Кинезите не изградија болница за неколку дена, туку адаптираа постоен објект

Болницата што беше готова за неколку дена, всушност, беше брзо адаптирање на објект кој е во изградба од претходно и кој во мај требало да биде новоотворен клинички центар. 

 

Пишува: Симона Атанасова

 

Покрај постојаниот наплив на информации за состојбата со заболени и починати од корона-вирусот, деновиве медиумска сензација беше и адаптирањето на постојни објекти во Кина во медицински објекти за рекордно време со цел сместување на заболените од вирусот.

И во странските медиуми и во домашните, освен што се појавија вистинити информации поврзани со градењето на болниците, се појавија и разни дезинформации, шпекулации и сензационалистички објави со уште посензационалистички наслови.

Па така, беа објавени вести дека била изградена болница за два дена, за шест дена, за десет дена и оти тоа се должи на брзината и дисциплината со која работат Кинезите.

Уште една изградена болница во Вухан со 1.600 кревети

Кина за само два дена отвори болница за лечење од корона-вирусот, а ќе отвори уште четири

Нема да им верувате на очите: Еве како и за колку време Кинезите изградија болница за заболените од корона-вирусот

За неколку дена изградена и пуштена во употреба болница за лекување на корона-вирусот во Кина

За само 48 часа Кинезите ја направија првата болница за корона-вирусот за 1000 пациенти

Погледнете како напредува градењето на болницата што Кина вети дека ќе ја изгради за 6 дена

Кина за 6 дена ќе изгради болница од 25.000 м2 за болните од корона-вирусот

Ова се само дел од насловите на медиумите што сензационалистички и половично ја пренесоа веста.

Но, ситуацијата е поинаква, за што пишуваше Босанскиот сервис за борба против дезинформациите и за проверка на фактите „Раскринкавање“. Болницата што беше готова за неколку дена, всушност, не беше целосно изградена за денови што се бројат на прсти. Градење на цела болница, без разлика колку работници ќе работат на неа и без разлика дали на неа се работи деноноќно, не е возможно да се изведе за 10 дена, а уште помалку за два, пет, шест или осум дена како што пишуваа дел од медиумите. Колку и да се вредни и дисциплинирани, Кинезите не се магионичари за невозможното да го направат возможно.

Реалната ситуација е дека станува збор за две болници.

Едната болница, која беше готова за неколку дена, всушност, беше брзо адаптирање на објект, кој е во изградба од претходно и кој во мај требало да биде новоотворен клинички центар. Брзината на изградбата, односно оспособувањето на болницата беше можно само затоа што беа ангажирани илјадници работници кои работеа 24 часа за да може да биде функционална за пациентите заразени со корона-вирусот. Единствено нешто што беше направено за само два дена беше приспособување на празен објект во медицински објект за итни случаи.

Другата болница за која пишуваа медиумите се гради целосно од почеток, но крајот на изградбата е предвиден за неколку недели, а не денови.

Иако е точнодека во Кина се гради со брзо темпо, сепак,тврдењата дека е изградена целосно нова болница за два или пет дена се целосно неточни.

Медиумите мора докрај да ги проверуваат информациите и да внимаваат кога преведуваат информации од странски медиуми пред да ѝ ги пласираат на јавноста, а со тоа да предизвикаат намерно или ненамерно дезинформирање на публиката.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на КриТинк за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција