Контраспин: Без трета опција шансите за прогрес на земјата се многу помали

Х.Мицкоски. Фото: ВМРО-ДПМНЕ/веб

Конкурентноста е лек за многу проблеми во економијата, но и во политиката, лек кој може демократијата да ја направи пофункционална. Инсистирањето на доминација во пратеничкиот состав и доминација во власта, можеби носи механизам за побрзо носење одлуки, но исто така и опасност од автократија

Конкурентноста е лек за многу проблеми во економијата, но и во политиката, лек кој може демократијата да ја направи пофункционална. Инсистирањето на доминација во пратеничкиот состав и доминација во власта, можеби носи механизам за побрзо носење одлуки, но исто така и опасност од автократија

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ѝ се обрати на јавноста со повик во кој може да се детектира спин:

Спин: Нема трета опција. Или си за Македонија, развиена и просперитетна, или за жал остануваш во друштвото на Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Димитар Ковачевски, Оливер Спасовски, Бојан Маричиќ и останатите, изјави тој и додаде:

Сега е изборот или со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и се бориш за просперитетна, развиена и европска Македонија или остануваме да тонеме во криминал и корупција која што и денеска е секојдневие во Македонија и резултат на политиките на СДСМ и ДУИ.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Мицкоски:…, датум:07.11.2023]

Контраспин: Она што за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е избор помеѓу бело и црно, т.е. помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и неговата коалиција која го претставувала белото и СДСМ и ДУИ која го претставувала црното, е извртување на вистината, т.е. спин.

Не за прв пат се прави овој спин и не за прв пат една од двете најголеми политички партии во земјата се обидува да ги претстави работите црно-бело. Иако тој може да бара оправдување во истиот спин што го шири и го гради СДСМ како владејачка партија во последните години – демек само тие се за европска Македонија, како и ДУИ, демек само тие се заштитници на правата на Албанците во земјата – тоа не го амнестира, ниту го оправдува Мицкоски да комуницира со јавноста со спинови.

Едноставно, затоа што последиците кои се закануваат доколку граѓаните имаат стеснет, да не речеме слаб избори и понуда за да го предадат својот суверенитет за владеење со земјата врз некоја од постојните политички опции на следните избори би можеле да бидат големи и влошување на и онака не баш сјајната позиција во која се наоѓа државата.

Освен тоа, земјата е владеена во последните над три децении во бипартизам на македонските и на албанските политички елити. По две партии од македонскиот и албанскиот политички електорат секогаш биле во состојба да управуваат со земјата. За да се погледнат резултатите, доволно е само да се видат некои граничници и меѓници помеѓу очекувањата и реалноста, почнувајќи од референдумот за независност во 1991 година, преку приватизацијата и војната од 2001 година, изневерените очекувања за прием во НАТО 2008 г. во Букурешт, антиквизацијата и автократијата во годините потоа, преку промената на името за да го добие државата членството во НАТО, изневерените очекувања дека тоа ќе биде цената и за ЕУ, се до последниот извештај на ЕК за напредокот на земјата, кој, всушност, покажува „назадок“ и регрес во повеќе клучни сфери, а сето тоа пак, се одразува на животот на секој еден граѓанин.

Не е за прв пат ВМРО-ДПМНЕ да бара максимум поддршка од граѓаните за да освои 61 пратеник, за да не била уценувана и за да го покажела својот реформски капацитет. Тоа го бараше и Никола Груевски и еднаш и го доби. Па повторно ништо. Масовна поддршка добиваа и СДСМ, на пример во 2002 година или кога останаа без опозиција по парламентарните избори во 1994 година, кога тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски партии решија да ги бојкотираат изборите. Познато е како заврши тој мандат тогаш предводен од Бранко Црвенковски. А и Зоран Заев бараше во 2020 година поддршка од 61 пратеник.

 

Себично се чува изборниот систем

Факт е дека ниту СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да го исполнат ветувањето за промена на изборниот систем и бројот на изборните единици. Без оглед на поинаков вокабулар во дадени моменти. Иако завршува работата за менување на Изборниот законик, јасно е дека и на следните избори ќе се избира според пропорционален модел со седум изборни единици, кој во самата суштина ги фаворизира големите партии. Малите, иако бараа, иако им беше ветувано од големите, меѓу другите и од ВМРО-ДПМНЕ, не ги добија гласовите на поддршка.

Но, промените дефинитивно мора да се случат. Изборниот потенцијал што го покажува Левица, изборните капацитети што ги покажаа на локално ниво Шанса за центар или Зелен хуман град или Поинаку во Битола или независните политички кандидатури, покажуваат дека постои трета опција и дека секоја идна власт би била поодговорна доколку во Собранието или општинските совети има повеќе претставници, повеќе политички партии и поголема конкурентност.

Впрочем, конкурентноста е лек за многу проблеми во економијата, но и во политиката, лек кој може демократијата да ја направи пофункционална. Инсистирањето на доминација во пратеничкиот состав и доминација во власта, можеби носи механизам за побрзо носење одлуки, но исто така и опасност од автократија.

И бидејќи ни филосовски не може да се спознае апсолутната вистина, а камо ли дека таа е само избор помеѓу црно и бело, изјавата на Мицкоски дека нема трета опција е извртување на вистината, т.е. спин.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција