Контраспин: Дивоградбите се наследство од Законот за легализација во 2011 година

Фото: принтскрин

Нема сомнение дека ВМРО-ДПМНЕ остана на власт во 2011 година и благодарејќи на прашањето на масовна легализација на дивоградбите. Понуди масовна легализација, nо тие сѐ уште, во голем обем се наша стварност и само се префрлија како обврска на Владата на Зоран Заев, чиј нов законски проект од партијата на Христјан Мицковски во Собранието се блокира со 1.000 амандмани

 

Нема сомнение дека ВМРО-ДПМНЕ остана на власт во 2011 година и благодарејќи на прашањето на масовна легализација на дивоградбите. Понуди масовна легализација, nо тие сѐ уште, во голем обем се наша стварност и само се префрлија како обврска на Владата на Зоран Заев, чиј нов законски проект од партијата на Христјан Мицковски во Собранието се блокира со 1.000 амандмани

 

Пишува: Љубомир КОСТОВСКИ

 

Рушењето на објектот кој  беше дивоградба во ТЦ Мавровка, што деновиве се случи и тоа со посебен ангажман на Владата на РМ, несомнено дека за јавноста беше примен како знак дека битно се заострува политиката на нетолеранција кон сѐ што е нелегално, а е дел на нерегулирана градежна активност. Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ реагираше со минимизација на тоа рушење, без оглед што се работеше за објект од големи пропорции, па се обиде да укажува на други случаи на нелегалност во таа сфера, барајќи Владата да го повтори тој потег.

СПИН: Заев и Ахмети рушат дивоградби ама селективно и на диво!
Зборовите мафија и власт во Македонија се синоними и означуваат едно исто – криминал! Едните градат на диво, другите на диво легализираат, ама ако бидат фатени од јавноста – се руши! И тоа на диво!
Кримитеатарот е премногу евтин! Ако навистина се за почитување на ред и закони, еве сега нека дојдат тука, на Попова Шапка! Зад мене порасна цело едно село, ама никој не смее да мрдне! Владее градежна анархија среде туристички зимски скијачки центар – изјви на прес конференција на отворено, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

[извор: ВМРО-ДПМНЕ, датум: 5. септември 2020]

КОНТРАСПИН: Најпрвин треба да се каже дека цела С. Македонија е преполна со дивоградби, чија изградба токму партијата на Стоилковски ја поттикна со својата политика на масовна легализација! Законот за таква легализација се донесе непосредно пред изборите во јуни 2011 година, кога партијата на тогашниот премиер Никола Груевски стекна голема популарност и „ожнеа“ многу гласачи, бидејќи голем дел од нив беа соочени со нечиста совест по ова прашање.

„Постапувањето со бесправно изградени објекти во Република Северна Македонија е уредено со Законот за постапување со бесправно изградени објекти, кој треба да се применува до 2021 година, а предмет на истиот се бесправните објекти изградени заклучно со 3 Март 2011 година. Со овој закон неколку пати е продолжуван рокот за доставување на барање со потребната документација, меѓутоа од причини што голем дел од барателите не ја доставија потребната документација во законски утврдените рокови, дел од објектите и понатаму останаа без правен статус“ – се вели во еден од заклучоците, кои дојдоа пред парламентарниот состав во следните години.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2009 година на територијата на земјата се регистрирани 1.818 бесправно изградени објекти од сите видови, додека во текот на 2017 година, пак, се регистрирани 762 бесправно изградени објекти исто од сите видови. И во двете години, над 97% се во приватна сопственост.

Ова јасно покажува дека легализацијата не го покрила она што било цед на законските можности, па таквите објекти останале да „висат“ и да се предаваат како штафета на следните влади.

Но дали се тие податоци точни?

„Со актуелниот Закон за легализација можеа да се легализираат дивоградби изградени до март во 2011 година, а во роковите што се продолжуваа во два наврата беа поднесени 430.000 барања за легализација. Беа легализирани околу 250.000 дивоградби, а околу 100.000 беа во процедура“ – пишува на оваа тема НоваТВ во јуни годинава.

Ова укажува на голема дискрепанца во однос на она што се води како статистика и она што постои на терен. Владата на Заев во претходниот состав поднесе барање за измени за да се средат работите со споменатиот Закон. Ова се случи во октомври 2019 година. Но, токму ВМРО-ДПМНЕ поднесе 1.000 амандмани за истиот да не може да се донесе и се случи блокирање на разрешницата.

Па, така, без да се навлегува во конкретни решенија, може само да се заклучи дека законското решение кое му помогна на Груевски да остане на власт пред девет години, не го реши проблемот со дивоградбите. Тие станаа наше секојдневие како пракса, а кога новата власт се обиде да го среди законското решение во насока на негово разрешување, се дојде до споменатите 1.000 амандмани.

Оттаму, сите барања на оваа партија се класичен спин – служат само да се покријат со правот на заборавот сопствените постапки во оваа област.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција