Контраспин: Ликот и делото на Иванов не може да ги спаси ни проф. Тања Каракамишева

Тања Каракамишева – Јовановска. Спиновите не помагаат да се оправда аболицијата. Фото: скриншот

 

Едно од почестите извртувања на вистината е дека претседателот Ѓорѓе Иванов одлуката за аболиција ја донел поради големи опасности за државата и дека тоа било мудро и исправно. Сега, откако целосно е повлечена аболицијата, апсурдноста на тоа тврдење, иако е очигледна, спинот продолжува со цел да се оправда „ликот и делото“ на Претседателот на РМ

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

По повлекувањето на одлуката за аболиција на 56 лица во целост, што на 06.06.2016 ја донесе Ѓорге Иванов, сè уште се врти еден од главните спинови за заднината на одлуката за носење аболиција на 12 април годинава, а тоа e опстојувањето на државата пред сè:

Спин: По одреден период, кога целата оваа политичка криза ќе се реши во интерес на граѓаните на Република Македонија, кога ќе можеме по отворено да зборуваме за сите детали поврзани со сензитивниот карактер на периодов што помина, но и што сѐ уште е пред нас, ќе може да се доло­ви целата комплексност на државничкиот потег што го направи претседателот Иванов, но и исправноста на неговата одлука да ги стави интересите на државата, над сѐ.

[Извор: Република, Датум: 07.06.2016]

 

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Ова извртување на вистината е искажано од универзитетска професорка на најстариот и најугледниот факултет во државата, Правниот при УКИМ, Тања Каракмишева – Јовановска. Таа повеќе пати излегуваше во јавноста во изминативе два месеца откако беше донесена одлуката за аболиција од страна на Иванов, да ја брани нејзината правна основаност и покрај тоа што еден куп нејзини колеги го тврдеа спротивното. Но, покрај тoa што и овој пат ја изнесува истата теза, сега се прави обид преку „сензитивноста“ на мигот да се оправда дополнително претседателот на државата за својата постапка.

Апсурдноста на тезата, која е, всушност, оригинална теза на Иванов и при образлагањето на првичната одлука, и вчера при нејзиното целосно повлекување, е повеќе од очигледна, а „Вистиномер“ има пишувано за тоа неколку пати. Но, еве ќе додадеме уште неколку нови моменти за да го деспинуваме ова извртување на вистината, кое продолжува во насока на заштита на „ликот и делото“ на претседателот.

Ниту во еден момент досега не излезе ниту еден релевантен показател дека државата Република Македонија била загрозена во таков степен и обем да се соочи со својот опстанок. Доколку постоело такво нешто, Уставот и законите се прекршени со самото тоа што за таа информација се молчи и надлежните не биле вклучени во нејзиното разрешување, вклучително и Собранието уште пред неговото распуштање во април, кое морало да биде известено и да расправа за криза од такви размери.

…Кога ќе можеме поотворено да зборуваме за сите детали поврзани со сензитивниот карактер на периодов што помина, но и што сѐ уште е пред нас…тогаш ќе ја разбереме…„исправноста“ на одлуката на Иванов за аболиција, вели Каракамишева.

Значи во блиско минато не сме можеле отворено да зборуваме, т.е. претседателот не можел отворено да ги каже причините во детали, но и сега, сè уште не можеме, зашто состојбата трае. Контрадикцијата во една реченица е преочигледна. Ако постоеле и сè уште постојат такви причини кои само Каракамишева и претседателот Иванов можат да ги согледаат, тогаш зошто Иванов ја повлече одлуката и тоа етапно, на два пати? Поради домашен и странски притисок? Па каков е тој претседател, „татко на нацијата“, ако постојат толку сериозни причини за една таква одлука, да ја поништува под притисоци?

Вистината е само една. Иванов ја повлече својата одлука поради неможноста да ги оправда причините зошто ја донел. Тоа се виде и при првото образложение, но и ден подоцна кога во разговор со неколку уредници на национални телевизии призна дека со неговата одлука се руши правната држава, ама државата била поважна од тоа.

Во меѓувреме, наместо да ја спречи кризата, цели два месеци таа беше продлабочена со самиот факт што граѓаните непрекинато протестираат на улица, а спроведувањето на Договорот од Пржино беше закочен во еден од неговите најсуштински делови, работењето на Специјалното јавно обвинителство. Впрочем, денеска за таа „без преседан“ состојба и за попречувањата се изјасни и амбасадорт на ЕУ во Македонија, Аиво Орав.

Откако претседателот соопшти дека аболицијата на политичарите ќе биде повлечена, сите случувања врзани за помилувањето и неговото поништување беа без преседан. Овие помилувања и дополнително ја продлабочија кризата и, за жал, имаше одложувања во имплементацијата на договорот од Пржино, но и одложувања во истрагата на СЈО. Би сакал да потсетам дека времето за спроведување на истрагата на СЈО трае 18 месеци.

Во исто време, Македонија беше доведена на работ на исклучување од процесите на евро-атлантските интеграции, бидејќи и од ЕУ и од НАТО беа испратени јасни пораки дека ако остане аболицијата во сила и со тоа се промовира селективната правда и неказнивоста, т.е. невладеењето на правото, Македонија нема шанси да се приклучи кон овие сојузи и организации на држави.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во мај изјави:

Вратата на НАТО сè уште е отворена, но клучно е лидерите во земјата да ги решат проблемите, особено со владеење на правото, вклучително и повлекувањето на помилувањата од претседателот. Важно е да има минимум услови за нормален демократски политички живот.

Воопшто нема потреба да потсетуваме на бројните барања од ЕУ и САД за истото, со закана дека патот кон Брисел ни е блокиран без исполнување на условот за држава во која правото важи еднакво за сите.

Ете, тоа е вистината и вистинската причина за вчерашната одлука на Иванов за повлекување на аболицијата, што, пак, ја покажува и апсурдноста на тезата дека причина за нејзиното донесување на 12 април била  „сензитивниот карактер на периодот што помина“ .

Оттука, изјавата на Каракамишева ја сметаме за извртување на вистината, т.е. спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.