Изградбата на водоводот до Сончев град ги проби сите рокови

Со години се најавува изградбата на водоводот од Патишка Река до Сончев град Фото: Принтскрин

Проект: Изведба на првична водоводна мрежа од Патишка Река до Сончев град (Рок: септември 2015 година)

                Изведба на второстепена водоводна мрежа од Патишка Река до Сончев град (Рок: декември 2016 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на градоначалникот на Општина Сопиште Стевче Трпковски (ВМРО ДПМНЕ), дека ќе биде изграден водоводот Патишка Река – Сончев град , на самиот крај на неговиот четиригодишен мандат,  не е исполнето.

Трпковски како прв на листата на приоритетните проекти од изборната Програма  (стр.11) со која настапи на локалните избори во 2013 година, им вети изградба на регионален водовод кој ќе носи квалитетна вода за пиење од селото Патишка Река за новата населба Сончев град, како и за други населби во Општина Сопиште, при што изведбата на првичната и на секундарната водоводна мрежа требаше да заврши до крајот на 2016 година (стр.33).

Според информациите до кои може да се дојде,  не е завршена ниту првата фаза на изградбата на водоводот, за која во изборната Програма на Трпковски (стр.33) стои дека требало да биде комплетирана до крајот на 2015 година. Пребарувањето на содржините на интернет како најнови ги исфрла написите од 3 јули 2016 година, кои информираат на за тоа дека е одбрана фирмата која треба да го изведува водоводот, како и тоа дека овој инфраструктурен проект треба  да биде целосно завршен за една и пол година. Во вестите и прилозите кои датираат неколку дена претходно за посетата на претседателот на ВМРО ДПМНЕ и екс-премиер Никола Груевски на Сопиште, децидно се вели дека биле надминати одредени проблеми со месното население и дека изградбата на водоводот е почната. Се пренесува изјавата на Груевски во која вели дека:

Станува збор за инвестиција од 2,5 милиони евра со која ќе биде решено водоснабдувањето на 10 населени места,

населени со различни етнички заедници, прилично раштркани села, повеќедецениски проблем на жителите, на кои водовод им бил ветуван од други политички гарнитури, но е реализиран.

Ние го дадовме ова ветување, ги надминавме и пречките и проблемите со кои објективно се соочивме и кои во одреден период малку не закочија и сега веќе овој водоводен систем се гради.

Сепак, освен најавата на Груевски нема ниту една информација или напис ниту во медиумите, ниту пак на официјалната веб-страница на Општина Сопиште за тоа како се одвива реализацијата на изградбата на водоводот. Иако писмено се обративме до Општина Сопиште, барајќи да не информираат како тече реализацијата на овој проект, до моментот кога е пишуван овој текст, одговор на тоа прашање не добивме. Во неколку свои изјави за медиуми и гостувања во ТВ емисии, градоначалникот Трпковски зборува за инфраструктурните проекти кои се реализирани или се во тек на реализација во Општина Сопиште, но ниту еднаш не ја информира јавноста за тоа до каде е изградбата на водоводот Патишка река – Сончев град.

Отсуството на какви било информации кои ќе ја актуелизираат темата за изградба на водоводот речиси девет месеци по најавите дека почнала изведбата и молкот на надлежните, укажува на тоа дека не е на повидок скорешна реализација на ветувањето за изградба на водоводот Патишка река – Сончев град, па поради ова ветувањето се смета за нереализирано.

Инаку, овој водовод треба да донесе квалитетна вода за пиење до новата елитна населба Сончев град, инвестиција на компанијата „Џеваир Холдинг“,  која треба да никне на југоисточните падини на Водно, во атарот на селото Сопиште и за чиишто потреби се гради и скратен пристапен пат од Скопје преку Водно. Водоводот кој треба да ги зафати водите од реонот на селото Патишка Река под Јакупица се најавува повеќе од една деценија. Во 2007 година, кога тогашната влада најави изградба на водоводот, дојде до протести на месното население, по што запре реализацијата на проектот. Почеток на изградбата на овој водовод изминатите години повеќепати беше најавуван како од екс-премиерот Груевски, така и од други истакнати претставници на ВМРО ДПМНЕ.

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Југослава Дуковска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција