Контраспин: „Еднакво општество за сите“ на Османи подразбира целосно нов Устав

Стратегијата едно општество за сите е усвоена од Владата и прифатена од Собранието или барем разгледана и одобрена од клучните комисии, во кое/и политиките ги водеа ДУИ со СДСМ и нивните помали коалициони партии и на Албанците и на другите етнички заедници. Од тука, менувањето на концептот кој не чинел – едно општество за сите во еднакво општество за сите е спин. Посебно ако се види кој колку презел за нејзино спроведување во различно области

Стратегијата „Едно општество за сите“ е усвоена од Владата и прифатена од Собранието или барем разгледана и одобрена од клучните комисии, во кое/и политиките ги водеа ДУИ со СДСМ и нивните помали коалициони партии и на Албанците и на другите етнички заедници. Оттука, менувањето на концептот кој не чинел – едно општество за сите во еднакво општество за сите е спин. Посебно ако се види кој колку презел за нејзино спроведување во различни области

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателскиот кандидат и министер за надворешни работи, Бујар Османи, на средба по повод Светскиот ден на Ромите изрече став околу иднината на македонското општество, при што може да се регистрира спин:

 

Одбележувајќи го овој ден, стојам пред вас не само како кандидат за претседател на Република Северна Македонија, туку како еден посветен адвокат на создавање на еднаква држава, со еднакви можности за сите граѓани.

Во оваа насока тој ги разграничи концептите „едно општество за сите“ и „еднакво општество за сите“.

Разликата, како што рече, е дека во првиот најмногубројните ќе доминираат, додека на вториот, без разлика на бројот на припадниците на одредена етничка припадност, сите се еднакви во правата и привилегиите.

[Извор: 360 Степени – Османи/изјава – датум: 08.04.2024]

 

Контраспин: Ставот на Османи е извртена вистина, затоа што содржи тврдење дека неговиот концепт „еднакво општество за сите“ наводно било посупериорно од веќе усвоената кровна стратегија на државата во поглед на инклузијата и интегрирањето на општеството наречена „Едно општество за сите“.

Според оскудните информации кои ги пренесоа неколку медиуми, Османи во кратки црти ги опишал разликите –  во првиот (Едно општество….), најмногубројните ќе доминираат додека на вториот, без разлика на бројот на припадниците на одредена етничка припадност, сите се еднакви во правата и привилегиите (Еднакво општество…).

Дека тврдењето е спин, говори и фактот што токму Османи и неговата партија ДУИ, при промената на власта во 2016/2017 година решија да коалицираат и да прават влада со СДСМ токму поради разбирањето на потребата од развивање на мултикултурализмот, мултиетничноста, но истовремено потребата од надминување на трендовите на поделбата на општеството и вртење кон тренд на интеграција и инклузија во сите пори од животот. Впрочем, тоа што имаше таква програма и таков тренд и во самиот СДСМ со вклучување на поголем број Албанци, Турци, Бошњаци, Срби, и други припадници на малцински народи што живеат во Р. Македонија во 2016/2017 година, тоа што се ширеше идејата/концептот едно општество за сите, овозможи и измена на постојниот Закон за употреба на јазиците, со кој, спротивно на препораките на Венецијанската комисија добиени отпосле, албанскиот јазик де јуре прерасна во втор официјален јазик на целата територија на земјата, а не само во оние делови каде што живеат најмалку 20 отсто од Албанците. И тоа со иницијатива која помина во Собрание уште истата година кога ДУИ-СДСМ ја презедоа власта 2017 г. и со закон кој беше усвоен во Собрание во јануари 2018 година со 69 гласа, при силни критики и противења дека е антиуставен, дека ги надминува рамките на Охридскиот договор, дека ги надминува стандардите што ги пропишува Советот на Европа и дека е тешко спроведлив (последниве две беа забелешки од Венецијанската комисија апостериори).

Иако и до ден денешен партиите на Албанците во С. Македонија постојано бараат промена на Законот и Уставот и онаму каде што пишува 20 отсто население, кое употребува различен јазик од македонскиот јазик…да стои албански јазик и со тоа општеството да се официјалзира како билингвално и со тоа и бинационално наместо мултинационално, сега Османи вели се залага за сите и за концептот „Еднакво општество за сите“… што е дел од спинот за кој пишуваме.

 

Едно општество за сите го пишуваше и го гласаше и ДУИ

Имено, треба да се прочита Националната стратегија Едно општество за сите (2020-2022), Акциските планови и реализацијата до 2020, како и Националната стратегија за развој на интеркултурализмот и општествената кохезија, со Акциски план 2024-2026 година, усвоени од Владата.

Во Првата пишува:

Потребата за оваа стратегија во Република Северна Македонија произлезе од широко распространетите проценки дека државата функционира преку поделени и одвоени општества. Примарна оска на таа поделба е етничката припадност (што честопати се совпаѓа со религиозната поделба). Таа поделба е забележана од многу меѓународни организации и нивните тела, вклучително Европската комисија (ЕК), Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за националните малцинства1, како и останатите мониторинг механизми на Советот на Европа (СоЕ) и Обединетите нации (ОН), но и во анализи спроведени на национално ниво… На пример, последното мислење на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства(РКНМ) на СоЕ итно препорачува државата „да ги преземе сите неопходни мерки за градење интегрирано општество кое е цврсто базирано на владеење на правото, заштита на човековите права, вклучително и малцинските права, почитување на различностите, како и да се отфрли екслузивистичката етнонационалистичка политика која дополнително го зацврстува формирањето на паралелни општества“.

Како и : …

Суштинско значење за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам има јазикот и неговата употреба во секоја од седумте стратешки области. Јазикот претставува главно средство и sine qua non за комуникација и интеракција помеѓу поединците, различните општествени групи и заедници во државата. Преку јазикот се изразува и негува идентитетот и се поврзуваат различностите во општеството. За таа цел, постојано треба да се промовираат вредностите на јазичниот плуралитет и неговата кохезивна улога. Стратегијата нагласува дека е потребно да се обезбедат сите услови за ефективна и квалитетна употреба на македонскиот јазик, на службените и другите јазици во сите сфери на национално и локално ниво согласно Законот за употреба на јазиците (Сл. весник на РМ бр. 07/2019) и согласно Законот за употребата на македонскиот јазик.

Во втората Стратегија од 2024-2026 пишува:

Националната стратегија за развој на интеркултурализмот и општествената кохезија 2024-2026 година, е целосно комплементарна и се надоврзува на претходната Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам 2020-2022 година, усвоена на 162-та седница на ВРСМ одржана на 05.11.2019 година, а разгледана од Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците при Собранието на Република Северна Македонија,

Како и:

Исто така, Националната стратегија за развој на интеркултурализмот и општествената кохезија 2024-2026 во целост се заснова на принципот на родова еднаквост  и недискриминација како темелни вредности за  почитување на човековите права. Воспоставувањето на еднакви можности е обврска на целото општество и претставува отстранување на пречките за воспоставување и остварување на еднаквост меѓу жените и мажите и воспоставување на услови за воведување на еднакво учество на жените и мажите во сите сфери на општествениот живот.

За интеркултурализмост понатаму се вели:

Општо гледано, во мноштво документи на ЕУ и Советот на Европа, интеркултурализмот е поврзан со вредности како што се човековите права, демократија, култура на мир и дијалог, како и европски идентитет. Во најголема мера интеркултурализмот e пристап од кој се очекува да надмине дел од недостатоците на мултикултурализмот. Мултикултурализмот повеќе се посветува на принципите, регулативите и политиките во едно мултикултурно општество што формално се признаваат…

Додека, пак, за улогата на интеркултурализмот во негувањето на културите на посебните заедници се додава:

Интеркултурализмот покрај вклучувањето на претходните искажани постулати за мултикултурализмот, посебно внимание посветува на испреплетеното постоење на посебните заедници, нивните заеднички интереси и активности што водат кон нови практики и култури во контекст на постојана еволуција на културите и заедничкото постоење во сите сфери на современите разнолики општества. Централна цел на интеркултурализмот е да овозможи испреплетување, соработка и активна заедничка (ко)егзистенција, имајќи предвид дека во такви процеси посебните култури и идентитети постојано се развиваат и се трансформираат и дека можат да водат до создавање и развој на нови…

Оттука, менувањето на концептот кој не чинел – едно општество за сите во еднакво општество за сите е спин, посебно кога се тврди дека стратегијата искажувала неефикасност…

 

Кој колку се потрудил!?

Спинот се гледа и од тоа што не се бараат вистинските причини, одосно кој колку вложил и успеал да ги реализира заложбите во различни области наброени во стратегиите. Еве, на пример, што пишува во втората стратегија во поглед на едно од најважните области за негување на инклузивно општество – образованието:

Во Преглед на Охридскиот рамковен договор за социјалната кохезија од 2015 година, во однос на областа образование се истакнува дека и покрај усвојување на некои стратешки документи за интегрирано образование од страна на Владата на РМ, сепак поделбата по етнички линии останала присутна дури и во повеќејазичните училишта со организирање на наставата во различни смени за различните јазици на кои се изведува наставата. Во Прегледот се посочува и тоа дека учениците од различни јазици на кои се изведува наставата главно комуницираат меѓусебе преку воннаставни активности, поддржани од странски донатори. Од друга страна, како друга слабост се идентификува непочитувањето на критериумите за оценување на содржината на учебниците од аспект на мултикултурализмот и родовата еднаквост што резултира со учебници кои не придонесуваат за јакнење на социјалната кохезија. За жал, повеќето истражувања укажуваат на потребата од интервенција во оваа област со цел да им се овозможи на учениците да се запознаат со различните од себе и да изградат став за прифаќање и почитување на сите различности не само преку директни контакти, туку и посредно, преку тоа што се нуди во учебниците и преку самите наставни планови и програми.

Извесно време, неколку години од 2017 г. ресорот образование, иако во нивната Програма (на СДСМ) беше опсежно обработен, го водеа албанските партнери во коалицијата за дури подоцна во 2019 или 2020 да го преземе СДСМ. Но, до 2022, кога Мила Царовска со различни иницијативи во поглед на почитување на препораките од стратегијата не успеа, па ДУИ повторно го зема ресорот. Значи, албанскиот партнер во Владата имал подолги години одлучувачка улога, но реформи во образовниот процес не се видоа, а децата во основното и во средното образование станаа уште подалечни.

И за ова на ДУИ (и на СДСМ) не му се виновни „лошите“ стратегии, туку немањето волја да се спроведат и да се надминат лажните вести и дезинформациите, особено од радикално конзервативни кругови, поради кои, на пример, кај ДУИ едвај да мрдне макар малку дискриминацијата во политичкото учество на еднаквост меѓу мажите и жените.

 

(Кон) Федерална Македонија

Конечно, Османи кога зборува за нова стратегија „еднакво општество за сите“, како божем посупериорна стратегија од „едно општество за сите“, треба да биде чесен и пред сите избирачи во С. Македонија да каже дека тоа, де факто подразбира целосна промена на Уставот во делот како е дефинирана државата. Тоа подразбира менување на Уставот во смисла на повеќеетнички држави како што се Швајцарија или Белгија, на (кон)федерален принцип, реформи на собранискиот систем и слично.

Османи не го кажува овој дел – редефинирање на Уставот. И тука веќе тој би станал трет претседателски кандидат кој бара такво нешто покрај барањето за редефинирање или барем преразгледување на Преспанскиот договор, односно деловите преточени во Уставот, како што заговара кандидатот на Левица, професорката Билјана Ванковска, или отворање дебата и целосна преоценка на сите слаби точки во Уставот, по што наместо консоцијативност треба да се цели кон уставно решение што ќе биде потпрено врз индивидуата – нешто што провејува во настапите на професорката Гордана Силјановска Давкова. И од овој аспект на премолчување, изјавата на Османи е спин.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција