Контраспин: Едно невреме, спинови безброј
Oколу невремето во Скопје имаше спинови од двете главни политички партии во земјата – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со тоа што, од она што го забележавме во јавноста, преовладуваат спиновите од ВМРО-ДПМНЕ. Но, имаше и голем број спинови и на социјалните мрежи, а злоупотребата на невремето отиде дотаму што за поплавениот подрум во ЈЗУ Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ЈЗУ УК ТОАРЛИУЦ), виновна била директорката на КАРИЛ, д-р Маја Мојсовска
Oколу невремето во Скопје имаше спинови од двете главни политички партии во земјата – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со тоа што, од она што го забележавме во јавноста, преовладуваат спиновите од ВМРО-ДПМНЕ. Но, имаше и голем број спинови и на социјалните мрежи, а злоупотребата на невремето отиде дотаму што за поплавениот подрум во ЈЗУ Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ЈЗУ УК ТОАРЛИУЦ), виновна била директорката на КАРИЛ, д-р Маја Мојсовска
Пишува: Теофил Блажевски
За потребите на овој Контраспин издвојуваме еден посебно – спинот од ВМРО-ДПМНЕ дека виновници за размерот на невремето и штетите се СДСМ и премиерот Димитар Ковачевски, затоа што Владата иако имала договор за јавна набавка за растерување на градоносни облаци, а тој не профункционирал. Овој спин на Цветан Трипуновски го издвојуваме прв, затоа што, пак, беше тригер и за спинот од СДСМ:
Спин: Секоја година, од 2020-та до денес владата преку УХМР плаќа над еден милион евра за набавка на услуги за авионско засејување на облаците за превенција од природни непогоди и неповолни климатски настани. Секоја година и покрај дадените еден милион евра народни пари ни се случуваат природни непогоди и штети од град низ целата држава, а тоа во текот на вчерашниот ден беше случај со Скопје и скопско поле… (Извор-тука)
…. Ковачевски наместо да се брука со соопштенија за кои им требаше половина ден да ги напишаат, да го разреши директорот на УХМР веднаш зошто не постапил, а ЈО да поведе постапка.
Видовме како функционира градобијниот систем. Скопје буквално го живееше потопот, градот кој паѓаше оштети голем број објекти и возила.
Доколку системот за засејување на облаци функционираше штетите ќе беа намалени, а невремето немаше да причини толку големи штети, како што тоа сега е случај… (Извор-тука)
[Извор: Официјален ФБ профил на Трипуновски, Датум: 31.08.2022]
Контраспин: Овој спин на Трипуновски, поранешен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, многу брзо беше деспинуван од самите одговорни институции, кои јасно ја направија дистинкцијата околу тоа за што станува збор во договорот за јавна набавка за засејување на облаци.
Имено, преку соопштение на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беше кажано дека договорот се однесува на дејствување на авијацијата на приватниот оператор Авио-клуб „Скопје“ на земјоделски површини и надвор од населени места:
Сакаме да напоменеме дека овој систем согласно склучениот договор за ангажирање на авиони се однесува и користи за превенција и заштита на земјоделски површини од појава на град. Токму затоа, овој систем е важен во заштитата на земјоделското производство…
Освен ова, Министерството со многу прецизни бројки ја поткрeпува оправданоста на набавката и кажува колку часови лет и колку хемиски средства биле употребени за трите години од договорот:
За оправданоста на овој метод и неговата важност во заштита на земјоделските површини говорат и бројките преку кои се гледа дека процентот на заштита од град кај земјоделските површини е 80%, што претставува добар процент ако се земе во предвид дека на светско нивно успешноста во заштита од град на земјоделски површини се движи во просек до околу 60%…
Исто така, во периодот од 2020 година заклучно со 31 август 2022 година извршени се вкупно 679 часа авионско надлетување и делувано е со 1964 килограми реагенс. Поточно по години во 2020 остварени се 182 часа надлетување со искористени 434 килограми реагенс за засејување на облаците, потоа во 2021 година остварени се 252 часа со искористени 784 килограми реагенс, а заклучно со 31 август 2022 година споведено е надлетување од 245 часа и искористени се 746 килограми реагенс за засејување.
И дотука доволно е за контраспин, без да посочуваме дополнителни аргументи од УХМР и дали тие известувале или не, а само од нивната веб страница може да се види дека известувале. Но, една реченица од објавата на Трипуновски, ја предизвика спротивната партија – СДСМ, да реагира со свој спин во друга насока.
Чии градоначалници подобро се справуваат со невремето?
Имено, Трипуновски во последната реченица од својот прес вели дека Скопје од вчерашната катастрофа го спасило само навременото дејствување на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ, што е уште еден спин, затоа што за невремето, кое траеше помеѓу 30 и 40 минути, во зависност од тоа во кој дел од градот станува збор, секој што реагирал, реагирал после овие први 30 минути. Но, оваа провокација од Трипуновски ја предизвика СДСМ да настапи со свој спин:
Спин: Скопје под вода, а локалната власт од ВМРО-ДПМНЕ никаде ја немаше
Локалните самоуправи предводени од ВМРО-ДПМНЕ и директорите на јавните претпријатија потфрлија при невремето што вчера попладне го зафати Скопје и околината.
Скопје беше поплавено, улици, булевари, подвозници под вода, паднати дрва и гранки, попречен и отежнат сообраќај, а локалната власт предоведена од ВМРО-ДПМНЕ никаде ја немаше…
[Извор: СДСМ – Соопштение, датум: 31.08.2022]
Контраспин: Локалните избори во земјава се одржаа лани во октомври, а оперативно власта беше преземена до крајот на годината. Значи, активно, градоначалниците дејствуваат 7 месеци. Сите или речиси сите одводни канали и атмосферска канализација во Скопје се градени со децении претходно, освен на нови проекти, нови улици или поголеми урбанистички зафати. Но и тие одводни канали се влеваат во главните, кои се стари пет-шест и повеќе децении. Само три примери: При секои поголеми количества на врнежи од дожд доаѓа до собирање на поголеми количества вода – бари кај три локации што им се добро познати на скопјани: Подвозникот во Кисела Вода што ги спојува Црниче и Центар, Подвозникот кај крстосницата кај Континентал и подвозникот под некогашната стоковната куќа Мост.
Оваа појава не е нова. Таа е од пред мандатот на градоначалникот на Скопје, Ристо Пенов, значи од деведесетите години на минатиот век, па дури и од порано. Во поново време посилно беше изразена во 2014 година, кога градоначалник беше Коце Трајановски. (Поплавата кај Стајковци намерно не ја споменуваме зашто таа беше исклучително ретка природна појава, иако и тука беа виновни одводите кај обиколницата и во Гази Баба). На микро ниво, вакви мини барички при секој поголем дожд во Скопје има од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и Драчево, во Аеродром и Кисела Вода. И тие не се нови. Стари се со децении.
Секој поупатен експерт ќе изнесе (и изнесуваа) во јавноста две причини за ваквите проблеми со сообраќајот и со поплавувањето индивидуални и колективни објекти за домување. Првата причина е застарената и дополнително капацитетски ограничена атмосферска канализација, бидејќи цело време се проширува и се зголемува секој дел од Скопје со нови објекти и жители. Впрочем, во една разработка за темата од страна на „Нова Македонија“ во 2018 година може да се прочита податокот дека Скопје е покриено само со 30 отсто од целата своја површина со атмосферска канализација!
Втората причина е огромно или големо количество дожд за многу краток временски период. Конкретно, од УХМР изјавија дека пред некој ден за половина час паднале 25 литри на метар квадратен во деловите од градот што беа зафатени со невремето, плус штетите што ги предизвика ретко силниот ветар, кој од секојдневните 7-18 километри на час за време на несреќата дувал и со 70 км на час, што предизвика дополнително затнување на системот за атмосферска канализација од лисја, гранки и друг смет што бил дуван од улиците.
Ниту еден градоначалник од која било партија нека е поставен, во такво невреме што сета своја силина и моќ ја „истресе“ врз Скопје за 30-тина минути и со таква слаба инфраструктурна покриеност со атмосферска канализација, не може да дејствува подобро или однапред да ја спречи. Тоа беше невреме со кое целиот систем (за управување со кризи), требаше и се снаоѓаше во своето дејствување. И затоа, триковите на ВМРО-ДПМНЕ за способноста на нивните градоначалници и спинот на СДСМ во истата насока за неспособност на овие првите, се јасно читливи обиди за манипулација на јавното мислење, при што природните непогоди и несреќи буквално се злоупотребуваат за тесно партиски интереси.
***
Имаше и голем број спинови по социјалните мрежи, најчесто од партиски симпатизери и ботови, а се отиде дури дотаму што за пукната цевка и поплавен магацински простор во Клинички центар (во ЈЗУ ТОАРЛИУЦ) се обвини дикреторката на КАРИЛ, д-р Маја Мојсовска, на која што при спинот од ВМРО-ДПМНЕ, невистинито ѝ се припишува и дека сакала да прикрие податоци за смртта на хрватскиот ракометар пред неколку месеци. Што е уште еден показател дека дезинформациите и спиновите најчесто потекнуваат од самата политичка структура, а потоа како такви силно влијаат врз јавноста и граѓаните за создавање погрешни перцепции за реалноста.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар