Кејот на Вардар кај ГТЦ со нов лик
Затворање за сообраќај на кејот на Вардар кај ГТЦ и уредувње на шеталиштето, вети градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов во кампањата за локалните избори (октомври 2017г.). Ова ветување на Шилегов, наведено во неговата изборната програма, „Живот во Скопје за сите!“, стр. 41, е исполнето. Реконструкцијата на кејот „13 Ноември“ во Скопје, која започна на почетокот на оваа година е завршена и тој деновиве (26.07.2021) беше свечено пуштен во употреба со настап на Градскиот дувачки оркестар и одржување на изложбата на отворено „Сигналитика на централното подрачје на Скопје“.
Ветување: Затворање за сообраќај на кејот кај ГТЦ – Шеталиште наместо автопат!
Кејот на Вардар кај ГТЦ е претворен во сообраќаен хаос, каде што возилата се движат врз руиниран плочник и постојано им пречат на гостите во рестораните и на пешаците на кејот. Ставаме крај на злоупотребата на кејот и ставаме ред во користењето на просторот. Заедно со Општина Центар го осмислуваме и реновираме просторот. Го враќаме кејот онаков каков што го знаат граѓаните – слободен, широк и сечиј.
[Извор: Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ стр.41 – датум: октомври 2017 г. ]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Затворање за сообраќај на кејот на Вардар кај ГТЦ и уредувње на шеталиштето, вети градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов во кампањата за локалните избори (октомври 2017г.). Ова ветување на Шилегов, наведено во неговата изборната програма, „Живот во Скопје за сите!“, стр. 41, е исполнето.
Реконструкцијата на кејот „13 Ноември“ во Скопје, која започна на почетокот на оваа година е завршена и тој деновиве (26.07.2021) беше свечено пуштен во употреба со настап на Градскиот дувачки оркестар и одржување на изложбата на отворено „Сигналитика на централното подрачје на Скопје“. Кејот, на потегот од градскиот плоштад до булеварот „Стив Наумов“, сега има целосно ново партерно уредување од околу 12.500 метри квадратни.
Ослободивме повеќе место за пешаците и велосипедистите преку целосно спречување на можноста за нелегално паркирање на овој простор и сериозно ограничување на протокот на возила кои ќе можат да ја користат сервисната улица лоцирана непосредно до самиот ѕид на кејот. Кејот има доволно простор за сите негови корисници од граѓаните кои го користат за прошетки, одмор и релаксација, па се до бизнисите кои во најголем дел се угостителски објекти со повеќегодишна традиција. Терасите кои ги користат угостителските објекти сега се унифицирани и организирани се на начин што овозможува да дојде до израз прекрасниот двоен дрворед од повеќегодишни дрвја со раскошни крошни – кажа Шилегов при промоцијата на новиот реконструиран кеј.
Градските власти велат дека конечно е воспоставен ред на овој дел од кејот, спречено е самоволието и хаосот од непрописно паркирани возила кои го правеа небезбедно движењето на пешаците и на велосипедистите.
Одговарајќи на новинарско прашање Шилегов соопшти дека досега ниту едно возило нема добиено дозвола за движење по кејот:
Во овој момент ниту едно возило нема добиено дозвола, не очекувам дека такво нешто ќе се случи. Во најлошата варијанта ќе бидат околу 20 возила кои ќе може да сообраќајат еден час наутро и еден час попладне. Дотурот на роба ќе оди преку ГТЦ бидејќи рестораните се дел од економскиот оператор на ГТЦ и оттаму може да вршат дотур на роба.
Реновирањето на кејот „13 Ноември“ го чинеше Град Скопје 1.5 милиони евра. Во рамките на реконструкцијата е изведено целосно ново поплочување, патека за лица со инвалидитет, поставени се нови клупи, корпи за отпадоци, нови жардиниери за дрворедот. На кејот сега има нови канделабри, рефлектори за осветлување и нови бетонски и електрични столбови заради реализирање на забраната за паркирање, а терасите коишто ги користат угостителските објекти се унифицирани со исти димензии.
Информација и фотографии за реконструираниот кеј на Вардар на потегот кај ГТЦ се објавени во повеќе медиуми, а може да се видат и на официјалната веб-страница на Град Скопје.
ИЗВОРИ:
- Изборна програма на Петре Шилегов за локалните избори 2017 година – „Живот во Скопје за сите!“ стр.41 ( октомври 2017) [Проверено: 28.07.2021]
- Тајм.мк (16.01.2021): Градот Скопје најавува нов лик на кејот кај ГТЦ, кафеанџиите против [Проверено: 28.07.2021]
- Веб-стрница н Град Скопје: Кејот 13 Ноември повторно назад кај граѓаните на Скопје, реконструиран, поубав и поширок [Проверено: 28.07.2021]
- Грид.мк (26.07.2021): Шилегов: Кејот 13 Ноември повторно назад кај граѓаните, реконструиран и поширок [Проверено: 28.07.2021]
- 360 степени (26.07.2021): (ФОТО) Шилегов го отвори реновираниот кеј, вети ограничување на возилата [Проверено: 28.07.2021]
Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар