Извршителката е осомничена за напад врз новинар, не е притворена

Фото: Принтскрин mvr.gov.mk

Иако Обвинителството побара мерка притвор за осомничената извршителка, барањето беше одбиено од страна на судот и е во процес на жалба. Не е точно наведеното во објавата дека извршителката осомничена за напад врз новинар била притворена, туку за неа се определени мерки на претпазливост и не е во притвор

Иако Обвинителството побара мерка притвор за осомничената извршителка, барањето беше одбиено од страна на судот и е во процес на жалба. Не е точно наведеното во објавата дека извршителката осомничена за напад врз новинар била притворена, туку за неа се определени мерки на претпазливост и не е во притвор

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се известува за настан кој претходно беше медиумски третиран и се однесува на извршителката Весна Јакимовска и новинарот Фуркан Салиу од Портал Икс.

Откако новинарот Фуркан Салиу излегол на терен, на локација каде била и извршителката Весна Јакимовска, таа го отстранила неговиот микрофон и го скршила, по што Салиу отишол и во полициска станица да дал исказ. Текстот  споделен во објавата што е предмет на рецензијата, известува за овие настани. Во насловот на текстот е наведено дека извршителката Јакимовска е притворена, што не е вистина:

Притворена извршителката Весна Јакимовска, по нападот на новинарот Фуркан Салиу таа нападнала и полицаец.

Во содржинскиот дел на текстот во кој се споделува известувањето од МВР никаде не се наведува дека Јакимовска е притворена.

На 21.03.2024 во 23.20 часот, полициски службеници од ОВР Кичево ја лишиле од слобода В.Ј.(60) од Скопје. Таа, претходно, на улицата „Трајче Стрезоски“ во Кичево физички го нападнала Ф.С.(33) од Скопје и ја оштетила неговата службена опрема, а потоа во службените простории на ОВР Кичево, каде била повикана на разговор, физички го нападнала полицискиот службеник и го уништила изготвениот службен материјал. По целосно документирање на настанот, против неа ќе биде поднесена соодветна пријава, се наведува во полициското соопштение.

Инаку, точно е дека Јавното обвинителство бараше притвор за Јакимовска, но тој не беше одобрен од страна на судот. Судијата на претходна постапка одлучи на Јакимовска да ѝ се определи  мерка на претпазливост.

По ваквата одлука на судот, од ОЈО Кичево најавија дека ќе вложат жалба на одлуката.

Инаку, ОЈО Кичево информираше дека повеле постапка и предложиле притвор за извршителката Весна Јакимовска, поради сомнение дека физички нападнала новинар кој се обидувал да сними изјава од неа во врска со нејзиното постапување во конкретен предмет во извршувањето. Потоа била повикана да даде исказ во полициска станица, а таму според соопштението на ОЈО, таа го уништила изготвениот службен материјал и физички го нападнала службеникот.

ОЈО Кичево поведе постапка против извршителка за која постои основано сомнение дека во стек ги сторила кривичните дела – Спречување на службено лице во вршење  службено дејствие од член 382 став 3 во врска со став 1, Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 2 во врска со став 1 и Фалсификување или уништување деловни книги од член 280 став 2 од Кривичниот законик. Осомничената 60-годишна извршителка за Кичево најпрвин на 21 март спречила службено лице – новинар кој се обидел да сними изјава од неа во врска со нејзиното постапување по предмет на извршување. Физички го нападнала и ја оштетила опремата на новинарот. Откако била пријавена и повикана во полициска станица да даде исказ, осомничената физички нападнала полициски службеник и го уништила изготвениот службен материјал. Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Кичево достави предлог за определување мерка притвор за осомничената, која во текот на целиот настан продолжувала да се заканува поради што јасно постои опасност од повторување на делото, објави Обвинителството.
Меѓутоа, судот го одби барањето на Обвинителството за предложениот притвор за извршителката.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како делумна невистина. Не е вистина дека извршителката осомничена за напад врз новинарот Фуркан Салиу е притворена.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција