Изграден паркот „Бановина“ во Горно Лисиче
Хортикултурно и партерно уредување на јавната површина во локалното место наречено Бановина во Горно Лисиче (Средства во износ од 45.000.000 ќе се обезбедат од буџетот на Општината. Рок: декември 2013 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Паркот „Бановина“ во Горно Лисиче е пуштен во употреба во септември 2013 година. Ова е исполнето ветување на градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски, дадено во неговата Изборна програма (2013-2017), Нови дела за нов напредок, нови дела за подобар Аеродром! (Зелени површини и урбана опрема, стр. 30).
Градежните работи за изградба на паркот „Бановина“ стартуваа на 14 март 2013 година, десет дена пред првиот круг на локалните избори – 24 март 2013 година. Тогаш беше кажано дека паркот ќе биде на површина од 6.500 метри квадратни и ќе се состои од зеленило со површина од околу 2.300 метри квадратни, езеро од 550 метри квадратни на две нивоа со пешачки мост и видиковец, додека за најмладите посетители на паркот е планирано да се направи детско игралиште. Исто така, беше соопштено и дека „висината на финансиските средства кои ќе се вложат во проектот изнесува 34.522.080 денари или околу 560 илјади евра, а времетраењето на потпишаниот договор за изградба на паркот „Бановина“ изнесува 12 месеци“.
На означувањето на почетокот на изградбата на зелениот парк присуствуваa градоначалникот на Oпштина Аеродром , Ивица Коневски, како и министерот за здравство Никола Тодоров. Градоначалникот на Аеродром и кандидат за втор градоначалнички мандат, Коневски, тогаш изјави:
Со изградбата на овој парк граѓаните од Горно Лисиче ќе добијат зелено катче за одмор и рекреација, а Аеродром уште еднаш ќе го потврди атрибутот на најзелена општина. Особено сме горди што општина Аеродром стана препознатлива по нејзините прекрасни паркови.
На 12 септември 2013 година претседателот Ѓорѓе Иванов и градоначалникот на Општината, Коневски го предадоа во употреба паркот „Бановина“.
Овој парк се споменува и во Отчетот на Коневски за 2013 година (стр.24), каде, меѓу другото, е напишано:
Станува збор за хортикултурно и партерно уредување на паркот во Горно Лисиче со вкупна површина од околу 6.500 квадратни метри. Паркот содржи зелена површина од околу 3.000 квадратни метри, уредена со висока и ниска вегетација со 50 видови зимзелени и листопадни растенија, меѓу кои стотина дрвја главно платан, јавор и туја, стоти на цветни грмушки и 200 барски растенија. Новиот парк, исто така, содржи и езеро на две нивоа со пешачки мост, а над езерото е поставен видиковец. Другите содржини во паркот се детско игралиште (со лулашки, клацкалки, лиз галка и вртелешка), пешачки патеки, жардиниери, чешми за пиење вода, канти за отпадоци и клупи. Паркот е комплетно осветлен со нови штедливи канделабри и со сопствен систем за наводнување на зеленилото. Изградбата на паркот чини 35 милиони денари, средства издвоени од Буџетот на Општина Аеродром
ИЗВОРИ:
- Извор: Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ и Ивица Коневски (2013-2017), Нови дела за нов напредок, нови дела за подобар Аеродром! (Зелени површини и урбана опрема, стр. 30) [Пристапено: 30.06.2016]
- Веб-страница на Општина Аеродром: Отчет на градоначалникот на Општина Аеродром (2013) (стр.24) [Пристапено: 30.06.2016]
- Тајм.мк (14.03.2013): Започна изградбата на паркот Бановина во Горно Лисиче [Пристапено: 30.06.2016]
- Билд (14.03.2013): Започна изградбата на паркот „Бановина“ во Горно Лисиче [Пристапено: 30.06.2016]
- Е вести (14.03.2013): Модерен парк се гради во Горно Лисиче [Пристапено: 30.06.2016]
- Тајм.мк (12.09.2013): Горно Лисиче доби парк со површина од 6.500 метри квадратни [Пристапено: 30.06.2016]
- Билд (12.09.2013): Горно Лисиче доби парк со површина од 6.500 метри квадратни [Пристапено: 30.06.2016]
Оценето од: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар