Контраспин: Левица предзиборно се фали дека ќе ги поништи сите договори, но не кажува како

Фото: Принтскрин

Бобан Кочовски, член на Централниот комитет на Левица и кандидат за пратеник во Изборна еднициа 3, во рамките на изборната кампања и презентацијата на програмата, на 28.06. 2020 година изјави дека неговата партија, доколку дојде на власт, ќе ги поништи Преспанскиот Договор, Договорот за добрососедство, Охридскиот рамковен договор и ќе ја укине двојазичноста. Притоа, неговата изјава содржи неколку спинови.

 

Пишува: Ана Анастасовска

Соин: Политичката партија Левица како единствена надетничка партија во Република Македонија во својата изборна програма предвидува поништување на Преспанскиот договор склучен со Грција, поништување на Охридскиот рамковен договор, поништување на бугарскиот договор којшто е наречен за добрососедство, поништување на двојазичноста во Република Македонија која што беше насилно донесена од страна на Владата. Ова се нужните промени кои што Левица ќе ги направи со цел да се исправат сите оние неправди кои што и беа нанесени на Република Македонија. Подобро општество е неопходно, подобро општество е можно.

Бобан Кочовски – кандидат за пратеник во ИЕ3

„Левица ќе ги поништи Преспанскиот Договор, Договорот за добрососедство, Охридскиот рамковен договор и ќе ја укине двојазичноста! “ Бобан Кочовски – дел од Централниот Комитет на Левица и кандидат за пратеник во Изборна Единица 3.#ЛевицаВоПарламент#ДржаватаЗаНародот#Заокружи4

Posted by Левица / E majta / Levica on Saturday, 27 June 2020

 

 

[Извор: Официјална Фејсбук страница на партијата Левица, датум: 28.06.2020]

Контраспин: Бобан Кочовски од Левица, на почетокот од својата изјава нагласи дека Левица била единствена надетничка партија во државата, што не е точно. СДСМ уште на изборите во 2006 година се претстави пред гласачите како надетничка партија со тоа што на изборните листи за пратеници имаше и кандидати Албанци. На овие избори, на контото на СДСМ, како што посочи пратеникот Мухамед Зеќири водејќи се од партиски пресметки, отишле од 50-70 илјади албански гласови.

Понатаму, Кочовски вели дека Левица ќе ги поништи Преспанскиот договор склучен со Грција и „бугарскиот договор наречен за добрососедство“. Со потпишувањето на Преспанскиот договор, Македонија стави крај на дводеценискиот спор околу името со Грција. Благодарение на овој договор, Македонија стана рамноправна членка на НАТО и се очекува да почне преговори за влез во Европската Унија. Кочовски не понуди никаква алтернатива за Преспанскиот договор, ниту пак, кажа како овој договор би се поништил имајќи предвид дека зад него, освен Македонија и Грција, стои и меѓународната заедница. За да биде поништен Договорот, потребно е двотретинско мнозинство во законодавниот дом. Кочовски не кажа ниту како евентуалното поништување на Преспанскиот договор би влијаело врз членството на Македонија во НАТО и врз евроинтеграцијата на земјава.

Што се однесува до „бугарскиот договор наречен за добрососедство“, овој договор не е бугарски, туку е Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија со кој двете страни се обврзаа да развиваат сестрани односи помеѓу себе во согласност со основните принципи на меѓународното право и добрососедството. Имајќи ја предвид заедничката историја, која ги поврзува двете држави и нивните народи, двете држави се договорија разликите по овие прашања да ги усогласат во рамки на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања. Кочовски исто како и во случајот со Преспанскиот договор не понуди никаква алтернатива за Договорот за добрососедство со Бугарија.

Понатаму, Кочовски рече дека Левица ќе ја поништи двојазичноста во државата, очигледно мислејќи на Законот за употреба на јазиците. Притоа, тој не кажа на кој начин ќе ја поништат двојазичноста, дали можеби ќе ги импlементираат забелешките на Венецијанската комисија по овој закон? Министерката за правда, Рената Дескоска најави дека по изборите овие забелешки ќе бидат разгледани.

Тој процес не е завршен. Се разгледуваат и се анализираат забелешките и законскиот текст и јас искрено не верувам дека тоа би се завршило пред изборите бидејќи, сепак, треба да се направи сериозна анализа на она што е предложено – дали тоа значи промена на закон, дали тоа значи создавање одредени услови. Така што, тоа најверојатно ќе остане за по изборите, изјави Дескоска.

Левица од една страна се претставува како партија која е против двојазичноста, а од друга страна на својата Фејсбук страница се именува и на албански јазик, а и изборната програма на својата официјална веб – страница ја има преведено на албански јазик.

На крај, Кочовски најави и поништување на Охридскиот ремковен договор, постигнат пред 19 години. Овој договор стави крај на воениот конфликт во Македонија во 2001 година. Неговото поништување би можело да не врати повторно во воена состојба. И тука Кочовски не понуди никаква алтернатива.

Левица ќе ги поништи овие договори, како што вели, со цел „исправање на неправдите што и беа нанесени на Рапублика Македонија“. А кои се тие неправди, не слушнавме.

Ваквата реторика на Левица е само предизборен маркетинг и обид за придобивање на гласачите, играјќи на националистичката карта. Партијата најавува поништување на сите можни договори од кои Македонија има бенефит, а не нуди никаква алтернатива и не посочува кои би биле последиците од поништувањето на овие договори.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.