Контраспин: „Некаквите т.н. родови политики“ се меѓународни стандарди за основни човекови права

Фото: ВМРО-ДПМНЕ/веб

Врз основа на Истанбулската конвенција потпишана од Р. Македонија во 2011 г., а ратификувана во 2018 г.,  како и врз основа на Уставот и еден куп други закони, меѓу кои и оние за спречување на дискриминација, до ден денешен се носат измени на законодавството и државата ги усогласува своите правни рамки и практики со современиот демократски свет и со највисоките стандарди за почитување на основните човекови права и борба против дискриминацијата, а за такви се сметаат токму европските стандарди. Кога Николоски ги нарекува „некакви си т.н. родови политики“, спинува врзувајќи ги за Тренчевска и отвора врата за натамошна дискриминација непочитувајќи ги различностите во општеството

Врз основа на Истанбулската конвенција потпишана од Р. Македонија во 2011 г., а ратификувана во 2018 г.,  како и врз основа на Уставот и еден куп други закони, меѓу кои и оние за спречување на дискриминација, до ден денешен се носат измени на законодавството и државата ги усогласува своите правни рамки и практики со современиот демократски свет и со највисоките стандарди за почитување на основните човекови права и борба против дискриминацијата, а за такви се сметаат токму европските стандарди. Кога Николоски ги нарекува „некакви си т.н. родови политики“, спинува врзувајќи ги за Тренчевска и отвора врата за натамошна дискриминација непочитувајќи ги различностите во општеството

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во говор на предизборен митинг изрече ставови со спин:

Спин: Број два на листата во четвртата изборна единица од СДС е доскорешната министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска, ја знаете добро, која што нашите деца сака да ги учи дека немало разлика дали се машки или женски, дека немало родители, туку имало родител 1 и родител 2, и води некакви си таканаречени родови политики за кои што земаат дебели пари од фондацијата Сорос. Сакам од овде јасно да кажам за ВМРО-ДПМНЕ, за нас, постојат тато и мајка и деца. Тоа е суштината на македонското семејство, порача потпретседателот и носител на изборната единица 4 Александар Николоски на денешниот митинг во општина Струмица, во рамки на претседателските избори.

[ Извор: ВМРО-ДПМНЕ – А. Николоски/веб: датум – 10.04.2024]

Контраспин: Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во предизборен говор за претседателските избори искажа став во однос на родовите политики што ги води државата, а дополнително ги обвини државните актери дека за тоа примале дебели пари од фондацијата Сорос, со што ја изврте вистината, т.е. спинува по најмалку два основа.

Николоски најпрво ја обвинува доскорешната министерка за труд и социјална политика дека „таа нашите деца сака да ги учи дека немало разлика дали се машки или женски, дека немало родители, туку имало родител 1 и родител 2“, што е спин, затоа што станува збор за нереализиран проект во рамки на Министерството за образование од 2021 година во делот на алтернативните електронски дневници во училиштата, кој предизвика силни реакции на конзервативни кругови и говор на омраза по социјалните мрежи базиран и врз дезинформации.

Всушност, уште како министер за труд и социјална политика во 2019 година Мила Царовска демантираше дека ќе има такви дефиниции и дека тие ќе ги заменеле термините мајка и татко. Но, важно е дека дезинформациите се посеаја, а конзервативните кругови по социјалните мрежи тоа го поврзаа и со алтернативното и факултативно сексуално образование во основните и средните училишта, повторно лажејќи за родител 1 и родител 2.

Погоре напишаното е важно за да се дојде до линкот и времето од кога почна спинувањето и дезинформирањето и актуелната изјава со која Николоски комуницира со јавноста од митингот во Струмица од вчера (10.04.2024).

 

Меѓународни стандарди за основни човекови права и антидискриминација се всушност родовите политики

По обвинувањата за родител 1 и родител 2, Николоски спинува дека Тренчевска „води некакви си таканаречени родови политики за кои што земаат дебели пари од фондацијата Сорос“.

Оваа изјава од Николоски е спин, затоа што Тренчевска не може да води сама „некаква си родови политики“, туку тоа го прави државата.

Република Македонија во 2013 година донела Стратегија за родова еднаквост 2013-2020 година, усвоена во Собранието, врз база на Законот за еднакви можности на жените и мажите, усвоен една година порано.

Стратегијата како што пишува во неа „претставува надградба на досегашната национална политика изразена во Националниот план за акција за родова рамноправност 2007 – 2012 година. Воедно, со овој документ се подигнува значењето на прашањето за родовата еднаквост, земајќи предвид дека истата ја донесува највисокото претставничко тело во државата, односно Собранието на Република Македонија“.

Понатаму, државата ги има следено постепено чекор по чекор, помалку успешно или повеќе, сите препораки, директиви и конвенции кои ги има потпишано и ратификувано (од ООН, Совет на Европа и Европски совет, ОБСЕ), така што Република Македонија во 2011 година ја потпиша и т.н. Истанбулска конвенција, за да се круниса целиот процес со ратификација во 2018 година од Собранието на државата.

Официјалното име на Истанбулската конвенција, патем е Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство.

Врз основа на овој документ, како и врз основа на Уставот и еден куп други закони, меѓу кои и оние за спречување на дискриминација, и пред 2017 и после, до ден денешен се носи измена на законодавството и подзаконските акти и државата ги усогласува своите правни рамки и практики со современиот демократски свет и со највисоките стандарди за почитување на основните човекови права и борба против дискриминацијата, а за такви се сметаат токму европските стандарди. Меѓу другото, државата почна да води и родова статистика од страна на Државниот завод за статистика, што е почетен чекор за анализа на состојбите.

Така што, кога Николоски комуницира со јавноста дека Тренчевска водела „некакви си таканаречени родови политики“ тогаш тој спинува.

***

Николоски не само што спинува, како што е и фрлањето на перја со „дебелите пари од Сорос“, туку со ваквиот комуникациски став покажува непознавање на суштината на дефинирањето на род и родови политики, а со тоа ја отвора вратата за дискриминаторски политики засновани врз род и непочитување на различностите во општеството. Нешто што и во нашиот Устав е стриктно зацртано како почитување на основните права на човекот.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција