Хеликоптерот што испушта оган не ги предизвикува шумските пожари туку помага да се запрат

Фото: Принтскрин видео - ФБ пост

Тврдењето во постот дека некој  со хеликоптер намерно потпалува шумски пожари е неточно. Заклучокот е донесен паушално и ги измамува корисниците на социјалните мрежи. Хеликоптерот прикажан на видеото се користи за да се стопира понатамошното ширење на шумскиот пожар, односно за контролирано палење при што се прави  обрач околу огнот за да се спречи да има материјал што понатаму би се разгорувал

Тврдењето во постот дека некој со хеликоптер намерно потпалува шумски пожари е неточно. Заклучокот е донесен паушално и ги измамува корисниците на социјалните мрежи. Хеликоптерот прикажан на видеото се користи за да се стопира понатамошното ширење на шумскиот пожар, односно за контролирано палење при што се прави  обрач околу огнот за да се спречи да има материјал што понатаму би се разгорувал

 

 

На Фејсбук објава прикачено е видео на кое се гледа хеликоптер што се наоѓа во шумски предел кој го зафатил пожар, а од хеликоптерот виси направа која испушта оган. Притоа се тврди дека тоа е причината за шумските пожари. Ова не е точно.

Еве ја причината за ШУМСКИТЕ ПОЖАРИ, пишува во постот.

На видеото што е прикачено на објавата не му се знае точното потекло, ниту кога е снимано, ниту каде е снимано. Но, она што точно се гледа е видот на хеликоптерот кој е прикажан и неговата намера.

А, намерата не му е да пали односно подметнува шумски пожари, како што се тврди во објавата без притоа да се наведат повеќе докази како е дојдено до овој заклучок.

Ваков вид на хеликоптери се користат за да се стопира понатамошното ширење на шумски пожар, односно за контролирано палење при што се прави обрач околу огнот за да се спречи да има материјал што понатаму би се разгорувал.

 

Што е контролирано горење?

Контролирано горење, познато и како пропишано горење, вклучува подметнување планирани пожари за да се одржи здравјето на шумата. Овие горења се закажуваат во време кога пожарот нема да претставува закана за јавноста или оние кои го спроведуваат.

Но, освен за тоа се користи и како превенција од ширење на веќе постоечки пожари односно станува збор за периметарот што го создаваат пожарникарите околу огнот за тој да не се шири.

За разлика од пожар во куќа, кој за да се изгасне се употребува истурање на илјадници литри вода, за борба со шумски пожар не постои начин да се нанесе доволно вода за целосно да се изгасне, па затоа се распоредува работна сила, а многу често и се создава контролиран пожар за да се креира ситуација огнот да се остави без површина за согорување и со тоа сам да се изгасне.

Постојат повеќе начини за поставување контролиран пожар, но за нив се потребни луѓе на земја, во близина на огнот. Тоа може да биде тешко на нерамен терен и бара  многу работна сила за опожарување на големи површини. Во вакви ситуации се користи хеликоптер кој испушта оган.

Екипите кои се бореле со огромниот пожар во северна Калифорнија во 2015 година – кој веќе изгорел 70.000 хектари земја и уништил повеќе од 40 домови, искористиле понеобична опрема односно хеликоптер што „плука“ пламен.

Постојат неколку различни типови на ваков хеликоптер, но сите тие работат главно на ист начин односно огнот излегува од џиновска алатка која виси неколку десетици метри под хеликоптер, а пожарникарите можат точно да одредат каде сакаат да ја запалат вегетацијата.

Идејата е да се започне континуирана огнена линија дури и на нерамен и непристапен терен. Исто така, со помош на овој хеликоптер се палат врвовите на дрвјата, што е тешко за операции кои се изведуваат од земја.

 

Како функционира гаснењето оган со оган?

Пожарникарите не палат дрвја случајно, тие избираат планирана низа дрвја за согорување, имајќи ги предвид повеќе фактори, како насоката на ветерот и колку е блиску до поголемиот пожар што се обидуваат да го изгаснат.

Она што го прави изгорената низа дрвја е создавање пречка за ширење на пожарот, односно оставање празен и отворен простор во шума.

Стратешки поставената огнена линија што гори против ветрот пред пожар што напредува е всушност согорување на достапното гориво до кое огнот на крајот ќе стигне и со тоа може да се спречи да дојде до поголем пожар и тој да се шири.

Хеликоптерот што исфрла оган е брз и ефикасен начин да се направи пожар. Тој има резервоар гориво од 55 литри што виси неколку метри од средината на хеликоптерот. Во употреба е од 1975 година, и тој е ефикасен начин за гаснење на поголеми пожари многу побрзо отколку што би можел екипажот на луѓе.

Примери за користење на ваква опрема односно хеликоптер што испушта оган, за да се стави под контрола голем пожар, може да се погледнат на видеата тука, тука и тука.

Така што тврдењето во објавата што е предмет на оваа рецензија, дека некој на ваков начин намерно потпалува шумски пожари е неточно. Заклучокот е донесен паушално и ги измамува корисниците на социјалните мрежи. Всушност, вистината е дека овие хеликоптери се користат за да се изгасне веќе посетоечкиот пожар, а не да се предизвика.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција