Контраспин: Главните наративи од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за Извештајот на ЕК се спин

СДСМ, за да го намалат ефектот за лошите оценки во делот на владеење на правото и судството одат со наратив дека во 80 отсто од Извештајот имале напредок, сметајќи го за напредок секој пасус што зборува дека состојбата останала иста како лани. Вторите од ВМРО-ДПМНЕ, со наративот дека земјата добила историски најлош извештај, ги забораваат извештаите од 2014/2015 и 2016 година, кога за прв пат имаше назадување во некои области и заробена држава од страна на владата

Првите, СДСМ, за да го намалат ефектот за лошите оценки во делот на владеење на правото и судството одат со наратив дека во 80 отсто од Извештајот имале напредок, сметајќи го за напредок секој пасус што зборува дека состојбата останала иста како лани. Вторите од ВМРО-ДПМНЕ, со наративот дека земјата добила историски најлош извештај, ги забораваат извештаите од 2014/2015 и 2016 година, кога за прв пат имаше назадување во некои области и заробена држава од страна на владата

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Два дена по објавувањето на извештајот за напредокот на Северна Македонија во евроинтеграциските реформи се детектираат два главни наративи од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но и двата се всушност спинови:

Наративот на СДСМ: Од првичната анализа на Извештајот на ЕК произлегува важна порака – имаме напредок во 80 проценти од поглавјата, а не е нотирано назадување во ниту едно од поглавјата.

[Извор: Канал 5 – Бојан Маричиќ/прес, датум: 09.11.2023]

Контраспин: Овој наратив, кој веќе станува доминантна порака од владејачката партија СДСМ, што може да се забележи и на нивната веб страна и преку изјавите на нивните високи функционери, е извртување на вистината и гледање на проблемот од типот „чашата е до половина полна, а не полупразна“.

Само мала споредбена анализа на извештаите на ЕК од 2022 со 2023 во најважната област Фундаменти, го разоткрива спинерскиот елемент во наративот на СДСМ.

 

Политички критериуми

2023

С. Македонија ги продолжува напорите да ја зацврсне демократијата, соочувајќи се со значителни предизвици во областа на владеење на правото…

Политичката состојба останува поларизирана што се одразува врз правилно функционирање на институциите…(страна 4 од Извештајот)

2022:

Северна Македонија ги продолжува своите напори да ја зацврсти демократијата и владеењето на правото и покрај предизвиците. Земјата покажува посветеност да продолжи со испорачување резултати во клучните области од (кластерот – н.з.) Фундаменти….(страна 4 од Извештајот за2022 г.)

 

Судски систем

2023:

Нема прогрес во областа (стр.4 од Извештајот за 2023)

2022:

Постигнат е извесен прогрес преку стабилна имплементација на стратегијата за реформи во правосудството….(стр.4 од Извештајот за 2023 г.)

 

Борба против корупцијата

2023

Нема прогрес во областа…Одложувањето и повторувањето на судските постапки за висока корупција е во пораст, резултирајќи во некои случаи со застареност – (стр.6 од Извештајот за 2023)

2022

Одреден прогрес е направен додека земјата продолжува да ги консолидира своите перформанси во истрагите и прогонот, покренувајќи во исто време неколку случаи за висока корупција. Во исто време, случаите од поранешното СЈО продолжуваат да се движат напред обезбедувајќи отчетност за нелегалните прислушкувања – (стр.6 од Извештајот за 2023 г.).

Заштита на човекови права

2023

Законската рамка за почитување на човековите права делумно е во согласност со стандардите на ЕУ – (стр.7 од Извештајот за 2023)

2022

Законската рамка за почитување на човековите права широко е во согласност со стандардите на ЕУ – (стр.7 од Извештајот за 2022 г.)

Економски критериуми

2023

Направи извесен прогрес и (земјата) е добро подготвена – (стр.7 од Извештајот за 2023)

2022

Направи извесен прогрес и (земјата) е добро подготвена – (стр.7 од Извештајот за 2022)

 

Слобода на изразување

2023

Северна Македонија е помеѓу слабо до умерено ниво на подготвеност во областа на слободата на изразување. Севкупно, направен е ограничен прогрес. – (стр.7 од Извештајот за 2023)

2022

Северна Македонија е помеѓу слабо до умерено ниво на подготвеност во областа на слободата на изразување. Севкупно, направен е ограничен прогрес – (стр.7 од Извештајот за 2022 г.).

Доколку се погледнат споредбено оценките и во другите кластери, ќе се види дека оценките се исти, со мал исклучок во кластерот 5 за земјоделие, каде што во една од забелешките од лани земјава направила извесен напредок. Па, ако се земат суштинските оценки на областите од Фундаменти и истите оценки од другите 6 кластери, може да се констатира дека земјата на некој начин назадувала во најважните области од Фундаменти – демократија, владеење на правото, судството и функционирање на институциите, а во другите области од кластерот Фундаменти, како и во другите кластери, основните оценки се исти, што би можело да се оцени наместо напредок – стагнација. Од овие причини наративот на СДСМ за напредок во 80 проценти од извештајот е спин.

 

Најлоши извештаи беа оние од 2014/2015/2016 г.

Реакцијата на главната опозициска партија во Собранието ВМРО-ДПМНЕ беше на некој начин ликувачка, во смисла – ете, извештајот потврди сè што сме зборувале за СДСМ и ДУИ. Притоа, од страна на високи партиски функционери и на официјалниот сајт на партијата може да се сретне унисон наратив околу Извештајот за годинава:

Наративот на ВМРО-ДПМНЕ: „Македонија го доби историски најлошиот извештај од Европската комисија“…„Овој извештај е најлошиот кој што Македонија го примила од Европската комисија за напредокот во целокупниот систем на институции на нашата држава затоа што во десет области во извештајот е констатирано дека нема напредок, а преведено во одредена оценка е оценка нула во десет области од кои неколку од нив се клучни области како правосудство, борба против корупцијата, злоупотреба на европското знаменце…“

[Извор: Тајм.мк – Мицевски/Милошоски, датум: 09/10.11.2023]

 

Овој наратив на ВМРО-ДПМНЕ може да се види во настапот на нивните високи претставници, како што се Никола Мицевски, Антонио Милошоски, Тимчо Муцунски, итн.

Притоа Милошоски, на пример, наведува: Во изминатите 5, 10, 15 години секогаш сме имале различни извештаи, имало некои амплитуди, но средната оценка било дека има одреден или умерен напредок, но во овој извештај се гледа дека доминира оценката нема никаков напредок, особено во областите за борба против корупцијата и правосудството.“

Но, она што не го кажуваат високите преставници на ВМРО-ДПМНЕ, е дека никогаш, освен во време кога со земјата управуваше Никола Груевски, во извештаите на ЕУ се споменува „заробена држава“ и регрес, односно „назадување во некои области“.

На пример, во самиот вовед од Извештајот за напредокот на земјата за 2014 година, на стр. 2 се наведува:

Процесот за пристапување на ФИРОМ кон ЕУ е во ќорсокак. Непостапувањето по препораките на Комисијата од страна на Советот значи дека преговорите се уште не можат да бидат отворени. Во исто време, неуспехот на Владата (на Груевски-н.з.) да испорача доволно (промени-н.з.) за голем број клучни прашања, наштети на одржливоста на реформите, со евидентно назадување во некои области.

На истата страница 2, некој пасус подолу се наведува:

…Mинатата година имаше сериозна загриженост околу политизацијата на државните институции која се зголемува, како и контролата на владата врз медиумите, вклучително и во контекст на изборите, како што сопшти ОБСЕ/ОДИХР. Довербата во државните институции прогресивно се намалува. Расте загриженоста за селективната правда. Состојбата со слободата на медиумите продолжи да се влошува

За прв пат „заробена држава“

Кризата во 2014 се прелева уште пожестоко и во 2015 година со обвинението за Зоран Заев во случајот Пуч, како и со објавувањето на прислушкуваните разговори. Во извештајот за 2015 година Европската комисија (стр.8), за прв пат го употребува терминот „заробена држава“:

Почнувајќи од мај, опозицијата организираше неколку демонстрации за да го изрази протестот против немање транспарентност и степенот на заробување на државата од страна на владата. Исто така, имаше зголемен број демонстрации во знак на протест на немање консултации во креирањето на владини политики околу закони кои се укинати или суспендирани…

Состојбата продолжува да биде лоша и во 2016 година. Во извештајот за оваа 2016 година ЕК на стр. 4, во делот на политички критериуми оценила:

Демократијата и владеењето на правото беа под постојан предизвик, особено поради заробената држава, што влијаше врз функционирањето на демократските институциите и во (институциите во -н.з.) клучните области во општеството.

ЕК констатира дека кризата со која се соочува земјата е најлошата од 2001 година, а во делот на управување, владеење со земјата на стр. 8 оценила:

Продолжуваат сериозните предизвици за демократското владеење со земјата, со зголемена загриженост околу заробените институции и клучните сектори од страна на државата. Независните регулаторни, надзорни и советодавни тела не беа во состојба да функционираат проактивно, ефективно и ослободени од политички притисок, што доведе до ограничена контрола врз извршната власт.

Како што може да се види, историски најлоши извештаи биле во 2014/2015/2016 година, бидејќи во оној од 2014 година ЕК зборува за „назадување“ во некои области, а во 2015 и 2016 година зборува за „заробена држава“ од страна на владата и „нефункционирање на демократските институци“ и  оние „во клучните области во општеството“

Оттука, сегашниот наратив на ВМРО-ДПМНЕ дека Извештајот на ЕК за 2023 година е историски најлош е наратив со многу спинерски елементи, т.е. извртување на вистината.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција