Контраспин: Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ и „Крвавиот четврток“

Одговорноста секогаш е индивидуална, со име и презиме, дури и во нашето нереформирано правосудство и во Уставот и законите. Тоа што Мицкоски упорно не се оградува од високи поединци од ВМРО-ДПМНЕ и нивните политики од тоа време, со исклучок на Мијалков и Тодоров, тоа е негово разбирање за раководење со партијата. Но, тоа не смее да го претставува во спинувана форма, особено околу „крвавиот четврток“

Одговорноста секогаш е индивидуална, со име и презиме, дури и во нашето нереформирано правосудство и во Уставот и законите. Тоа што Мицкоски упорно не се оградува од високи поединци од ВМРО-ДПМНЕ и нивните политики од тоа време, со исклучок на Мијалков и Тодоров, тоа е негово разбирање за раководење со партијата. Но, тоа не смее да го претставува во спинувана форма, особено околу „крвавиот четврток“

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, во врска со судскиот процес за настаните на 27 април 2017 година и најновите тврдења на дел од обвинетите, го изјави следното што го оценуваме за спин:

Спин: Ние сме сведоци на нов модел на „Кацарска судство“ кое што го брендиравме и „Рускоска обвинителството“, но денеска еве сведоци сме дека покрај „Кацарска судството“ и „Рускоска обвинителството“ имаме и нарачани сведочења од страна на луѓе кои што сведочат за потребите на Зоран Заев и на групата околу него…

…практично основна задача и основен проект на СДСМ во оваа нивна влада практично претставува, како да се уништи ВМРО-ДПМНЕ и како ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија да се претстави како злосторничко здружување и на правен начин да се укине нејзиното битисување, бидејќи се плашат.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб страна – датум: 06.12.2018]

Контраспин: Во моменти кога севкупната македонска јавност е на некој начин шокирана од деталите што почнаа во судница да ги изнесуваат дел од обвинетите за настаните од 27 април 2017 година, и тоа не кои било сведоци, туку виско поставено лице во хиерархијата на организирањето на насилствата, за што нема дилеми, изјавата на Христијан Мицкоски за тоа е во најмала рака извртување на вистината или спин.

Мицкоски – лидер на партијата за која во судница се тврди дека нејзини високи функционери активно учествувале во организација, па дури и со командување со дел од полициските сили – пред јавноста зборува за некаков проект на СДСМ да се уништела ВМРО-ДПМНЕ.

Христијан Мицкоски во времето на случувањата на 27 април, не е споменат досега во сведочењата, најверојатно затоа што тој се уште не бил високо во хиерархијата на партијата. Тој како директор на ЕЛЕМ, со партиско искуство како шеф на комисија за енергетика многу години претходно, директно влетува на највисоката позиција до претседателската – генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Но тоа се случува дури на крајот од јули 2017 година.

Тоа што станал генерален секретар три месеци после „крвавиот четврток“, не му дава право денес како лидер да се прави недоветен за проблематиката. Мицкоски ја претставува најголемата партија во опозиција и секој негов збор е важен или би требало да е важен за јавноста.

Но, Христијан Мицкоски ниту еднаш, баш ниту еднаш, не се огради од тврдењата или барем од можноста дека висoки функционери од ВМРО-ДПМНЕ управувале со настаните и пред и за време на 27 април.

Впрочем, многу пред овие сведочења во судот, имаше такви индиции. „Вистиномер“ и пред настаните од 27 април неколку пати ги оценувал поттикнувачките изјави на Никола Груевски и пред ДИК и потоа, кој го повикуваше народот да ја земе судбината во свои раце наместо да седи со влечки дома, исто како што неколку пати сме ги констатирале „воинствените“ говори на Претседателот Иванов, во кои можело да се индицира на подготовки на воена или вонредна состојба, иако тој тоа официјално го негира.

Мицкоски, напротив, откако е лидер на партија отфрла каква било вина на ВМРО-ДПМНЕ, на Груевски или на други поединци, а лицата кои се обвинети за терористичко загрозување и нивните помагатели ги оценува како жртви на монтирани политички процеси.

Бидејќи Христијан Мицкоски упорно одбива со аргументи да ги поткрепи своите тврдења за монтировки, вклучувајќи ги и оние тврдења од последните денови на дури тројца сведоци во процесот, оценуваме дека неговата изјава, дека целта била ВМРО-ДПМНЕ да се претстави како злосторничко здружение, е извртена вистина, т.е. спин.

Одговорноста секогаш е индивидуална, со име и презиме, дури и во нашето нереформирано правосудство и во Уставот и законите. Тоа што Мицкоски упорно не се оградува од високи поединци од ВМРО-ДПМНЕ и нивните политики од тоа време, со исклучок на Мијалков и Тодоров, тоа е негово разбирање за раководење со партијата. Но, тоа не смее да го претставува во спинувана форма и да ја заблудува јавноста, особено околу настаните на 27 април 2017 година, кога Македонија избегна за „влакно“ и граѓански судири и можна диктатура.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Оставете реакција