Измислена изјава на Орбан се споделува за да се промовира про-Кремљ наративот за војната во Украина

Виктор Орбан. Фото:: Annika Haas, 2017, Flickr

Европскиот парламент ја осуди средбата на Орбан со Путин, но не е вистина дека ЕУ побарала од Орбан тој да плати 2 милиони евра, како и тоа дека тој немал пари па Путин и Кси Џинпинг се понудиле да му позајмат, како што се тврди во објавата. Вистиномер се обиде да најде ваква изјава на Орбан на македонски, англиски и унгарски јазик, но такво нешто нема

 

Европскиот парламент ја осуди средбата на Орбан со Путин, но не е вистина дека ЕУ побарала од Орбан тој да плати 2 милиони евра, како и тоа дека тој немал пари па Путин и Кси Џинпинг се понудиле да му позајмат, како што се тврди во објавата. Вистиномер се обиде да најде ваква изјава на Орбан на македонски, англиски и унгарски јазик, но такво нешто нема

 

Анализираме објава на Фејсбук во која се пренесува наводно искажан цитат од унгарскиот премиер Виктор Орбан, како реакција на осудата од ЕУ за неговата посета на Москва и средбата со рускиот претседател Владимир Путин.

Денеска ЕУ ме осудува затоа што отидов во Москва и разговарав со Владимир Путин.  Ме осудуваат да платам сума од 2 милиони евра на Европската Унија затоа што правам се што е можно за да има мир во светот.  Јас немам 2 милиони евра, парите се кај Вас, не кај мене.  Немам пари ниту на личната сметка.

Владимир Путин и Си Џинпинг ми понудија 4 милиони евра за да ја платам оваа сума за која сум осуден.  Јас не прифатив.  Зошто да Ви дадам пари?

Затоа што јас се борам за мир додека вие се подготвувате за војна?  Никогаш не сум земал пари од ЕУ, НАТО и САД за време на мојата администрација.  Никогаш!

Не сум земал пари ни од Кина или Русија!

Но кажете Вие ЕУ дека се подготвувате за војна, кажете им на децата на ЕУ дека ќе гинат како Украинците за Вашите интереси.

Сè за вас е пари, сè е пари.

Жал ми е за Вас.  Во Украина сте за пари, за многу пари.  Поради Вас умираат братски народи.  Нема да Ви дадам пари, но додека сум жив ќе се борам за мир во светот, за да не умираат повеќе деца.

Нема да дозволам поради Вас да умираат деца од мојата земја и деца на земјите од ЕУ, нема да дозволам.  И ако сакате да знаете за што разговарав со Путин и Кси, разговаравме за фактот дека ниту Путин ниту Кси не сакаат војна. Вие сакате војна, не тие.  Путин секогаш бил подготвен за преговори, но никој не ги сакал.  Вие сте хиени жедни за крв, за крвта на децата.

Во изјавата на Орбан која се споделува тој наводно вели дека Европската Унија го осудила затоа што ја посетил Москва и се сретнал со Путин и, за тоа барала од него да плати казна 2 милиони евра. Орбан наводно рекол дека нема толку пари, па Путин и кинескиот претседател му понудиле да му дадат 4 милиони евра по што тој ги одбил.

Понатаму во наводната изјава, се пренесуваат наводни зборови на Орбан дека ЕУ го осудила затоа што тој сакал да постигне мир меѓу Русија и Украина, а Европа е таа која сака војна.

Тука се насетува добро познатиот руски наратив дека Европа и Западот се тие кои ја поддржуваат војната во Украина и ги тераат Украинците да се борат, додека Русија и Кина се единствените кои се залагаат за мир.

Прво, изјавата која се споделува и за која се тврди дека ја дал Орбан е лажна. Тој никаде не изјавил вакво нешто. Вистиномер проба да најде ваква негова изјава на македонски, англиски и унгарски јазик, но не успеавме. Консултиравме и наши познаници од Унгарија кои ги замоливме да проверат дали можеби во некои унгарски медиуми сретнале ваква изјава на Орбан, но и тие не најдоа.

Што укажува на тоа дека изјавата е измислена.

Точно е дека Европскиот парламент ја осуди средбата на Орбан со Путин, но не е виститна дека ЕУ побарала од Орбан тој да плати 2 милиони евра, како и тоа дека тој немал пари па Путин и Кси Џинпинг се понудиле да му позајмат.

Европскиот парламент ја опиша посетата на Орбан на Русија како „еклатантно кршење на договорите на ЕУ и заедничката надворешна политика“.

На гласањето во средата, членовите на Европскиот парламент го осудија состанокот со усвојување на резолуција која предвидуваше посветеност на Парламентот да ја задржи својата поддршка за Украина. Околу 495 европратеници гласаа за проукраинската резолуција, а 137 гласаа против, јави Политико.

Орбан ја посети Москва на почетокот на јули, како дел од, како што ја нарече „мировната мисија“ за да разговара со Путин за условите што би можеле да донесат крај на руската војна против Украина.

Посетата ги потресе Брисел и главните градови на Европската Унија, бидејќи се случи неколку дена откако Унгарија го презеде кормилото на претседателството со Советот на ЕУ и Орбан посочи дека го претставува блокот како целина.

Ротирачкото претседателство со ЕУ нема мандат да се ангажира со Русија во име на ЕУ. Европскиот совет е јасен: Русија е агресор, Украина е жртва. Ниту една дискусија за Украина не може да се одржи без Украина, напиша шефот на Европскиот совет, Шарл Мишел на Х на почетокот на јули.

Како реакција на посетата, украинскиот претседател Володомир Зеленски оцени дека Орбан не може да посредува бидејќи Унгарија не е доволно силна.

Треба да имате економија која влијае на Русија, а Путин зависи од тоа. Или имате многу моќна армија од која се плаши Путин, која е посилна од руската, изјави тој.

Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, ѝ го одзеде правото на Унгарија да го организира следниот состанок на министрите за надворешни работи и за одбрана на земјите членки на Унијата, поради ставот кон војната во Украина.

Во лажната изјава на Орбан се насетува добропознатиот руски наратив дека Европа и Западот се тие кои ја поддржуваат војната во Украина и ги тераат Украинците да се борат, додека Русија и Кина се единствените кои се залагаат за мир.

Што се однесува до ставот на Унијата за војната во Украина, ЕУ и нејзините земји-членки се обединети во нивната непоколеблива поддршка за Украина и цврсто ја осудуваат руската брутална воена агресија против Украина и нелегалната анексија на украинските региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон. Тие, исто така, го осудуваат учеството на Белорусија во руската воена агресија.

Лидерите на ЕУ во неколку наврати побараа Русија веднаш да ги прекине своите воени акции, безусловно да ги повлече сите сили и воена опрема од Украина и целосно да го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина. Тие го истакнаа правото на Украина да ја избере својата судбина и го пофалија народот на Украина за нивната храброст во одбраната на својата земја.

ЕУ покажа единство и сила и ѝ обезбеди на Украина хуманитарна, политичка, финансиска и воена поддршка.

ЕУ ќе биде со вас и вашиот народ утре и онолку долго колку што е потребно. Ќе бидеме веднаш покрај вас за да ја обновиме модерната, просперитетна Украина цврсто закотвена на нашиот заеднички европски пат, изјави Мишел на 3 февруари 2023 година на прес-конференцијата на самитот ЕУ-Украина во Киев.

Поради сето погоре, оценуваме дека објавата која ја анализираме е неточна.

 

 

 



 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција