Контраспин: Изјавата на Груби околу резолуцијата е вешто спакуван спин

Артан Груби. Фото: Мета

Да се тврди дека ДУИ нема ништо против резолуција во Собранието за преговорите со Бугарија, зашто партијата веќе 20 години ги застапувала интересите и на Албанците, и на Македонците, и на сите граѓани, а во исто време да се бара усогласување на текстот во момент кога партијата ја оцени резолуцијата како штетна и во момент кога СДСМ го прифаќа текстот како што го прочитале од медиумите, не е ништо друго туку спин

Да се тврди дека ДУИ нема ништо против резолуција во Собранието за преговорите со Бугарија, зашто партијата веќе 20 години ги застапувала интересите и на Албанците, и на Македонците, и на сите граѓани, а во исто време да се бара усогласување на текстот во момент кога партијата ја оцени резолуцијата како штетна и во момент кога СДСМ го прифаќа текстот како што го прочитале од медиумите, не е ништо друго туку спин

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Артан Груби, организациски секретар на ДУИ и прв вицепремиер во Владата на РСМ даде изјава во врска со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за Резолуција во Собранието околу преговорите со Бугарија, во која се детектира спин:

 

Спин: Ништо не ни пречи, ја поддржуваме. ДУИ веќе 20 години ги застапува интересите на Албанците, Македонците и на сите граѓани и затоа денес сме во НАТО и на чекор до ЕУ. Бараме само текстот да биде усогласен со сите парламентарни партии, што е претходна пракса при усвојување на вакви резолуции и да не претставува дополнителна пречка во билатералниот спор. Ние во неколку наврати истакнавме дека идентитетот, јазикот, културата и историјата се неспорни и не можат да бидат дел од спор во 21 век.

[Извор: Плус Инфо – Груби: Ништо не ни пречи… – датум: 07.07.2021]

 

Контраспин: Неформалниот втор човек на ДУИ, првиот заменик-премиер, Артан Груби, даде изјава за судбината на предложената Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ што би требало да ја усвои Собранието околу преговорите со Бугарија, при што во изјавата се гледа двоен спин.

Првиот спин е барањето текстот на Резолуцијата да биде усогласен со сите парламентарни партии, а вториот е поширокиот контекст на изјавaта на Груби дека ДУИ 20 години ги застапува интересите на Албанците, Македонците и на сите граѓани и затоа денес сме биле во НАТО и на чекор до ЕУ.

Најпрво, недоследно е без појаснување да се тврди дека на ДУИ „ништо не им пречи“ резолуцијата и дека „ја поддржуваме“, откако во текот на завчерашниот ден ДУИ се изјасни против резолуција, која воедно е оценета како штетен документ на два пати од шефот на дипломатијата Бујар Османи. Првиот пат на 04.07.2021, кога вели дека тоа им штети на интересите на граѓаните, и на 07.07.2021, кога вели дека со Резолуцијата може да се направи најголема грешка („Најголемата грешка што може да ја направиме досега, од една државна позиција која има кредибилитет пред светот, некој сега да ја претвори повторно во етничка“).

Спинот во изјавата на Груби се гледа не само во некое наводно неофицијално менување на курсот на ДУИ, а останување на ист или сличен став со Османи околу „текстот кој треба да се усогласи“ (Османи смета дека не треба да биде наметната од некоја политичка партија и дека текстот треба да се пишува од нула), туку и поради тоа што Груби е потполно свесен дека другите „големи партии“ веќе се изјаснија дека текстот е помалку или повеќе утврден.

Имено, најголемата партија во владејачката коалиција, СДСМ, веќе соопшти дека се подготвени да ја прифатат резолуцијата само во онаква форма како што веќе е декларирана преку медиумите, кои го објавија текстот на можната идна собраниска резолуција.

Значи, знаејќи го ставот на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, чекајќи ги прецизните ставови на другите партии на Албанците, зашто партиите на Македонците горе-долу се изјаснија, ДУИ е претставена од страна на Груби како партија која нема ништо против резолуција, не ѝ пречи, но бара одново усогласување со текстот. Што не е ништо друго туку, де факто, суштински ист став како на оној на Османи и на партијата.

Се разбира, секое натамошно дебатирање ќе доведе до потенцијални дискусии на етнички прашања или (не)принципиелни условувања и очекувања, а и самиот предлагач на Резолуцијата, ВМРО ДПМНЕ веќе и ги поткопува позициите за консензус со нималку дипломатското повикување на ДУИ да ја гласа резолуцијата. Но, ова не е тема на овој контраспин, туку спинот во изјавата на Груби.

Вториот аспект од спинот на ДУИ е едно децидно генерално тврдење на ниво на аксиома дека ДУИ „веќе 20 години ги застапува интересите на Албанците, Македонците и на сите граѓани и затоа денес сме во НАТО и на чекор до ЕУ“.

ДУИ е политички субјект кој настана од кадарот на поранешното раководство на ОНА, што го поттикна, започна и учествуваше во оружениот судир во 2001 г., во тогашна Република Македонија. По потпишување на Охридскиот рамковен договор, во 2002 година на политичката сцена се појави ДУИ. Оттогаш, па сè до денес, ДУИ е партија која е постојано во власта. Најблиску да ја загубат власта беа во 2016 година кога почна да расте бројот на опозициските пратеници во албанското гласачко тело, но и тогаш ДУИ, за малку, беа побројна пратеничка група.

За сите овие 19 години, факт е, преку сите генерални политички правци на дејствување во Владата и во Парламентот, дека ДУИ во основа се занимавала со остварување на правата на Албанците запишани во Охридскиот рамковен договор и преточени во измените на Уставот од 2002 година, отколку со било што друго, односно со чии било други интереси. Впрочем и членството на партијата и гласачкото тело го чинат, пред сè, Албанци во РСМ.

Како тоа го правеле и дали успешно ги застапувале интересите на Албанците во земјава е друго прашање, за што може да се анализираат основните законски решенија во спроведувањето на правичната застапеност во институциите или употребата на јазикот. Нема потреба да се навлегува во оценки на начинот како се спроведувале политиките при управувањето со локалните самоуправи онаму каде што ДУИ бил или е на власт, а каде мнозинството од граѓаните и Албанци и Македонци и други се незадоволни од таквите политики, па изразуваат желба за промена на власта, како, на пример, во Гостивар, а во други поголеми локални самоуправи ДУИ ја задржува власта само со помош на коалиции со другите поголеми партии од македонскиот блок.

Според тоа, изјавата дека „ДУИ веќе 20 години ги застапува интересите на Албанците, Македонците и на сите граѓани и затоа денес сме во НАТО и на чекор до ЕУ“, не е ништо друго освен гола (нескромна) политичка фраза, во која, исто така, има спин.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција