Исклучените од следната година нема да плаќаат парно

Фото: pixabay/flickr

Последната информација добиена од владата денеска е дека домаќинствата исклучени од парно од следната година ќе бидат ослободени од паушалот, кога се планира да почне примената на новиот Закон за енергетика и да бидат донесени подзаконските акти со кои ќе се регулира ова прашањето

 

ВЕТУВАЊЕ: Граѓаните кои не користат парно, нема да плаќаат.

(Зоран Заев, премиер на РМ во експозето при избор на новата Влада, 15 мај 2017 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето кое премиерот Зоран Заев во својство на мандатор го даде во говорот пред пратениците за време на изборот на новиот состав на Владата, на 15 мај годинава, почна да се реализира. Последната информација добиена од владата денеска е дека исклучените од парно ќе треба да почекаат до следната година, кога се планира да почне примената на новиот Закон за енергетика и да бидат донесени подзаконските акти со кои ќе се регулира прашањето.

Владината прес служба соопшти дека Владата прашањето планира да го уреди до подзаконските акти кои треба да бидат донесени по донесувањето на новиот Закон за енергетика.

Домаќинствата кои се исклучени од централното греење во Скопје следната година ќе бидат ослободени од плаќање на паушалот, што во моментов го плаќаат. Проблемот со кој се соочуваат граѓаните Владата предвиде да го реши во рамки на новиот предлог Закон за енергетика. Во подзаконските акти на Законот за енергетика што ќе се воведе во текот на 2018 година се предвидени специфични решенија, со кои во рамките на законската регулатива ќе се реши оваа наследена ситуација, вели во соопштението. (МИА- 22. 12.2017 – Влада: Исклучените домаќинства од централно градско греење нема да плаќаат паушал во 2018.)

Ова соопштение на Владата дојде по одлуката на Уставниот суд да ја отфрли иницијативата на на здружението „Но пасаран“ за оценување на уставноста на обврската исклучените од парно да не плаќаат со што се продолжи важноста на членот 66 од „Правилата за снабдување со топлинска енергија“, донесени од Регулаторната комисија за енергетика. Со овие правила беше воведена обврска граѓаните што не користат топлинска енергија да плаќаат паушален надомест.

Соопштението на Владата дојде и како резултат на рекациите на граѓаните дека прашањето за исклучените не е влезено во новиот Закон за енергетика, со чиј член 155 се регулираат мерните уреди.

Ветувањето дека исклучените од парно нема да плаќаат за услугата што не ја користат, Зоран Заев, во својство мандатар го даде во експозето пред пратениците во Собранието пред изборот на новата Влада на 15 мај годинава.

Сакам да порачам дека е доста од реваншизми и партиски отпуштања. Никој да не чувствува страв за своето работно место. Граѓаните кои не користат парно, нема да плаќаат. Ќе ги намалиме казните, ќе ја укинеме радиодифузната такса, ќе има бесплатно болничко лекување. Ќе воведеме енергетски ваучери за струја, ќе се намалат 50 проценти за енергетски гас за секое семејство. Ќе ги покачиме платите на специјалистите на 100 илјади денари, ќе го укинеме екстерното тестирање. Ќе го решиме проблемот со јавните службеници што земаат плата, а не работат. Клучна цел за социјалната политика е намалување на сиромаштијата. Пензиите ќе се усогласуваат според трошоците за живот, посебно ќе посветиме внимание младите да останат и да работат во Македонија, рече Заев. (Мкд.мк 30 мај 2017 – Заев: Минималната плата ќе биде 12 илјади, парно ќе плаќаат само тие што го користат, нема да толерираме криминал).

Неколку месеци подоцна (6 септември) во својство на премиер, Зоран Заев имаше средба со Ружица Попева-Наумова, членка на Управниот одбор на Здружението за заштита на граѓански права „Но пасаран“ и со други членови на здружението.

Од прес службата на Владата беше соопштено дека таа бара решение на проблемот со исклучените од парно.

На средбата премиерот Заев соопшти дека Владата веќе бара начин за решавање на овој горлив проблем за граѓаните во согласност со законските прописи и дека што побргу ќе предложи начин како ќе се отстрани оваа неправда. Премиерот Заев ги потврди цврстите заложби на Владата да работи во служба на граѓаните и во тој правец ќе се носат решенија кои ќе превенираат вакви проблеми да се случуваат во иднина, соопшти владината прес-служба. (Макфакс: 6 септември – Заев: Ќе им го решиме проблемот на граѓаните исклучени од централното парно греење)

Ако се земат предвид сите изјави на премиерот и соопштенијата на владината прес служба, може да се каже дека ова ветување на премиерот почна да се реализира.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Рада Исовска-Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција