Контраспин: Доцна е за донирање – време е за ремонт на ДИК!

Не е првпат членовите на ДИК да се покажат дарежливи кон самите себе Фото: sec.mk

Одлуката на членовите на ДИК да си доделат бонуси за локалните и за предвремените парламентарни избори,  наиде на жестоки критики во целата јавност, а за неа немаше да разбереме доколку американскиот амасадор Џес Бејли не ја разтокри. Ваквата неодговорна „тајна“ постапка не може да се испере со јавно манифестираната желба за  отповикување на Одлуката за доделување дебели надоместоци, ниту со накаков наплив за донирање на  таквите  хонорари. Овие постфестум чекори само покажуваат дека, всушност, е дојден моментот за отповикување на овој состав  на ДИК

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Откако американскиот амбасадор Џес Бејли обелодени (04.12.2017)  дека членовите на Државната изборна комисија (ДИК) по локалните изборите поделиле бонуси во износ од четири месечни плати, додека  за предвремените парламентарни избори си одредиле надоместоци во висина од пет месечни плати, ДИК испрати соопштение  во кое, меѓу другото, е искажан и следниот став кој го сметаме за  недоследен и спинерски:

Спин: Одлуките за надоместок се донесени согласно Закон и врз основа на позитивните законски прописи, меѓутоа поради повикот на јавноста, членовите на Државната изборна комисија, одлучија на јавна седница која ќе биде одржана на  05.12.2017 година да расправаат по предлог-одлука за отповикување на донесените одлуки за определување на надоместок за членовите на Државна изборна комисија и вработените во стручната служба за спроведените избори“, се вели во соопштението на Државната изборна комисија.

[Извор: Цивил медиаДатум: 04. 12.2017]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

 

Контраспин: Оваа изјава – соопштение од ДИК во кое членовите на Комисијата велат дека се подготвени на јавна седница да ги преиспитаат донесените одлуки за определување на надоместок за членовите на Државна изборна комисија и вработените во стручната служба за спроведените избори“, ја сметаме за некоректна и претставува политички спин. Тоа е така бидејќи реакцијата на членовите на највисокото државно тело за спроведување на изборите, следува откако амбасадорот на САД Џес Бејли откри  дека тие зад затворени врати си изгласале дополнителни плати по завршувањето на парламетарните и локалните избори. Што значи дека нивниот потег на „покајување“ следува дури по нивното јавно „соголување“.

Дополнително, во текот на денешниот ден се разбра и дека членовите на ДИК донеле одлука да си исплатат бонуси во вредност од вкупно 12 плати! Четири за локалните избори во октомври годинава, пет за предвремените парламентарни избори во декември лани, како и три за изборите кои беа закажани во април 2016, а потоа беа одложени.

Амбасадорот  Бејли, вчера (03.12.2017) на предавање на Факултетот за безбедност- Скопје посветено на борбата против корупцијата, во низата лоши примери за корупција го наведе и случајот со одлуката на членовите на Државната изборна комисија:

Слушнав дека членови на ДИК си изгласале дополнителна плата за четири дополнителни месеци за нивната работа на октомвриските избори кои штотуку завршија. Тие претходно дополнителено добиле плата и за пет месеци по изборите од 2016 година. Гласањето во Комисијата било едногласно, сите партии, сите етникуми, а персоналот во Комисијата добил помали бонуси. Јас сум јавен службеник, поддржувам наградување на јавни службеници кои работат повеќе од предвиденото, но имам прашање во врска со ова. ДИК е независно тело. Можеби овој потег бил дури и легален, но гласањето се случило зад затворени врати,

Изненаден од постапката на членовите на ДИК, амбасадорот Бејли укажувајќи на неопходноста и обврската на лидерите, институциите, но и на медиумите да разобличуваат коруптивни дејства, праша:

Каде беа свиркачите, истражувачките новинари или парламентарните тела за надзор, што би сториле сите вие во оваа ситуација

И, навистина е чудно дека досега немаше никаква реакција од ниту една страна на „триаголникот“ што го посочи амабасадорот. Но, од друга страна, јасно е зошто  ваквиот срамен чекор останал далеку од очите и ушите на целата македонска јавност, „закопан“ меѓу актите во ДИК. Всушност, одговорот е многу едноставен. Потегот  кој наиде на жестоки критики во целата јавност и за кој коментарите (на социјалните мрежи) се дека се граничи со невкус и алчност, е покриен  со консензусот – и етнички и политички, на членовите на ДИК. За ова прашање во составот на ДИК немало разлики. Впрочем, не е првпат членовите на ДИК да се покажат дарежливи кон самите себе. Па, нели, тоа го правеа со патните трошоци. Лани медиумите објавија дека „Државната изборна комисија за шест месеци исплатила 25 илјади евра патни трошоци за нејзините членови“.

И сега, како и тогаш, објаснувањето е дека сѐ е законски: „ одлуките за надоместок се донесени согласно Закон и врз основа на позитивните законски прописи“. Но, каде е  моралниот и етичкиот аспект на постапката? 

Тоа што се законски покриени не значи дека треба  да се однесуваат како природно, од Бога да им е дадена улогата самите богато  да си се наградуваат. И, извесно е дека, доколку  не беа издадени за „тајната“,  немаше да се разбере дека се почестиле за 12 плати и немаше да има никакво преиспитување да се враќаат парите. Па што е тогаш ова, ако не расипништво, иако во македонскиот речник има и потешки (погрди) зборови со кои се опишуваат ваквите дејствија .

Ваквата неодговорна постапка не може да се испере со јавно манифестираната желба за  отповикување на одлуката за доделување дебели надоместоци, ниту со накаков наплив за донирање на  таквите  хонорари. Овие постфестум чекори само покажуваат дека, всушност, е време за отповикување на ДИК, дека е конечно дојден моментот за  целосен ремонт на ова тело.

Згора на сè,  од изјавите на претседателот  и на некои од членовите на ДИК,  кои ги пренесоа медиумите , не може да се забележи дека тие се каат поради таквата постапка. Напротив, тие се уверени дека ги заслужуваат дополнителните 12 плати. А настапите на некои членови на ДИК  во најмала рака делуваат дури невкусно:

На нас останува дали ќе се избориме оваа одлука ќе остане или ќе ја промениме. Спремен сум да дадам оставка ако се утврди дека сум постапил спротивно на закон, а се надевам дека медиумите и јавноста на ист начин ќе ја следат работата и на другите државни органи. На моето семејство не му требаат пари за свеќи и за пченица и ќе ги вратам овие пари,  Сашо Срцев, чен на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ.

Колегата кажа дека ќе ги вратиме парите, и мене не ми требаат пари за свеќи и за пченица,  Силвана Бонева член на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ  

Ќе ги вратам парите, не затоа што не сум ги заслужила, оти од 24 часа на ден работев 20 часа. Ќе ги вратам парите на кој било начин, ќе ги донирам или ќе ги вратам во буџетот и им го пожелувам истото на оние што нам ни го посакаа, тие да ги добијат овие пари оти можеби ќе им затребаат. Никој не праша дали одлуката за надоместоците е законита. Таа е донесена врз основа на член 19 став еден и два, рече членот на ДИК од СДСМ Виолета Дума, која соопшти дека  со колегата од СДСМ Игор Милев ќе потпишат изјава дека ги враќаат парите

Критиката за транспарентноста ја прифаќам. Оваа одлука не го издржа судот на јавноста. Давам изјава дека иако не постои законска можност да се отповика одлуката, ќе ги разгледаме правните можности надоместоците кои ни се исплатени да ги вратам во буџетот или да ги донирам на организации кои работат нешто во врска со изборите – Чичаковски.

Но, сепак, и покрај сè претседателот на ДИК останува во целост зад донесената одлука за исплата  на надоместоците.

Сметам дека се целосно законити и целосно оправдани од причина што ДИК во овој состав успеа во деликатни околности и политичка криза да спроведе фер и кредибилни предвремени и локални избори и сметам дека допринесовме да се стабилизира политичкиот и демократскиот систем во Република Македонија – Чичаковски

Што се однесува, пак, до  блескавите оценки на Чичаковски за улогата на ДИК за време на изборниот процес, да потсетиме дека ОБСЕ имаше бројни критики за ДИК за кои „Вистиномер“ неодамна пишуваше, а на кои ДИК јавно до денеска (05.12.2017) не одговори.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција