Колку е важна вакцинацијата против Ковид-19 за бремените жени и доилките?

Unsplash

Меѓународните студии и институции апелираат на што помасовна вакцинација на трудниците, истите препораки ги пренесуваат и надлежните органи во Северна Македонија. Сепак, оваа тема отвора многу дилеми во јавноста. Пајтим Асани, гинеколог, објаснува зошто е важно да се вакцинира оваа категорија на граѓани и апелира до младите мајки да не се двоумат, туку да го заштитат своето и здравјето на бебето пишува Порталб.мк.

Веќе 3 години светот, но и нашата земја, се бори со глобалната пандемија со Ковид-19. Во моментов, вакцинацијата против Ковид-19 е најефикасниот начин за заштита од болеста или за ублажување на клиничката слика во случаи кога вакцинираното лице ќе се зарази со САРС-КОВ-2. Жестоката кампања со дезинформации против вакцинацијата одигра голема улога во создавањето на хаос во јавноста. Кампањата против вакцинацијата беше насочена и кон една посебна категорија на населението, како што се трудниците и доилките.

Научните и медицинските факти покажуваат дека вакцинацијата е единствената опција со која може да се минимизираат здравствените ризици, особено кај трудниците. Во едно интервју за Порталб.мк гинекологот Пајтим Асани објаснува зошто е важно трудниците што поскоро да се вакцинираат против Ковид-19.

Вакцинирањето против Ковид-19 е исклучително важно за нашето здравје бидејќи стапката на морбидитет и морталитет е голема посебно кај бремените жени, и за мајката и за фетусот, за разлика од другата популација. Компликациите кои им се закануваат на трудниците како последица од Ковид-19 се: пневмонија, нарушување на работата на срцето, тромбоемболични компликации, акутна бубрежна инсуфициенција, невролошка болест, заболување на црниот дроб и дигестивниот систем. Затоа, вакцинацијата е единствениот и најдобар начин, посебно за трудниците, за минимизирање или превенција на горенаведените компликации, објаснува Пајтим Асани, гинеколог.

Според доктор Асани, бремените жени и доилките пожелно е да се вакцинираат со mRNA вакцини, но тоа не значи дека и другите вакцини не се ефикасни.

Степенот на заштита кај вакцинираната популација секако е повисок а инциденцата на компликациите и морталитетот помал. Вистински предизвик е да се измери нивото на заштита поради честите мутации на вирусот и неможноста на вакцинација на што поголем дел од населението во што пократок временски период. Податоците за нивото на заштита се ажурираат речиси секојдневно и тоа зависи и од типот на вакцината. Најголем дел од бремените жени се вакцинирани со mRNA вакцини, но не треба да се фаворизира само една вакцина бидејќи нивната ефикасност варира од студија до студија, нагласува доктор Асани.

Несаканите ефекти од вакцинацијата кај бремените жени не се разликуваат од оние што се манифестираат и кај другата популација. Доктор Асани апелира до сите трудници и доилки сериозно да пристапат кон ова прашање и да постапат согласно проверени лекарски препораки.

Вакцината може да се прими во било кој период од бременоста. Компликациите од вакцинацијата за време на бременоста се слични како и кај другата популација, но придобивките од вакцината ги надминуваат компликациите кои може да настанат посебно за време на бременоста. Истите препораки важат и за мајките кои дојат.

Мојот последен совет е за трудниците, да се вакцинираат бидејќи колку и да звучи популистички се работи за 2 животи, на мајката и на фетусот. Не заборавајте, морбидитетот и морталитетот за мајките и фетусот за време на бременоста е поголем отколку кај другата популација, рече доктор Асани.

Кои се препораките на здравствените власти во нашата земја?

Министерството за здравство во Северна Македонија од јуни 2021 година јавно го објави официјалниот став за тоа како треба да постапат бремените жени за да бидат заштитени од Ковид-19.

На состанокот одржан на 01.06.2021 година, Националната комисија за имунизација препорача вакцинацијата против Ковид-19 кај трудниците да се врши по 14-та недела од бременоста. Во случаите кога жената ќе забремени по примањето на првата доза на вакцина против Ковид-19, втората доза треба да се одложи и да се прими по 14-та недела од бременоста. Вакцинацијата на оваа категорија не е контраиндикативна освен со вакцината Спутник (според упатствата на производителот). Вакцините се безбедни и ефикасни. Вакцините штитат од компликациите предизвикани од вирусот Ковид-19 и смрт, соопштија од Министерството за здравство.

Стручниот колегиум на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, Комитетот за безбедно мајчинство и Здружението на перинатолози имаат унифицирани препораки по однос на вакцинацијата против Ковид-19 за време на бременоста. Препораките се базираат на студии на светски познати медицински институти и здруженија. Тие ја поддржуваат вакцинацијата на бремените жени и доилките, во која било фаза, со две дози вакцина mRNA. Сепак, одлуката за вакцинација останува лична одлука на мајката.

Препораките за вакцинирањето на бремените жени против Ковид-19 се исти како и за останатата популација. Пред да се изврши вакцинацијата, препорачуваме задолжителна консултација со гинеколог. За да се постигне соодветно ниво на заштита од Делта сојот, препорачуваме примање на две дози од вакцината против Ковид-19. Првата доза треба да се прими по 14-та недела од бременоста (во четвртиот месец од бременоста), а втората доза 8 недели по примање на првата доза, но не подоцна од 32-та недела од бременоста (осми месец од бременоста). Ако пациентката првата доза од вакцината ја прими пред да дознае дека е бремена, препорачуваме втората доза од вакцината да се даде повторно по 8 недели, бидејќи медицинските податоци покажуваат дека вакцината е безбедна и ефикасна во секоја фаза од бременоста и не постои причина да се одложи примањето на втората доза по 14-та недела од бременоста. Вакцинацијата против Ковид-19 се препорачува и за доилките без потреба да се прекине процесот на доење, се нагласува во унифицираниот став на УКГА, Комитетот за безбедно мајчинство и Здружението на перинатолози.

Овие институции велат дека несаканите ефекти од вакцината против Ковид-19 во бременоста се благи, не траат долго и се слични на оние на останатата вакцинирана популација. Тие вклучуваат болка и осетливост во пределот на раката каде што е аплицирана вакцината, главоболка, замор, симптоми слични на грип, но понекогаш и зголемување на телесната температура до 38 степени или повеќе. Во случај на треска, се препорачува одмор, доволен внес на течности и употреба на Парацетамол, кој е безбеден за време на бременоста.

Глобални препораки за вакцинацијата на трудниците и доилките

Светската здравствена организација (СЗО) препорачува вакцинација на бремените жени, но секогаш во консултација со матичниот гинеколог.

Да, бремените жени можат да се вакцинираат против Ковид-19, во консултација со нивниот лекар. Во моментов податоците кои овозможуваат оценување на безбедноста на вакцините против Ковид-19 во бременоста се доста ограничени. Но, врз основа на она што го знаеме за вакцините кои се употребуваат, нема конкретна причина за загриженост. Ниту една од досега одобрените вакцини против Ковид-19 не користи живи вируси, кои имаат поголема веројатност да претставуваат ризици за време на бременоста. Придобивките може да бидат поголеми за бремените жени кои се по загрозени од Ковид-19, како што се здравствените работници, луѓето кои живеат во области со висока трансмисија и оние со здравствени состојби како висок крвен притисок (хипертензија) и дијабетес кои го зголемуваат ризикот од тешка слика на болеста” покажуваат податоците на СЗО.

Во некои земји од светот, како што се Обединетото Кралство, Израел, Белгија итн., вакцинацијата на трудниците се смета за приоритетен процес.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција