Изградени само дел од ветените патишта во Општина Дебрца

С. Оздолени Фото: debrca.gov.mk

Ветувањето на градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески „Дебрца Општина без кал“, како клучен  проект во неговата изборна програма „Живот во Дебрца за сите“, со која излезе на локалните избори во 2017 година, е  делумно реализирано. Во рамките на ова ветување наведени се девет поважни инфраструктурни проекти кои се однесуваат на реконструкција на патната инфраструктура и требаше да бидат завршени  во 2021 година. Досега се реализирани три проекти, а за дел од ветените проекти се направени одредени активности во насока на нивно исполнување. Така што, ова покомплексно изборно ветување на градоначалникот Ногачески за подобрување на инфраструктурата во Општина Дебрца, според методологијата на „Вистиномер“ го оценуваме како делумно исполнето.

Ветување: Нашата цел е Дебрца да биде општина без кал. Ќе се заложиме на секој граѓанин да му обезбедиме асфалтиран пристапен пат.

Ова се поважните делници во нашиот план за развој на патиштата во општина Дебрца:

  • Реконструкција на целата делница од Регионалниот пат село Ботун – село Брежани
  • Подобрување на регионалното патно поврзување на општина Дебрца со општина Струга, со доизградба на патните правци: село Волино-село Мороишта и село Требеништа – село Мислешево ( со средства за регионален развој на Југозападниот плански регион)
  • Реконструкција на општински пат село Злести- село Белчишта
  • Реконструкција на општински пат село Арбиново – врска со А2
  • Асфалтирање на пат за развој на селски/ верски туризам и рекреација од с. Злести до манастир Св. Богородица
  • Асфалтирање на пат за развој на селски/ верски туризам и рекреација од Млин Илинче с.Мешеишта до Црква Свети Илија
  • Дозавршување на реконструкцијата на општинскиот пат село Мешеишта – село Волино
  • Изградба на пат село Издеглавје – Црква Св. Никола
  • Изградба / реконструкција на улици во селата
  • Одржување на патната инфраструктура и чистење од крајпатната вегетација

Модернизација на општинската патна инфраструктура и подобрување на патното поврзување на општината со соседните општини.

[Извор: Изборна програма на градоначалникот Зоран Ногачески „Живот до Дебрца за сите“ стр. 18;  Датум: Октомври 2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески „Дебрца Општина без кал“, како клучен  проект во неговата изборна програма „Живот во Дебрца за сите“, со која излезе на локалните избори во 2017 година, е  делумно исполнето.

Во рамките на ова покомплексно ветување наведени се девет поважни инфраструктурни проекти кои се однесуваат на реконструкција на патна инфраструктура и требаше да бидат завршени во 2021 година.

Од деветте ветени инфраструктурни проекти досега се реализирани само три:

– Реконструкција на делницата од Регионалниот пат село Ботун – село Брежани

– Реконструкција на општински пат село Арбиново – врска со А2

– Изградба / реконструкција на улици во селата (Изградени/ асфалтирани се улици во населените места: Оровник, Горенци, Требеништа, Волино, Ботун, Белчишта, Слатино, Арбиново, Врбјани, Годивје, Лактиње, тампонирани се улици во село Оздолени и село Брежани, при што се инвестирани околу 10.000.000 денари, согласно годишните програми за патишта на Општина Дебрца.)

Шест проекти од ветени реконструкции на патишта останаа нереализирани:

Реконструкција на делницата село Требеништа – село Мислешево

-Реконструкција на општински пат село Злести – село Белчишта

– Асфалтирање на пат за развој на селски/верски туризам и рекреација од с. Злести до манастир Св. Богородица

– Асфалтирање на пат за развој на селски/верски туризам и рекреација од Млин Илинче, с.Мешеишта до Црква Свети Илија

– Дозавршување на реконструкцијата на општинскиот пат село Мешеишта – село Волино

-Изградба на пат село Издеглавје – Црква Св. Никола

Од локалната смоуправа велат дека за дел од овие проекти е изготвена инвестициско-техничка документација, аплицирани се за одобрување и се очекува нивна реализација. За некои е завршена и тендерска постапка и избран изведувач за отпочнување реконструкција во следниот период.

Една од причините што дел од ветените проекти не се реализирани според посакуваната динамика е тоа што за поголемиот број на патни правци немаше инвестиционо-техничка документација (проекти за инфраструктура и основни проекти ), која мораше да ја изработиме, потоа ковид кризата исто така имаше влијание да се стават во мирување некои активности од страна на централната власт и секако, и тоа што за аплицираните проекти од програмата „Поврзување на општинските патишта“, постапките за одобрување од Светска банка и потоа за тендерирање се подолги и посложени од оние според националното законодавство, вели градоначалникот Зоран Ногачески во изјава за „Вистиномер“.

За нереализирани проекти Ногачески зборуваше и во интервјуто објавено на официјалната страница на Општина Дебрца.

Се разбира дека има и проекти кои сме ги планирале, ама не сме успеале да ги реализираме, како на пример во делот на капиталните инвестиции изградба на фекални канализации за неколку села, а има и некои проекти кои не сме ги реализирале со планираната динамика. Не би сакал да барам оправдување, ама мораме да потенцираме дека една од причините е и актуелната пандемија предизвикана од ковид 19 вирусот. Веќе втора година од мандатот го тераме во ковид состојба. Последиците од тоа се неминовни, рече Ногачески во интервју објавено на 22 јануари 2021.

Со оглед на тоа што досега се реализирани дел од ветените инфрструктурни проекти, а за дел од нив се направени активности во насока на нивно исполнување, ова крупно изборно ветување на градоначалникот Ногачески за подобрување на инфраструктурата во Општина Дебрца,  според методологијата на „Вистиномер“, го оценуваме како делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Соња Рилковска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција