Каевски: За 10 години Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не изградија ниту еден студентски дом
На 25.05.2016 година, неколку медиуми меѓу кои и порталот Плусинфо го пренесоа излагањето на Дарко Каевски, потпретседател на младите социјалдемократи, а во врска со состојбата во студентските домови во земјата. Каевски, меѓу другото, го изјави следното:
За 10 години Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не изградија ниту еден студентски дом
[Извор: Плусинфо (0:50 – 0:56 минута од видеото) Датум: 25.05.2016]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Станува збор за вистинита изјава на потпретседател на младите социјалдемократи, Дарко Каевски, бидејќи изградбата на нови студентски домови беше за првпат најавена од страна на Владата во ноември 2015 година.
Веднаш по излагањето на Каевски, ВМРО-ДПМНЕ излезе со свое соопштение до јавноста. Во соопштението, меѓу другото, се дава детален осврт на активностите на Владата во врска со реконструкција на студентските домови.
Се истакнува дека се изградени нови сместувачки капацитети во состав на Студентскиот дом „Стив Наумов”, за што се издвоени 103 милиони денари. Понатаму се вели дека е започната темелна реконструкција на Студентскиот дом “Гоце Делчев” со што целосно е реконструиран и опремен блокот Б, дека во тек е реконструкција на блокот А, и дека ќе следи реконструкција на блоковите В и Г. Во соопштението се објаснува и дека во тек е постапка за целосна замена на инвентарот во сите студентски домови во земјата како и набава на нови лифтови, перални и сушални.
Она што не е демантирано во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ е дел од изјавата каде се вели дека „За 10 години Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не изградија ниту еден студентски дом”.
Изградбата на нови студентски домови не беше ни дел од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за период 2014 -2018, а за првпат беше најавена од страна на експремиерот Груевски на 14.11.2015. Тогаш, Груевски најави изградба на три нови студентски домови во Македонија при што два би биле изградени во Скопје, на местото на поранешните бараки на домот “Медицинар”, како и во близина на Спортскиот центар “Борис Трајковски”и еден во Тетово.
Оваа информација беше потврдена на 28.03.2016 од страна на заменик Министерот за образование, Спиро Ристовски:
На огромно задоволство на идните студенти, но и на дел од сегашните кои планираат и натаму да ги користат услугите за сместување од државата, донесовме одлука за изградба на 3 нови студентски домови, два во Скопје и еден во Тетово. За два од нив, едниот во Скопје, “Невена Георгиева Дуња” или “Медицинар” и студенскиот дом во Тетово, веќе е објавена постапка за избор на фирма за изведувач и тие очекуваме во средината на 2016 да почнат со градба и за оваа инвестиција се предвидени 5 милиони евра. (Изјава на заменик Министерот Спиро Ристовски од 28.03.2016)
Состојбата во студентските домови е долго време предмет на критика од страна студентските организации, директно засегнатите студенти, опозицијата, но и пошироката јавност. Најрелевантен документ од аспект на сеопфатност и објективна анализа за состојбата во домовите е Извештајот на Државниот Завод за ревизија за успешност на студентските домови од 2015 година. Во извештајот меѓу другото се укажува дека иако во последните години одржувањето е проследено со вложување на значителни финансиски средства, сепак состојбата во дел од државните студентски домови не ги задоволува условите за домување.
Поради горенаведените аргументи изјавата на Каевски ја сметаме за вистинита.
ИЗВОРИ:
- Плусинфо (0:50 – 0:56 минута од видеото) Датум: 25.05.2016 [Пристапено на: 27.5.2016]
- ВМРО-ДПМНЕ (25.05.2016): Соопштение до јавноста- реакција на изјавата на Дарко Каевски [Пристапено на: 27.5.2016]
- Нетпрес (28.03.2016): Ристовски: Ќе се градат 3 студентски домови, а се работи и на отворање 2 нови универзитети [Пристапено на: 27.5.2016]
- Нетпрес (14.11.2015):Груевски најави изградба на три нови студентски домови [Пристапено на: 27.5.2016]
- Tелеграф (14.11.2015): ГРУЕВСКИ: Ќе се градат три нови студентски домови [Пристапено на: 27.5.2016]
- Државен завод за ревизија: Ревизорски наоди [Пристапено на: 27.5.2016]
- Радио МОФ (18.03.2015): ДЗР: Состојбата во дел од студентските домови не ги задоволува условите за домување [Пристапено на: 27.5.2016]
Оценето од: Милена Јосифовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар