Како инјекцијата за имунитет се претвори во тест-вакцина за коронавирус

Скриншот од фотографијата од лажниот фејсбук пост (лево) и фотографија од фејсбук постот на People’s Daily (десно)

„Кинеска научничка си вбризгува неиспитана вакцина против коронавирус (ФОТО)“. Ваква вест на 04.03.2020 објави „Канал 5“ телевизија. Оваа информација се најде и во некои светски и регионални медиуми, како Vice.com и Index.hr. Сепак, се покажа дека се работи за лажна вест,  во прашање е инјекција за имунитет, а не тест-вакцина за коронавирус

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Во текстот на „Канал 5“ се вели:

Вчера, 54-годишната научничка, заедно со шест члена на нејзиниот тим, ја докажаа својата лојалност кон Комунистичката партија со вбризгување вакцина која сè уште не е тестирана врз животни, во очигледен обид да се покаже како Кина се справува со коронавирусот, пренесува Vice.com.

Чен и нејзиниот истражувачки тим работат во Институтот за вирологија Вухан, лабораторија со највисоко ниво на биосигурност, повеќе од еден месец. Покрај тоа што брзаа да ја развијат вакцината, Чен и нејзините соработници работеа и на третмани кои вклучуваат плазма терапија и пренамена на спреј за нос, дизајниран за зајакнување на имунитетот кон вирусот.

Понатаму, во овој напис на „Канал 5“ е наведено дека „Чен се појавила на кинеската државна телевизија, во извештајот во кој се вели дека е направена голема промена во развојот на вакцините“.

Иако во телевизискиот извештај не се забележани инјекции, официјалниот канал на Народноослободителната армија на социјалната мрежа Веибо објави фотографии од Чен како ја инјектира вакцината во левата рака. На фотографиите се прикажани и другите шестмина припадници на војската кои примаат инјекции со вакцината. После тоа, објавата на Веибо беше избришана, но фотографиите и сликите од екранот беа споделени на други социјални мрежи, вклучително и на Твитер.

 

 

НЕТОЧНО ТВРДЕЊЕ

Тврдењето дека фотографијата покажува дека Кина ја тестира „првата нова вакцина против коронавирус во светот“, а која на почетокот од месецот се споделува на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“, како што пишува сервисот за проверка на факти на Асошијејтед прес (АФП), е погрешно.

Фотографијата е објавена на 7 март 2020 година на Фејсбук.

На неа е прикажана личност со бел мантил како вбризгува инекција во раката на лице облечено во воена униформа. Исто така, има и втора фотографија од седум лица облечени во воени униформи и маски. (АФП)

Скриншот од објавата на Фејсбук

Текстот на фотографијата напишан на англиски и на кинески јазик гласи:

Првата снимка од вакцината ковид-19 ја разви Кина. Лидерот на постдипломскиот истражувачки тим го прими првото инјектирање. Првата нова вакцина во светот против коронавирус денеска беше инјектирана во левата рака на главниот истражувач, д-р Чен Веи. Седум медицински волонтери, сите членови на Комунистичката партија, исто така, ја примија новата вакцина против коронавирус. Вицепремиерот на Државниот совет, Сун Чунлан, ги посети Чен Веи и членовите на експертскиот тим.

Кинеската државна медиумска организација „The People’s Daily“ објави твит на 5 март 2020 година во кој ова тврдење се квалификува како „ЛАЖНА ВЕСТ“, заедно со линк до оваа објава на својата страница на Фејсбук.

Скриншот од фејсбук објавата на „The People’s Daily“

Лекарите не тестираат вакцина за Ковид 19 на себе, како што би сакал некој да верувате. Фотографиите отидоа вирално на Интернет и многумина почнаа да се прашуваат дали лекари од Народно-ослободителната армија на Кина тестираат вакцина за коронавирус на себе. Ова едноставно е лажна вест, објави „The People’s Daily“ .

Притоа, во својот пост тие објавија фотографија идентична на лажната која се шири на социјалните мрежи. People’s Daily тврди дека на фотографијата е прикажана Чен Веи, академик во Народно-ослободителната армија на Кина, како прима инјекција за засилување на имунитетот пред нејзиното заминување во Вухан за да се приклучи во намерите за помош.

Скриншот од фотографијата од лажниот фејсбук пост (лево) и фотографија од фејсбук постот на People’s Daily (десно)

Инаку, Чен Веј е светски познат епидемиолог и генерал на кинеската Народноослободителна војска. Таа ја предводела борбата против ебола и САРС, а беше стационирана во епицентарот на епидемијата на коронавирус, во Вухан.

Неколку лаборатории во светот развија прототипови на вакцини кои во моментот се тестираат на животни. Првичните тестови на човекот најверојатно ќе започнат најрано во април, за да се утврди ефективноста на вакцината и да се укаже на можни несакани ефекти. Секоја вакцина мора да биде лиценцирана од регулаторните органи пред да се понуди на јавноста, така што широко достапна вакцина не треба да се очекува пред почетокот на следната година.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција