРО-ДПМНЕ и склучил коалиција со опозициската политичка партија СДСМ, искористувајќи ја нивната политичка моќ со умисла го поттикнале да стори кривично дело Градоначалникот на општина Гази Баба, кандидиран од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и кој исто така со Одлука бр.08-523/1 од 12.04.2016 г. на Претседателот на Република Македонија е помилуван-ослободен од кривично гонење, да тој ја искористи својата службена положба и да најде начин да незаконски го сруши станбено-деловниот објект Космос, што бил граден од оштетениот-инвеститорот ТД ФИНЕ ДОО Скопје и изведувачот КОСМОС ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ Скопје, трговски друштва каде сопственик е оштетениот Фијат Цаноски. (видео: Новатв, време: 17.26-18.59 минута)

Понатаму таа истакна дека,  според прибраните докази градоначалникот го прифатил налогот и искористувајќи ја својата функција, положба и надреденост ја повикал првоосомничената, службено лице-овластен градежен инспектор во Сектор за инспекциски работи во Одделение за урбанистичко градежна инспекција во Општина Гази Баба и  ѝ  кажал дека од врвот на партијата ВМРО-ДПМНЕ побарале да се најде начин незаконски да го сруши објектот. (видео: Новатв, време: 19.00-19.26 минута)

Меѓутоа, како што рече Фетаи:

Динамиката на уривање не одела во прилог на замисленото од страна на Претседателот на Владата и Министерот за транспорт и истите повторно дале налог или го поттикнале градоначалникот да во најкраток можен рок го сруши објектот Космос со експлозив. (видео: Новатв, време:22.19-22.38 минута)

Во  „бомбата“ број 5, од 27.02.2015,  што може да се најде на  Вистиномер во делот: Сите прислушувани разговори објавени од опозицијата (видео/аудио/транскрипти), според опозицијата, се слушаат разговори меѓу Никола Груевски и Миле Јанакиески, како актуелен министер за транспорт и врски во тоа време.

Во првиот разговор, Никола Груевски, тогаш премиер, му дава инструкции на Јанакиески да турка според планираното. Зборуваат во шифри (за тој Ф.Ц.) по што Груевски се интересира дали има некоја причина да се одлага и прашува дали Фијат Цаноски се јавувал кај Јанакиески. Тогашниот министер вели дека утре ќе биде испратено (решение или одлука) препорачано по пошта, а Груевски бара тоа да се случи попладнето, да не е „ептен од сабајле“.

Во третиот разговор помеѓу Никола Груевски и Миле Јанакиевски за „Космос“ поранешниот премиер се јавува со нова идеја – да се смени ГУП-от, и во него да се внесе парк, оти смета дека и да има можност Цаноски да гради според ДУП-от, поради ГУП-от нема да може да се издаде дозвола.

НГ: Миле ми текна друга варијанта. Ние да го смениме таму ДУП-от?

МЈ: Ама зборевме за тоа одамна, ОК.

НГ: Епа што чекаме, ако е ОК?

МЈ: Не, ама ме прашавте вие за тоа пред едно пет-шест месеци, јас ви кажав и вие рековте ОК. И не искомунициравме после.

НГ: Е зашо?

МЈ: Не знам.

НГ: Да го напраиме еден убав парк, со фонтани со чуда. А? Ќе треба да му ја експроприраме земјата.

МЈ: Не. Не мора ништо да правиме не може да гради. Доволно е, по мене, доволно е да му се намалат и габаритите нему.

НГ: И?

МЈ: Нема да има исплатливост. Ќе стаиме пе (П) плус пет и…

НГ: Како пет, Пе плус два.

МЈ: Добро сега, Пе плус, некоја големина, Пе плус ен нека биди и нема во јавност да речи дека еве не му даваме да гради а нема да гради…

НГ: А половина парк да го направиме а половина Пе плус два?

Во следните разговори од овааа „бомба“, се договара деталите од процедурата  за уривање на објектот, при што Груевски кажува дека смета дека треба да помине изборот на новата Влада, па на „ 29-ти да има акција“ и го предупредува Јанакиески да биде спремен, со документацијата. Потоа, во разговорот се дефинира Јанакиески и другите инволвирани да бидат подготвени „за понеделник, 1 август“, што според Груевски е „таман – фул сезона на годишни одмори“. Како што може да се види од разговорите, за кои  СДСМ тврди дека се меѓу Груевски и Јанакиески, Груевски со задоволство слуша како оди уривањето на објектот и се смее.

Имајќи го предвид сето ова може да се заклучи дека изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во двата сегмента:

  • СЈО стана институција под целосна контрола на СДСМ, се со цел рушење на неговиот углед и угледот на водството на партијата

  • Специјалното обвинителство не приложило ниту еден минимален правен доказ,

е невистинита.

ЛИНКОВИ:

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција