Хроника за една нереализирана инвестиција: 5000 вработувања преку “Веибо – груп”

Почетната инвестиција ќе биде 180 милиони долари, а  вкупната инвестиција 400 милиони долари. Во последниот квартал од оваа година ќе почне изградбата на фабриката, а ќе биде оперативна следната година. Тие практично ќе станат најголем работодавач во Македонија бидејќи планираат да вработат до 5000 луѓе. Тоа е огромна бројка и планираат да се стационираат некаде во североситочна Македонија на потегот меѓу Крива Паланка, Ранковце, Куманово и Кратово затоа што сакаат да привлечат вработени од овие четири општини што ги спомнав ( Никола Груевски на 24.04.2014 година во интервјуто на Канал 5  –  од 2,39  до  3,18 минута од видеото) 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Една анегдота вели дека доколку се соберат сите ветувања за странски инвестиции и нови вработувања кои предизборно или во услови на владејачка криза се пролиферуваат на бројни јавни настапи на политичарите од владеачката гарнитура, Македонија би била земја со суфицитет на отворени работни места и приморана да увезува работна сила за да постигне баланс на пазарот на трудот!

Една такво грандиозна најава беше инвестицијата на турската компанија „Веибо- груп” најавена  на 24.04.2014 во екот на предизборната кампања за парламентарните избори во 2014 година, од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Досега оваа инвестиција е нереализирана.

Станува збор за конзорциум чиј светски центар се наоѓа во Кина, а европски  во Минхен, Германија. Најавата од страна на тогашниот премиер беше дека турскиот инвеститор „Веибо- груп” ,  ќе отвори текстилна фабрика за машка конфекција за базично и финално производство која ќе биде лоцирана во североисточна Македонија на површина од 40 хектари, а производите ќе се извезуваат во САД, Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Русија, Кина и Јужна Кореја. Првичната инвестиција беше планирано да биде во износ од 180 милиони долари, а во рок од пет години вкупните инвестиции во Македонија да достигнат и до 400 милиони долари. Беше најавено дека во рок од пет години се очекува извозот да достигне 600-800 милиони долари.

Почетната инвестиција ќе биде 180 милиони долари, а  вкупната инвестиција 400 милиони долари.Во последниот квартал од оваа година (2014) ќе почне изградбата на фабриката, а ќе биде оперативна следната година (2015). Тие практично ќе станат најголем работодавач во Македонија бидејќи планираат да вработат до 5000 луѓе. Тоа е огромна бројка и планираат да се стационираат некаде во североситочна Македонија на потегот меѓу Крива Паланка, Ранковце, Куманово и Кратово затоа што сакаат да привлечат вработени од овие четири општини што ги спомнав (Никола Груевски на 24.04.2014 година во интервјуто на Канал 5 –  од 2,39  до 3,18 минута од видеото

Понатаму во истото интервју, тогашниот премиер вели дека е важно неговата партија да добие 62 пратеници за да може без уцени и условувања од кој било коалициски партнер да ги реализира ветените над 2000 проекти.

Приближно две години по официјализирање на оваа планирана инвестиција, во Македонија нема текстилна фабрика на турскиот инвеститор “Веибо – груп”. Во мај 2015-та година, видео – порталот НОВА ТВ врши истражување околу текот на имплементацијата на оваа инвестиција. Во ова истражување се посочува дека фабриката „Oрка” на бизнисменот Орце Камчев била преземна од турскиот инвеститор, а производствените капацитети и машините биле продадени на „Веибо-груп Маседониа” за 2 милиони и 150.000 евра. Истата требало да стане обучен центар за работниците кои би биле ангажирани во погоните кои ќе се градат во зоната Ранковце, каде било одлучено да се наоѓа фабриката за текстил. Во истото истражување се наведува дека е извршена посета на планираната индустриска зона на која било видливо дека градежните активности се стопирани.

Таму најдовме само еден чувар на монтажните бараки со логото на „Веибо“. Стопирана е работата, не знам зошто, но пред два месеци ги собраа машините и отидоа. Два месеци немаме плата земено, нема никој тука, ни одговори чуварот откако прашавме дали може да поразговараме со претставници на „Веибо”. (Од истражувањето на ТВ Нова, 25.05.2015 година)

На 23.11.2015 година, 24 вести информира дека инвестицијата на „Веибо- груп” во слободната зона Ранковце е замрзната и дека инвеститорот спроведува активности за проверка на пазарот во Србија – Врање, за градење на погон за текстилна индустрија.

Во 2014 година „Веибо Груп“ најави план за изградба на најголемиот интегриран текстилен центар во Европа, во зоната во Ранковце, но во моментов овој проект е во мирување. Токму неможноста за наоѓање на соодветна работна сила за реализација на големите производни таргети за потребите на постоечката фабрика во Крива Паланка за задоволување на своите интернационални клиенти, е главната причина зошто инвестицијата во Ранковце е засега во застој“, соопштуваат од Веибо Груп. (Кога ќе се оствари инвестицијата од 400 милиони долари на турски „Веибо груп“? 24 Вести, 23.11.2015 година)

Официјалната веб – страна на “Веибо- груп” во Македонија е нефункционална. Во октомври 2015 година, Српски медиум информира дека Владата потпишала меморандум за разбирање со турската компанија „Веибо- груп”, со која се планира изградба на производствен погон во Врање кој треба да донесе 6000 нови вработувања. Случајно или не, станува збор за истиот проект кој беше најавен да започне во Македонија. На веб-страната на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, “Веибо-груп” не фигурира како корисник.  На деталниот преглед на индустриската развојна зона Ранковце нема приказ дека  таму е корисник „Веибо-груп”.

Имајки ја предвид оваа анализа, може да се заклучи дека ветувањето на тогашниот премиер,  Никола Груевски за изградба на текстилна фабрика (турска инвестиција) која ќе донесе 5000 нови вработувања е неисполнето. 

 

ЛИНКОВИ:

 

Оценето од: Mилена Јосифовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција