Контраспин: Платите се ниски, а проблемот не е до (авто) реорганизацијата на УКИМ

Фото: Влада на РСМ/веб

Огромни промени одамна се потребни севкупно во високото образование. Дури и пред времињата кога владите предводени од експремиерот Никола Груевски започнаа со експериментирањето со високото образование, кога се отвораа факултети ширум државата без услови за изведување настава и без потребен број професорски кадар. Затоа, покачувањата на платите, досега и во иднина, малку ќе решат, исто како што нема да се реши ништо ако УКИМ ги „реорганизира факултетите и отвори нови атрактивни студиски програми“, зашто тоа делумно го прави и сега

Огромни промени одамна се потребни севкупно во високото образование. Дури и пред времињата кога владите предводени од експремиерот Никола Груевски започнаа со експериментирањето со високото образование, кога се отвораа факултети ширум државата без услови за изведување настава и без потребен број професорски кадар. Затоа, покачувањата на платите, досега и во иднина, малку ќе решат, исто како што нема да се реши ништо ако УКИМ ги „реорганизира факултетите и отвори нови атрактивни студиски програми“, зашто тоа делумно го прави и сега

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

По вчерашната (04.10.2022) средба во Владата помеѓу премиерот Димитар Ковачевски со дел од министрите и Синдикатот на УКИМ за барањето за нов колективен договор, за платите и реформите во високот образование, Владата излезе со соопштение во кое се препознаваат два спина:

Спин: На состанокот, од страна на премиерот и на министрите беше истакнато дека навистина треба да се цени и вреднува работата на професорите, но и дека мора да ги имаме и предвид состојбите во државата во услови на економска криза. Во изминатите четири години платите на вработените на универзитетите се зголемени за вкупно 20%, односно, 5 % од септември 2019 година, 8 % од септември 2021 година и 7 % од септември годинава. Исто така, од страна на премиерот и министрите беше посочено дека ќе се направат детални анализи и пресметки за да продолжи зголемувањето на платите во високото образование и наука и следната година, но и беше побарано од Синдикатот да се направи реорганизација на факултетите и воведување на нови атрактивни студиски програми, кои ќе ги зголемат сопствените приходи на високо образовните установи.

[Извор: Влада на РСМ – Соопштение; Датум – 04.10. 2022]

Контраспин: Првиот дел од соопштението на Владата по вчерашната средба меѓу синдикатот на УКИМ и премиерот со двајцата министри – за образование и наука и за финансии, е спин, т.е.извртување на вистината.

Точно е дека платите на вработените во државните универзитети се зголемени за 20 отсто за четири години, но не се соопштува фактот колку е основицата од која е тргнато во зголемувањето. Ако таа е ниска, тогаш овие 20 отсто, па особено со инфлација на годишно ниво која се очекува да биде преку 10 отсто за 2022 г., не значат многу. А таа основица била и останува ниска. Зашто според претседателот на Синдикатот на УКИМ, професор Ангел Ристов, од Правниот факултет „Јустинијан Први“, „никаде во светот (фигуративно кажано – н.з.) не постои плата на универзитетски професор којашто изнесува колку две минимални плати во државата“ (5.40 мин во видеото), а тоа во превод би значело околу 36 илјади денари. Значи со 20 отсто зголемени плати во изминатите години, просекот на платите на професорите на УКИМ е околу 36 илјади основица.

Оваа изјава дадена пред две недели за ниските плати е потврдена и при завчерашното гостување на Утринската програма на ТВ Телма од тројца други универзитетски професори, од кои двајца од УКИМ и еден од Универзитетот на ЈИЕ. Но, и Ангел Ристов од Правниот факултет и тројцата професори не зборуваат само за плати, туку се осврнаа и на други проблеми, кои пак, се адресираат и во делот на соопштението на Владата по вчерашниот состанок, во кој исто така може да се препознае делумен спин. Станува збор за барањето на Владата до Синдикатот на УКИМ (се мисли на целиот УКИМ-н.з.), „да направи реорганизација на факултетите и воведување нови атрактивни студиски програми“.

Овој ресурс на УКИМ, на прв поглед изгледа возможен, но факултетите при УКИМ и досега тоа го прават со години наназад (нови студиски програми) со цел да привлечат поголем број студенти. Ама тоа не само што не се случува, туку обратно, бројот на новозапишани студенти од година во година опаѓа на многу факултети, иако вкупната бројка на студенти кои студираат на сите универзитети и факултети во државата изгледа голем. За дел од професорите, споменати при гостувањето на телевизијата на 03.10.2021, тоа е така зашто дел од студентите се запишуваат на факултети и универзитети во странство, каде исто така има бесплатно студирање само со партиципација од 200 евра годишно како и на УКИМ. Притоа како основен проблем беше посочен фактот што високото образование во државата не може да понуди квалитет, додека во странство тоа го добиваат. А не може да понудат квалитет, ем поради малкуте пари што се издвојуваат за наука, ем поради бројните факултети и студиски програми, на кои работи исто така голем број научно-наставен кадар, велат професорите.

Ние се соочуваме со огромен број на проблеми. Огромен број на студенти, 50 илјади и кусур студираат во моментов. Само на УКИМ се 30 илјади. Имаме 180 факултети, имаме 1.500 студиски програми. Сето тоа комбинирано со капацитетите во државата е невозможно да биде квалитетно…еве сега ќе имаме нов „УКИМ“, „Великотрновскиот универзитет“ ќе почне да работи, бидејќи веќе е регистриран…Ние имаме се поголема и поголема бројка на професори 4.800 професори (севкупниот научно-наставен кадар на државните универзитети-н.з.). Мене ме учеа по марксизам дека секој квантитет носи квалитет, за жал ова не се случува. Имаме се поголем проблем со науката. Ние сме заборавиле дека високото образование е истражување…студентот треба да истражува. Буџетот за наука можеби е зголемен, но најголем дел од тој буџет оди за стипендии – вели професор Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделски науки и храна (Од 4.45 мин. од видеото).

Тоа го потврдува и професор Атанас Кочов од Машинскиот факултет кој вели:

Високото образование е образование, но најголемиот дел, 80 посто, треба да биде наука. Значи да има лаборатории, да има опрема во лабораториите, да има можност секој студент да влезе. Вие ако одите некаде на Запад и ако студирате на некои од врвните универзитети, 80 посто од времето ќе го поминете во лабораторија, 20 отсто во образовниот дел каде што ќе го добиете образованието, меѓутоа најголемиот дел е практичниот дел (Од 7.27. мин. од видеото)…

Денес не можете да бидете инженер доколку не поминете голем дел од наставниот процес во лабораториите. Лабораториите се застарени, тука да не се залажуваме…Од друга страна, индустријата бара виско квалификувани инженери кои ќе се соочат со современите технологии. Ние не зборуваме веќе за Индустрија 4, веќе почнува цел свет да зборува за Индустрија 5. За да се постигне тоа треба огромни вложувања од целиот систем за да ги привлечеме повторно децата да студираат техника – вели професор Кочов (од 17.11 во видеото).

И тројцата професори ги споменуваат и огромниот број на факултети од иста гранка и 8-9 државни универзитети. Кочов вели дека не може да се очекува квалитет ако има 5 машински факултети во државата, а беше спомената бројката и од преку 20 правни факултети, беше споменато и дека има факултети со студиски програми кои не се компатибилни со потребите на пазарот на труд, па дури и тренд во светот на спојување на универзитети како решение…Овие тројца професори, вклучувајќи го и претседателот на Синдикатот на УКИМ, професор Ристов, сите проблеми во високото образование ги адресираат како проблем на државата која мора да се посвети на нова стратегија за високо образование и на нов закон за високо образование.

И оттука, барањето на Владата УКИМ да направи реорганизација на факултетите и да отвори нови атрактивни студиски програми е делумно спин, бидејќи со тоа нема да се реши проблемот ниту на УКИМ, ниту на севкупното високо образование, како што тоа нема да се реши ниту пак, со покачување на платите, па нека биде и за 100 отсто за четири години, како што тоа го бара Синдикатот на УКИМ.

* * *

Овој дел од соопштението, т.е. ставот на Владата е означен како делумен спин и затоа што дел од вината носат и самите професори при УКИМ, бидејќи станува збор за конгломерат од разни научно-наставни институции од кои некои институции и професори молчеа додека можеа сами да заработуваат сè додека имаше високи проценти на запишани студенти и особено добри приходи од пост-дипломските студии.

Затоа, огромни промени одамна се потребни во високото образование. Дури и пред времињата кога владите предводени од експремиерот Никола Груевски започнаа со експериментирањето со високото образование, кога се отвораа факултети ширум државата без услови за изведување настава и без потребен број професорски кадар.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција