Контраспин: Османи (и Груби и ДУИ) спинува за постоење на антиалбански хибриден центар
Тврдењата за хибриден центар насочен кон ДУИ, како и на скриена албанофобија на секое споменување на некаков скандал поврзан со ДУИ, се извртување на вистината или спин, бидејќи не е понуден ниту еден аргумент во насока на кредибилноста на таквите тврдења, иако Османи го тврди токму спротивното – дека постоењето на центарот била кредибилна информација. Од анализата што е пред вас може да се види јасна линија на еволуција на една во друга форма на спин – секоја критика која беше појаснувана со албанофобија, сега се претвора во дело на „хибриден центар“
Тврдењата за хибриден центар насочен кон ДУИ, како и на скриена албанофобија на секое споменување на некаков скандал поврзан со ДУИ, се извртување на вистината или спин, бидејќи не е понуден ниту еден аргумент во насока на кредибилноста на таквите тврдења, иако Османи го тврди токму спротивното. Од анализата пред вас може да се види јасна линија на еволуција на една во друга форма на спин – секоја критика која беше појаснувана досега со албанофобија, сега се претвора во дело на „хибриден центар“
Пишува: Теофил Блажевски
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, при ТВ интервју излезе со став дека постои заговор против Албанците и ДУИ, со тврдење кое го оценуваме како спин:
Спин: Пред неколку месеци, некаде на периферијата на Скопје, се одржа средба меѓу некои македонски олигарси и политички лидери, сегашни и поранешни политички лидери, со аларм или констатација дека Албанците добиваат повеќе отколку што заслужуваат или го уриваат политичко-економскиот монопол на македонската заедница и се согласија да создадат национален центар, за да се запре овој процес или, како што тие го нарекуваат, албанизација на државата и во нивната анализа – ова се кредибилни индикации – ДУИ го поврзуваат како парадигма или синоним на етничката еднаквост и позицијата на Албанците.
[Извор: 360 Степени/ТВ21 – Османи/изјава, датум: 25.07.2023]
Контраспин: Во интервју за ТВ 21 шефот на дипломатијата, Бујар Османи, кој од неодамна е и потпретседател на ДУИ, тврди дека постои таен центар кој работи против Албанците и ДУИ како синоним на етничката еднаквост и позицијата на Албанците, не наведувајќи никаков доказ за кредибилноста на информацијата, што не е ништо друго туку спин.
Спинот се однесува токму на „оправдувачкиот“ елемент кој треба да покаже дека во јавноста се создава намерна или извртена перцепција оти ДУИ е корумпирана партија, која ги ползува сите свои елементи на моќ за да остане на позиција на власт или нешто такво.
Следејќи го наративот од соопштението од состанокот на врвот на ДУИ од неделата, 23.07. Османи практично ја потврди загриженоста на лидерот Али Ахмети од „создавање на хибриден политичко-економски центар против ДУИ“, како што се наведувало во партиското соопштение, без, исто така, да биде прецизиран ниту еден друг детал.
Парчиња од овој наратив можеше да се забележи и кај првиот вицепремиер Артан Груби, кој ден пред Османи имаше – неуспешен по повеќе мислења од јавноста – обид да се извлече од непријатните прашања поврзани со палењето на аудито А 6 кое тој го користел иако било на соседот и негов многу добар другар бизнисмен. Кому неколку дена пред да му го даде на користење аудито му се посреќило, па успеал да го купи опожарениот хотело на Гранит на Попова Шапка за 50-тина илјади евра. Еве што суштински кажа Груби на споменатото интервју за Канал 5 во централните вести во „прајм тајм“.
Последните три години сум секојдневна мета на оркестрирано, смислено, тенденциозно, вербално насилство од страна на опозицијата, од страна на одредени медиуми исто така, секојдневно тендециозно известување околу моето име, околу ДУИ, или уште од првиот ден кога станав прв вицепремиер, (се) почна со приказните кој всушност ја води владата, дали е тоа премиерот или е тоа претходниот или е тоа Артан или е ДУИ, прават се што сакат во владата (се мисли на ДУИ и Албанците – н.з.) …насилна постојана вербална агресија од опозицијата мислам дека поттикнува луѓе, создава таква атмосфера и да те види некој на улица, па да те навреди, да ти префрли нешто. Истото се случуваше со моите деца они се во јавни училишта… (Вербална агресија – н.з.) и на Огнена група и на Алтернатива и на БЕСА и на ВМРО-ДПМНЕ и на одредени медиуми…
Запрашан за тоа што подразбираат во ДУИ за создавање на „хибриден центар“, Груби одговора:
Интересно е тоа, затоа што е вистинито и затоа што е очигледно тоа што се случува. На одредени структури во државата им смета еднаквоста во државата како резултат од Охридскиот рамковен договор, им смета тоа еден Албанец да биде министер за надворешни работи или да биде прв вицепремиер или да води владина седница или да биде министер за финансии…. Ние имаме докази за ова што го збориме и не збориме ништо напразно и знаеме дека тоа им е агендата на овој политичко-економски хибриден спој на бизнисмени и политичари кои што сакаат да ги уредуваат политичките процеси во земјава и олигархиски да ги преземат институциите во земјава, а не по волјата на граѓаните и не предводени од партиите што ги добиваат изборите во земјата, туку да влијаат на следните избори и во политиките на оваа влада и на следната влада. Така што, тоа ќе се разобличи, ќе се објави во јавноста… Запрашан дека им се собрало и со Мерко и со Дрин Ахмети, па можеби затоа имаат таква перцепција, Груби кратко одговори, не, за друга агенда збориме, па продолжува со случајот Мерко и со внукот на Ахмети.
Намерно извадивме подолг цитат од 20-минутното интервју на Груби на Канал 5, за да се види контрадикторноста на тврдењето и појаснувањето за постоење на „хибриден политичко економски центар“. Во првиот дел Груби потроши минути да појасни како и тој лично и цела ДУИ биле жртва од опозицијата и од медиуми кои тенденциозно известувале за секој негов збор – „вербална агресија“, рече, а во вториот дел од 15-тата до 19-тата минута, на директно прашање на новинарот, Груби се префрла на тезата за „хибриден центар“ и тврди дека имаат агенда и дека тоа не биле овие од опозицијата на ДУИ во албанскиот блок, итн….
Бујар Османи, Артан Груби, Али Ахмети (или кој било друг од ДУИ), немаат аргументи за ваквото тврдење и затоа го оценуваме како спин. Овој спин доаѓа откако почнаа да се вадат афери за постапките на функционерите на ДУИ. Како одговор на секое споменување на постапки на функционери на ДУИ или поврзаност на блиски роднини на Али Ахмети со економски операции од од јавен интерес, како што беше случајот со некој од внуците на Ахмети. Или, пак, со критиките на постапките на Груби како координатор на договорот со Бехтел и Енка. Или претходно, критика на постапките на Османи во преговорите со официјална Софија, пред потпишување на вториот протокол со Бугарија во јули 2022 година, кога со денови „се дриблаше“ јавноста дека текстот сè уште не бил утврден, не бил преведен, итн, за да се појави на денот на потпишувањето и прифаќањето на т.н. Француски предлог на преговарачката рамка со ЕУ. Или претходно, со критиките на неговите постапки во однос на вработувањата на дипломатски позиции во самото министерство за надворешни работи, за што имаше аргументирани критики од самите вработени (тогашното и претходното лидерство на синдикатот во МНР), како и бројни настапи на телевизија во разни дебатни емисии на поранешни угледни дипломати од кариера. Да не потсетуваме на скандалот со вработувањето на некогашната ТВ водителка Бесмира Ејупи со преземање, итн, итн. Но, во сите овие случаи директно или индиректно од функционерите на ДУИ неретко беше користено и оправдувањето за антиалбанство, скриено или отворено, до нарушување на родовата, но и етничката рамноправност во случајот со водителката.
Да потсетиме, пред петнаесетина дена, на 13.07. при интервју на Тв 24, истиот Османи, споменувањето на начинот на избор на обвинителот за гонење на организиран криминал и корупција (Ислам Абази – „класичен пример на албанофобија“ според Османи), споменувањето на Дрин Ахмети, споменувањето на девојката, која од ТВ водителка напредуваше во МНР, итн., сите овие случаи, како и сите други напади на ДУИ во јавноста, тој децидно ги појасни со скриена или со чиста албанофобија. (видео – од 55 до после 60 минута). Што е, исто така, спин.
Само што овој спин, сега еволуира во „хибриден центар“ на сегашни и поранешни лидери на политички партии и бизнис елити, кои се здружиле со агенда (теорија на заговор), за да се борат да се намали албанското влијание во општеството, зашто им пречела еднаквоста на граѓаните. И посебно им пречела ДУИ, како корифеј на тие процеси на еднаквост на Албанците во општеството….. Бидејќи се гледа јасна еволуција на начинот на одговор на критиките во јавноста и критиките од политичките противници од една во друга форма – од скриена, па отворена албанофобија во хибриден центар за борба против еднаквоста и против ДУИ, таквото тврдење на Бујар Османи (и на Груби и на ДУИ) го оценуваме како спин. При што, не е исклучена опцијата во јавноста да се појават некакви „докази“ од некаков состанок, на кој нешто било разговарано на темата. Некоја рециклажа на тајниот состанок на „антиалбанецот“ Заев со „антиалбанецот“ Мицкоски, контра „албанофилот“ Димитар Ковачевски итн, итн….
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар