Ќе поминат ли законските измени со кои ќе се скратат патните трошоци за пратениците

Томислав Тунтев - патните трошоци за пратениците пред кратење. Фото: принтскрин/СДСМ

Ова ветување на СДСМ е во тек на реализација. Пратеничката група на СДСМ на 12 јануари 2018 година до претседателот на Собранието, Талат Џафери, достави предлот-измени на Законот за плата и други надоместоци за пратениците и другите избрани и именувани лица и Законот за пратеници, со кои се предлага надоместокот, односно висината на сумата за патни трошоци да изнесува максимум 20 отсто од цената на горивата, наместо 30 отсто како што е во актуелниот закон

 

Пратениците им должат отчетност и транспарентност на своите граѓани. Ќе го ревидираме начинот на исплата на патните трошоци на пратениците кои не живеат во Скопје за да се спречат сите можни злоупотреби. Пратениците ќе одговараат за поднесување на нереални трошоци. Сите податоци за приходите и трошоците на пратениците ќе бидат јавно достапни и погодни за анализи. Со овие промени ќе се зголеми буџетската транспарентност и одговорност на Собранието. Но, тоа не е сè. Клучниот резултат ќе биде зголемена доверба во избраните претставници на граѓаните и во Собранието на Република Македонија.

Извор: СДСМ програма за парламентарни избори 2016 – „План за живот“, страна 28.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ова ветување на СДСМ е во тек на реализација. Пратеничката група на СДСМ на 12 јануари 2018 година до претседателот на Собранието, Талат Џафери, достави предлот-измени на Законот за плата и други надоместоци за пратениците и другите избрани и именувани лица и Законот за пратеници, со кои се предлага надоместокот, односно висината на сумата за патни трошоци да изнесува максимум 20 отсто од цената на горивата, наместо 30 отсто како што е во актуелниот закон. По донесување на овие измени, СДСМ предлага потоа да се смени и предлог-одлуката во Собранието со која патните трошоци ќе ги одредат на 15 отсто. За отстранување на злоупотребите, пак, се предлага пратениците сами со своите кредитни картички да плаќаат, а како доказ да ги приложат фискалните сметки.

Предлозите ги презентира координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.

Предлагаме наплатата да се врши само врз основа на фискални сметки за платена патарина кои што се платени со кредитна или дебитна картичка во сопственост на пратеникот. Односно преку т.н. слипови кои што ќе бидат доказ дека пратеникот лично платил патарина. (24 Вести )

СДСМ ова ветување го даде за време на парламентарните избори во 2016 година во „Планот за живот“ (страна 28) во одделот „Одговорна власт и контрола на власта – СТОП ЗА ЗЛОУПОТРЕБА НА ПАТНИТЕ ТРОШОЦИ“, а се актуелизира по силните реакции на јавноста за висината на патните трошоци кои им се исплаќаат на пратениците во текот на годината и злоупотребите на пропишаното. Податоците изнесени во јавноста покажаа дека на годишно ниво пратениците од Охрид, Гевгелија, Струмица, Битола… добиваат и по 20.000 евра за патни трошоци, а од страна на собраниските служби никогаш и не биле вршени построги контроли.

И државниот ревизор веќе неколку години по ред препорачува Собранието да ја преиспита висината на патните надоместоци во насока, како што се предлага „на нејзино намалување“. (Страна 17, точка 7.2 од Ревизијата извршена на сметката на основниот буџет за 2016 година).

Тунтев уште на прес-конференција на 6 август 2017 година рече дека има три можни решенија на проблемот и најави промена на начинот на пресметка на патните трошоци, при што тие уште тогаш се доставени до пратениците од другите групи.

Едниот предлог подразбира налатата на овие трошоци да остане во сила, но да се заостри контролата како би се избегнале злоупотреби. Втората алтернатива која ја понудив за размислување на моите колеги е давање на користење на државни службени станови. Имаме претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, порано тоа беше практика. Значи, за време на мандатот да се користи станот, но петок, сабота и недела да ни бидат давани како пратеници за да комуницираме со нашите гласачи од каде што доаѓаме. Третата алтернатива е давање надомест за одвоен живот и изнајмување стан под кирија. Четвртата алтернатива е хотелско сместување на тендер за кој ќе одлучи Собранието. Во јавноста деновиве доста се дискутираше околу високите износи на патните трошоци кои ги наплатиле дел од пратениците и од власта и од опозицијата. Од 120-те пратеници во Собранието, дури 71 располага со правото да наплаќа патни трошоци. (Тунтев на прес конференција на 6 август- Алсат М)

Неколку месеци подоцна, на 14 ноември лани, тој изјави дека нема фидбек од предлозите испратени до пратениците:

До овој момент, за жал, немаме добиено никаков фидбек од другите пратенички групи во Собранието, ниту од опозицијата, ниту од коалиционите партнери, во врска со нашата иницијатива за разгледување на неколку предлози за менување на начинот на одредување и надоместување на трошоците за престој и превоз на пратениците од внатрешноста, што им ги доставивме на разгледување кон крајот од јули.

Притоа, тој рече и дека предлогот му е презентиран и на претседателот на Собранието, Талат Џафери.

На претседателот му предложивме да се изврши намалување од 30 отсто на 20 отсто на процентуалниот износ на вредноста од цената на горивото, што се користи за пресметка на надоместоците. На тој начин очекуваме намалување на трошоците за надоместоците за престој и за превоз на пратениците од внатрешноста, најмалку за една третина. (СДК: Тунтев му предложил на Џафери патните трошоци на пратениците да се скастрат за една третина)

Но, Џафери во емисијата „24 Отворено“ изјави дека моментално има само идеи, ама нема конкретна иницијатива или предлог за решавање на прашањето.

Има идеи, но не и предлог или иницијативи за промена на правилниците, рече Џафери.

Во однос, пак, на злоупотребите на патните трошоци веќе е покренат и предмет од страна Специјалното јавно обвинителство за една пратеничка, кој може да се прошири и на други пратеници, ако обвинителството најде докази, како што беше речено на нивната прес конференција на оваа тема. Предметот е со наслов „Друмарина“.

Во однос на одговорноста, претседателот на Собранието, Џафери, смета дека злоупотребите од страна на пратениците не се прашање кое треба да се разгледа од Парламентот, туку тоа треба да го разгледат други институции.

Јас не сум тој што треба да внимавам дали одат со едно или пет возила. Има други институции кои се занимаваат со тоа. Ако има таков случај, институцијата која се занимава со тоа, треба да го извести Собранието. За тоа известување, ако Собранието извршило исплата, за известувањата за можната злоупотреба, тогаш Парламентот има одговорност за тоа. Начините дали има можност за нова алтернатива за разгледување, да, и во Парламентот има посебен оддел, парламентарен институт, каде според референците се лица со академска способност во смисла на предакадемски подготовки и ќе имаат за задача да направат компаративна анализа на сите можности како решенија.

Годинава, според буџетот на Владата на РМ за собраниските патни трошоци и за трошоците за одвоен живот на пратениците се планирани 1,3 милион евра или речиси идентично во однос на лани.

 

ИЗВОРИ:

  • СДСМ програма за парламентарни иабори 2016 – „План за живот“ страна 28. (Пристапено на 12.1.2018.)
  • 24Вести (12.1.2018.) : СДСМ предлага намалување на патните трошоци,но ќе чека да се врати ВМРО ДПМНЕ (Пристапено 12.1.2018.)Конечен извештај на ревизија на Сметката на основниот буџет за 2016 година.(Пристапено на 12.1.2018.)Алсат М 6 август : Собрание, се предлага нов начин на наплата на патните трошоци (Пристапено на 12.1.2018.)
  • СДК мк (14 ноември 2017): Тунтев му предложил на Џафери патните трошоци на пратениците да се скастрат за една третина (Пристапено 12.1.2018.)
  • емисија „24 Отворено“ (Пристапено 11.1.2018.)
  • Нова ТВ (19 декември 2017 ) Силвана Бонева поднесувала лажни патарини и искеширала 100.000 евра (Пристапено 12.1.2018.)

 

Оцени: Рада Исовска-Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција