Исконструиран напад врз Преспанскиот договор преку лажна археолошка вест

Нешто што се случило во Турција е прикажано како археолошко откритие во земјава. И, наводно дошле грчки археолози и го „извезле“ откритието

 

Нешто што се случило во Турција е прикажано како археолошко откритие во земјава. И, наводно дошле грчки археолози и го „извезле“ откритието

 

 

По социјалните медиуми деновиве е пласиран пост за наводно значајно археолошко откритие во Македонија, кое го презеле грчки археолози. Таквата постапка наводно произлегувала од одредбите на Преспанскиот договор каде стоело дека „археолошките наоѓалишта во Македонија се дадени на управување. Дури сега се гледа како изгледа легална кражба и извоз на македонско културно наследство“.

Но, со многу едноставно пребарување на фотографиите брзо се доаѓа до нивниот извор, при што станува збор за археолошко наоѓалиште во градот Ајдин во Турција. Се работи за гробници со два саркофази во близина на античкиот град Афродизијас, како резултат на ископувањата спроведени од страна на локалниот музеј, кој се смета за еден од петте најбогати во оваа земја, по изложените предмети и богатството што го поседува. Ова неодамна беше ударна вест на светските медиуми, при што овде ја препорачуваме ТВ веста за настанот од Каналот SAT 7 Turk.

Се работи, значи, за класично преземање на значајна вест од архерологијата, ама со сместување во наше поднебје! Преземени се фотографии од процесот на ископување на гробниците каде биле сместени саркофазите, подоцна извадени и сместени во соодветни услови. Најденото богатство има обележја на египетската култура.

Секако, целта на оваа класична измама е да се претстави Преспанскиот договор како штетен. Дали е воопшто можно ова што го тврди овој сајт да се случи, дури и ако археолозите работеле на наша територија?

Сè што е ископано како културна вредност останува и припаѓа онаму каде тоа се лоцирало. Преспанскиот договор претпоставува дека античките артефакти треба да бидат третирани токму како – антички, а не да бидат „книжени“ како дел од некаква етнографска хронологија – накусо ни објасни Валентино Димитровски од Управа за заштита на културното наследство .

Вкавиот став јасно покажува дека сите археолошки наоди остануваат во нашата земја. А, она што е дополнително важно да се наведе е и фактот дека во Преспанскиот договор нема таква одредба.

Оваа вест беше проверена и од колегите од F2N2, кои дојдоа до истите заклучоци. Во нивниот напис е пренесен и твитот од Дирекцијата за култура и туризам на градот Ајдин, како и линкови до повеќе написи од турски медиуми кои го потврдуваат потеклото на овие фотографии.

Со оглед на сето ова, според „Вистиномер“ станува збор за изнесување на груби невистини во овој пост, како и за обид за измама на јавноста, заради што сметаме дека изнесените тврдења во постот претставуваат дезинформации.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција