Кога на „Цивил“ му се навлекува војничка униформа
[Рецензија: „Цивил“ одработува туѓи црни сценарија – подгрева тензии и провоцира меѓуетнички конфликти]
Текстот уште во воведот не крие дека овој пат ја има невладината организација „Цивил“ за отстрел. Но, не само по повод актуелните случувања околу протестите заради случајот „Монструм“, туку и заради претходните активности на „Цивил“, кои за порталот се проопозициски, односно СДСМ-овски настроени. Како „докази“ за ваквите оцрнувања, се користат наводните мислења на неименувани „експерти“.
Линк до оригиналниот напис: „Цивил“ одработува туѓи црни сценарија – подгрева тензии и провоцира меѓуетнички конфликти
Датум и време на објавување: 08.07.2014
Датум на рецензирање: 09.07.2014
Рецензент: Стојан Синадинов
Вистинитоста дека „Цивил“ одработува туѓи сценарија се „експертите со кои разговараше порталот Пресс 24“. Секако, нивните имиња ги нема во текстот.
Изворите на информации, така, се фантомските експерти, кои, пак, според написот, точно ја знаат агендата на „Цивил“ – „да ја оцрнува државата пред странската јавност, но и да ја јаде одвнатре со креирање на конфликти и судири“.
Содржајноста на текстот се сведува на набеденото сценарио на „Цивил“, но и на Фондацијата отворено општество Македонија. Понатаму, на „Цивил“ не му се простува ниту земањето во заштита на семејството Зеќири од Радишани, бидејќи, според текстот, со тоа предизвикува конфликти во мешаните етнички средини, а потоа ги напаѓа институциите на власта дека не биле способни да се справат со тие конфликти.
Освен во оцрнувањето на државата и нејзините институции, невладината организација „Цивил“ се обидува да ја јаде државата и одвнатре, создавајќи атмосфера на конфликти и судири.
Ова е ставот на ескпертите со кои разговараше Пресс24. Според нив, невладината Цивил, која е дирекно финансиски поврзана со фондацијата СОРОС Македонија која годишна на располагање има 5 200 000 евра, странски донации, кои ги употребува за напаѓање на актуелната влада. На чело на фондацијата е Владимир Милчин, поранешен висок финкционер на СДСМ кој преку невладини оргнизации и марионети како Цивил ја спроведува партиската политика на СДСМ.
Пристрасноста на текстот е очигледна. Речиси сѐ што е невладина организација ја оцрнува државата преку медиумите финансирани од Фондацијата отворено општество Македонија.
Текстот на порталот е нападно коментирање на работата на невладината организација, користејќи ставови на неименувани експерти. Според тесктот, активностите на „Цивил“ се само дел од ракописот на СДСМ.
– Цивил, во своите квази – експертски извештаи ги подели медиумите на: одважни и достоинствени на една страна, чии новинари ги претставува како мета на секојдневни закани, притисоци, тужби и говор на омраза кој го промовираат медиумски истакнати апологети на политиките на владата, и провладини медиуми, кои според Цивил, го промовираат говорот на омраза, вулгарностите и грубиот речник, велат експертите.
Во секој случај, дури и не може да се одреди дали текстот е суштински „оригинален“, бидејќи се повикува на фантомски мислења.
Насловот е тенденциозен и има за цел да ја оцрни невладината организација. Од првиот до последниот ред текстот е интониран како пресуда за време на војна, или на поствоени судења.
Користејќи ја веќе толку распространетата синтагма „како што велат експертите“, без наведување факти, текстот е уште еден отстрел на невладина организација на какви што сме сведоци деновиве.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар