Контраспин: Левица може и на Џугашвили да му се поклони

Фото: ФБ профил на Левица

Во обид да го оправда своето поклонение на гробот на албанскиот револуционер и диктатор Енвер Хоџа, Левица наведува мотиви како што се соработка со албанските левичари и симболиката на Хоџа како борец против фашизмот. Ова е спин, зашто по логиката на Левица, Апасиев утре слободно може да замине за Кремљ и да се поклони пред гробот на  Јосиф Висарионович Џугашвили Сталин, како познат антифашистички „великан“

Во обид да го оправда своето поклонение на гробот на албанскиот револуционер и диктатор Енвер Хоџа, Левица наведува мотиви како што се соработка со албанските левичари и симболиката на Хоџа како борец против фашизмот. Ова е спин, зашто по логиката на Левица, Апасиев утре слободно може да замине за Кремљ и да се поклони пред гробот на  Јосиф Висарионович Џугашвили Сталин, како познат антифашистички „великан“

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Политичката партија Левица во соопштение за причините за посетата и поклонението пред гробот на поранешниот албански лидер и несомнен диктатор Енвер Хоџа, наведува ставови во кои може да се препознае спин:

Спин: Целта на посетата на вечното почивалиште на албанскиот комунистички државник е за подавање на рака за соработка помеѓу Левица и младите албански левичари. Тие во овој момент ги потиснува клеро-фашистичката политичка култура на сецесионизам и деструктивност која се наметнува преку партиите на албанското малцинство во Република Македонија.

Енвер Хоџа е симбол на антифашистичкиот отпор на нашите соседи против италијанската окупацијазатоа и не е за изненадување реакцијата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како партии кои ги слават крвниците на македонската нација како Ванчо Михајлов и Цар Борис Трети и се обидуваат да ја избришат жртвата на македонските партизани и нивната борба против фашистичките окупатори.

[Извор: Сител/онлајн – Соопштение на Левица; Датум: 12.04.2023]

 

Контраспин: Дури и формално гледано, двата наведени пасуса од појаснувањето, де факто, оправдувањето на посетата на гробот на Енвер Хоџа, се извртувања на вистината и спинови.

Во првиот пасус, без никакво образложение и збунувачки тврдат дека „младите албански левичари се потиснати од клеро-фашистичката политичка култура на сецесионизам и деструктивност која се наметнува преку партиите на албанското малцинство во Република Македонија“, а дека Левица сака да соработува со нив и затоа отишле на гробот, за да „подадат рака за соработка“. Со младите албански левичари!? Ова е очигледен спин, зашто соработката со албанските левичари, иако не е наведено точно за која партија или движење станува збор, може да се одвива и без посета на гробот на Хоџа.

Вториот пасус е, исто така, со елементи на спин. Сосема е јасно дека ниту ВМРО-ДПМНЕ, а уште помалку СДСМ ги слави крвниците на македонскиот народ Ванчо Михајлов и Цар Борис Трети. Иако ВМРО-ДПМНЕ го има неформално споменато Михајлов во статутот во историска смисла – дека партијата е наследник на историското ВМРО, чиј последен претседател бил Ванчо Михајлов – сепак, за затворањето или промена на името на веќе згаснатиот бугарски клуб во Битола имаа цврст став. Тој беше уште поцврст дека се против клубот во Охрид со име Цар Борис Трети. СДСМ, пак, никогаш немал дилеми ниту кон едниот или другиот и извртување на вистината е да се нарече партија која ги поддржува крвниците на македонските партизани.

Значи и формално гледано, ова дополнително оправдување е спин. Но, спинот се гледа и од претходно наведената причина за посетата на гробот на албанскиот диктатор, што Левица ја посочи во првата објава за настанот на Фејсбук:

Под неговото четиридецениско владеење, Република Албанија, која беше оставена во руини после укинувањето на монархијата, зачекори кон изградба на нови темели: беше изградена првата железничка пруга на нејзина територија, земјата почна со забрзана електрификација, беа искоренети низа епидемиски болести, стапката на писменост беше зголемена од 5% на 90%, државата стана земјоделски независна земја преку колективизација на плодното земјиште, а беше извршена и радикална секуларизација на религијата. Тој водеше беспоштедна борба против локалните великопоседници, клерот и племенските старешини, кои го држеа народот во класна потчинетост и незнаење. За време на неговиот живот успеа да ја трансформира Албанија од полуфеудален вилает на Отоманската империја во индустријализирана планска економија (Извор: Објава на ФБ профил на Левица).

Сосема е јасно дека Левица го глорифицира Хоџа, истакнувајќи ги со малку претерување само позитивните ефекти од времето на неговото 41 годишно владеење со Албанија (1944-1985).

Според серозни истражувачи, она што го наведува Левица како „беспоштедна борба против локалните велепоседници, клерот и племенските старешини“ е период од 1946 до 1955 кога непријателите на Хоџа и на албанските комунисти биле стрелани, прогонети, интернирани и тоа во вонсудски постапки, при што им бил земан имотот, вклучувајќи го и оној на кралското семејство на Ахмед Зогу, кој владееше со Албанија до 1939 година. А како сериозен поклоник на Сталин кој за Хоџа бил единствен лик што исправно го спроведувал марксизмот и ленинизмот, Хоџа од почетокот, но речиси сè до крајот на владеењето, преку Сигурими, албанската тајна полиција, ги спроведува крвавите методи на Сталин што ги реализирал преку чуварите на револуцијата во НКВД (претходникот на КГБ), која е и извршител на милионските погубувања измачувања и прогонувања во тогашен СССР.

За сите овие ѕверства на Сигурими под водство на Хоџа, од кои страдал во еден период секој трет Албанец (значи можеби и над милион Албанци), исто така постојат сериозни истражувања и филмови. А едно од поновите е книгата „Енвер Хоџа“ на Бленди Февзиу, познат албански новинар  и истражувач, од која е направен и документарец.

Ете на таков лик, делегација на Левица предводена од Димитар Апасиев му одаде почит. А, бидејќи во причините наведува дека станува збор за „симбол на албанската борба против фашизмот“ (Хоџа), тогаш од истите причини, делегација на Левица предводена од Апасиев може да се очекува слободно да оди и на поклонение во Кремљ, на поранешните гробишта на великаните на СССР, каде меѓу другите  е погребан и „великанот“ Јосиф Висарионович Џугашвили Сталин. Зашто, нели и тој во периодот од 1941-45, како лидер на КПСС и врховен командант на Црвената Армија ги порази војските на Адолф Хитлер. До душа, со мало колебање од година и половина претходно, поради Пактот попознат како  Рибентроп – Молотов.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција