Контраспин: Граѓаните не очекуваат антикорупција за сметка на човекови права  

Извртувањето на вистината е во тоа што Аврамовска Мадиќ не нуди ниту еден аргумент дека токму со овие измени борбата против корупција ќе биде побрза и поуспешна, и дека граѓаните стоеле зад ова зашто тие тоа го очекуваат од власта, дотолку повеќе што самиот предлог закон беше повлечен од Собранието и вратен на доработка во Министерството за правда, бидејќи сериозни експерти го оспорија како закон што има проблем со Уставот и со основните права на граѓаните

Извртувањето на вистината е во тоа што Викторија Аврамовска Мадиќ не нуди ниту еден аргумент дека токму со овие измени борбата против корупција ќе биде побрза и поуспешна, како и дека граѓаните стоеле зад ова зашто тие тоа го очекуваат од власта, дотолку повеќе што самиот предлог закон беше повлечен од Собранието и вратен на доработка во Министерството за правда, бидејќи сериозни експерти го оспорија како закон што има проблем со Уставот и со основните права на граѓаните

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Заменик министерот за правда во Владата на РСМ Викторија Аврамовска Мадиќ во интервју се осврна на предложените  измени на Законот за рестриктивни мерки, при што може да се детектира спин:

Спин: Овој закон, за рестриктивни мерки ќе помогне што побргу процесот да се одвива, бидејќи граѓаните тоа го очекуваат цело време од нас. Ниту Владата, ниту било кој друг, освен граѓаните не кажуваат дека довербата во судството е нарушена и дека борба против корупција нема.

Кај нас не беше тоа регулирано и процесуирано во еден одреден закон. САД како стратешки партнер на Република Северна Македонија става физички или правни лица на таа листа во оној момент со нивна процедура во нивната држава со доволен број на докази и кога таа листа ќе се најде кај нас мораше да се најде соодветен начин како државата да постапи и како да се бори против тие одредени субјекти за побргу да продолжи борбата против корупција.

[Извор: СП – Викторија Аврамовска Мадиќ, датум: 02.06.2024]

 

 

Контраспин: Заменик министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ во интервју за Слободен Печат (после 3 минута од видеото) тврди дека граѓаните се тие што де факто стојат зад измените на Законот за рестриктивни мерки, зашто со помош на овој закон борбата против корупцијата ќе биде побрза, односно „процесот да се одвива“ – став и теза која што во себе содржи спин.

Имено, извртувањето на вистината е во тоа што Аврамовска Мадиќ не нуди ниту еден аргумент дека токму со овие измени борбата против корупција ќе биде побрза и поуспешна, и дека граѓаните стоеле зад ова зашто тие тоа го очекуваат од власта. Дотолку повеќе што самиот предлог-закон беше повлечен од Собранието и вратен на доработка во Министерството за правда, бидејќи сериозни експерти го оспорија како закон што би имал проблем со Уставот и со основните права на граѓаните.

 

 

 

 

Доработениот закон повторно доби потврда од владата во вторникот и повторно е вратен во Собрание, при што шефот на МНР Бујар Османи се обиде да ја појасни суштината:

По добиената информација дека има правен акт од САД, Обединетото Кралство, ЕУ, предлагачот, тоа е МНР, Јавното обвинителство и другите агенции за национална безбедност и финансиски истраги имаат можност да предлагаат до Владата донесување на рестриктивни мерки. По носење на рестриктивните мерки Владата иницира задолжително до ЈО, односно го задолжува предлагачот да ги собере сите информации и факти коишто може да ги обезбеди и достави до ЈО, кое е должно веднаш да отвори процедура согласно Законот за кривична постапка…

ЈО е задолжено согласно овој закон и веднаш да побара од Судот рестриктивни мерки:

 Судот може да донесе таква одлука на барање на ЈО доколку се исполнети условите за тоа, односно има подигнато обвинение, прифатено е обвинението и на барање на јавниот обвинител да се активираат овие два механизми. Судот може или не да донесе привремена мерка сѐ до правосилна судска одлука. Едно е забрана за кандидирање и вршење на јавна функција и второ, доколку се работи за правни субјекти, се забранува и учество на постапки во кои се вклучени јавни пари, како што се јавни набавки, концесии, јавно-приватно партнерство и сите аспекти во кои се вклучени јавните фондови – изјави Османи, пренесува 360 Степени.

Сепак, за сите фалинки или дилеми што ги поставува овој предлог за измени на Законот за рестриктивни мерки, може да се види од колумната на професорот од Катедрата за кривично право на Правниот факултет при УКИМ, Гордан Калајџиев, со наслов Црни денови за уставниот поредок – анализа на предложените измени во законот за рестрикција, која иако е објавена пред поправките на предлогот, содржи многу суштински поенти:

Ставањето на Владата на чело на борбата со корупцијата и организираниот криминал не само што го крши Уставот и меѓународното право со самото тоа што е спротивно на начелото за поделбата на власта и на владеењето на правото, туку е спротивно на сите сознанија за корупцијата затоа што политичката елита на извршната власт по правило е мотор на корупцијата и впрочем по природата на работите е во најповолна положба да ја злоупотребува власта концентрирана кај неа – оценува Калајџиев во колумната за Трилинг.

Со оглед на фактот што постојат вакви дилеми, како и дилеми од аспект на правото за мирно располагање на сопственоста согласно европската Конвенција за човекови права и Протокол 1 (види точка 9 во колумната на Калајџиев), не постојат никакви гаранции дека борбата против корупција ќе стане поефикасна и побрза, а. тоа. пак. најмалку значи дека граѓаните ќе го добиеле она што го очекувале од власта, успешно справување со корупцијата. Напротив, постојат разумни дилеми дека може да се дојде до нови злоупотреби од страна на Владата, разни агенции и други институции кои ќе бидат овластени да ги спроведуваат новите измени во Законот врз основа на т.н. „црни листи“.

Впечаток е дека оваа владејачка коалиција сака да покаже дека е подготвена поревносно да се бори со корупцијата на самиот крај од нејзиниот мандат. Тој впечаток, како што пишува РСЕ, неодамна го потврди и професор по кривично право на Тетовскиот универзитет со богато полициско искуство Ќебир Авзиу:

Одобрувањето на законот го гледам како еден вид политиканство на владата кон меѓународниот фактор, во случајов Соединетите Американски Држави и Велика Британија. Не познавам друга земја во светот што работи врз основа на (американската) црна листа, оценува Авзиу.

Всушност, јавноста не може да види дали е отстранета клучната дилема што ја постави во своите забелешки Министерството за правда при првото читање на овој закон во Владата, а тоа е дека ваквиот закон не е поврзан и дизајниран за борба против корупцијата:

Суштината на Законот за рестриктивни мерки е да овозможи ефективна и ефикасна борба против тероризмот и против финансирањето на тероризмот. Генезата на овој закон е Резолуцијата 1267 на ООН за тогашната настаната ситуација во Авганистан. Согласно со воспоставените меѓународни стандарди, целта на овој закон е зачувување на безбедноста, мирот, демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи, а не и борба против корупцијата и криминалот, како што се предлага во измените и дополнувањата содржани во предлог-законот, објави МКД.мк.

Не е најјасно што се случило во меѓувреме ова мислење и овие дилеми да се отстранат токму на вчерашната седница на која дојдоа до израз последици од внатрешниот конфликт во Алијансата за Албанците, но не смее да се пренебрегне фактот што Министерството за правда предложи законските измени прво да ги разгледа и Венецијанската комисија.

Освен овие наброени дилеми кои го истакнуваат спинот што го рецензираме, ставот на Аврамовска Мадиќ е и контроверзен и недоследен, бидејќи пред само 4-5 месеци ги бранеше како своевидна ефикасна мерка токму за борба против корупцијата измените на Кривичниот законик со кој се интервенираше во кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување, со што се прекинаа многу истраги и судски постапки по основ на застареност, меѓу кои и клучниот предмет од поранешното СЈО Таргет-Тврдина.

Мадиќ тогаш тврдеше дека тоа биле измени по европски примери за законодавства со кои ќе се постигнело побрзо одвивање на судските постапки. Последиците од овие и до ден денешен „необјасниви“ измени се влијание врз околу 200 поранешни и сегашни функционери или јавни личности кои беа опфатени во постапки врз основа на избришаните членови од поранешниот КЗ, а отштетите што ќе треба да ги плаќа државата се во милионски суми евра.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција