Реисот на ИВЗ во улога на доктор го прогласи корона-вирусот за мртов

Поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Македонија, реисот Сулејман Реџепи, пред Мустафа пашината џамија во Скопје, честитајќи го празникот Фитер Бајрам, порача дека вирусот Ковид-19 е мртов.

 

Поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Македонија, реисот Сулејман Реџепи, пред Мустафа пашината џамија во Скопје, честитајќи го празникот Фитер Бајрам, порача дека вирусот Ковид-19 е мртов.

Очекуваме во наредниот период секогаш лошото да го победуваме и да знаете дека Ковид-19 може слободно да го прогласам дека е умрен од денеска со оглед на тоа дека го победивме и заради тоа сме тука – рече реисот Реџепи.

[Извор: Фокус – датум: 24.05.2020 година]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Иако се намалува бројот на заболени од корона-вирусот, сепак, речиси сите земји во светот сè уште се борат со оваа нова здраствена закана. Се разбира меѓу нив и Република Северна Македонија, која засега добро го менаџира пандемиското распространување на вирусот, но сè уште сме далеку од прогласување победа над него. Впрочем, за тоа говорат секојдневните извшетаи на Министерството за здравство, вклучително и празничниот за Денот на Светите Кирил и Методиј и Фитер Бајрам, кои годинава се паднаа истовремено, а во кој се забележани нови 37 заразени.

Во последните 24 часа Институтот за јавно здравје регистрирал 11 оздравени пациенти. Направени се 508 тестирања, а регистрирани се 37 новозаразени со Ковид-19 и тоа 12 во Скопје, 8 во Куманово, 7 во Тетово, 4 во Струга и по два во Штип, Прилеп и Охрид. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие, 188 теста се во рамките на скринингот, од кои потврден е еден позитивен случај кај вработен во геронтолошка установа во Скопје. Досега со скринингот направени се 2.248 тестирања и регистрирани се три позитивни случаи, велат од Министерството за здравство. Во изминатото деноноќие не се регистрирани починати пациенти како последица на Ковид-19информираат од Министерството за здравство.

Вкупната бројка на Ковид-19 дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1.978. Од вирусот починаа 113, а оздравеа 1.422 лица. Во моментов во земјата има 443 активни случаи, од кои најголемиот дел (199) се од Скопје.

Бројките што ги соопштува Институтот за јавно здравје говорат за фактот дека Република Северна Македонија сè  уште ја бие битката со корона вирусот. Или што би рекле епидемоплозите кривата се намалува, но сеуште не можеме да соопштиме дека сме го победиле вирусот. Денешната бројка  од 37 заболени, воопшто не е мала, Се разбира дека постои опаѓање на бројот на заболени, односно заразени, но тоа не е доволно. Токму затоа и сè уште имаме вонредна состојба во државата, како и полициски час, кои треба да помогнат во што поскоро искоренување на оваа болест. Иако последната бројка од 37 заболени можеме да ја гледаме како мошне сериозна, сепак, треба да го имаме предвид фактот дека истата е добиена врз основа на 508 тестирања, што е доволен показател дека сериозно се бориме со искоренување на вирусот и навремено откривање и третирање на истиот.

Сосема ја разбираме целта на реисот Сулејман Реџепи  да ги смири своите верници, односно да го намали стравот кај нив од Корона вирусот. Сепак, не можеме, а да не посочиме дека неговата јавна изјава за тоа дека вирусот е мртов, е невистина. Дотолку повеќе што истата ја дава лице кое не е надлежно да соопштува вакви изјави, односно не станува збор за лице припадник на медицинските власти, ниту, пак,  доволно информиран за состојбата на вирусот во земјава. Оттаму изјавата на Реисот не само што не е вистинита, туку е и штетна за јавното здравје, бидејќи е соопштена пред мноштво верници, кои можат да ја прифатат како точна поради фактот што доаѓа од првиот човек на ИВЗ. Ваквото истрчување со информации кои можеби имале за цел смирување, сепак, можат да бидат контраефектни, односно значително да ја зголемат бројката на ново заболени од корона вирусот, во моменти кога државата сериозно се обидува да ја намали и искорени оваа болест.

 

ИЗВОРИ:

Фокус, https://fokus.mk/poglavarot-na-ivz-od-deneska-go-proglasuvam-virusot-za-umren/   [Проверено на 24.05.2020]

Тајм.мк, https://time.mk/r/c/117c9c8bb0/   [Проверено на 24.05.2020]

 

Оцени: Магдалена Андоновска

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција