Контраспин: Спиновите како „статистичка операција“ против пописот

А. Николоски (средина) Фото: Веб страна на ВМРО-ДПМНЕ/скриншот

Ако се погледне историјатот на барањата за одложување на пописот на населението што треба да го спроведе власта под раководство на СДСM и ако се погледнат аргументите и „аргументите“ при секое такво проблематизирање на пописот, не изненадува и сегашното барање од страна на ВМРО-ДПМНЕ за електронски попис на само 10 дена пред спроведувањето на истиот. И повторно, со аргументи врз база на спинови

Ако се погледне историјатот на барањата за одложување на пописот на населението што треба да го спроведе власта под раководство на СДСM и ако се погледнат аргументите и „аргументите“ при секое такво проблематизирање на пописот, не изненадува и сегашното барање од страна на ВМРО-ДПМНЕ за електронски попис на само 10 дена пред спроведувањето на истиот. И повторно, со аргументи врз база на спинови

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, даде изјава околу претстојниот попис на населението во која се детектира спин:

Спин: Најдобар начин да се спроведе целата оваа процедура е да се направи електронски попис, кој што ВМРО-ДПМНЕ цело време го бара. Со електронски попис, без физичко посетување на граѓаните во домовите, ќе се спречи заразата да се шири, а ќе може точно да утврдиме колку има население во Македонија за да нема манипулации какви што власта сега сака да прави. Така што, решение е електронски попис за да се заштити здравјето на граѓаните и да нема манипулации

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – веб страна, датум: 25.08.2021]

 

 

Контраспин: Најголемата статистичка операција во државата – пописот на населението, одново е проблематизирана од страна на најголемата опозициска партија на само десетина дена пред започнувањето. Но, при проблематизирањето се употребени спинови, со што јавноста се манипулира.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, како одговор на новинарско прашање околу пописот, што треба да започне на 5-ти септември, тврди дека нема услови за негово одржување и дека решение е спроведување на електронски попис. Пандемијата со корона вирусот и состојбата во земјата е наведена како прва причина, а со електронскиот попис „без физичко посетување на граѓаните во домовите, ќе се спречи заразата да се шири“. И тука лежи првиот спин во изјавата.

Логицирањето е дека попишувачите се потенцијално заразни, па ќе го пренесат вирусот кај попишуваните, но Николоски не ѝ кажува на јавноста дека уште за априлскиот попис, кој беше одложен во слични услови на раст на заразените и заболените од корона вирусот, беа донесени строги превентивни мерки срочени во протоколи за тоа како да се избегнат опасностите од заразување.

Ниту ѝ кажува на јавноста дека најмалку половина од околу 5-те илјади попишувачи се веќе вакцинирани или изразиле волја да се вакцинираат, ниту, пак, како да се вкалкулира бројот на вакцинирани или прележани од граѓаните кои ќе бидат попишувани и, конечно, никој не може да го процени бројот на ситуации каде ќе биде возможно попишувачот и попишуваните да го спроведат овој процес на отворен простор (ходник, двор, итн.).

 

„Весела математика“

Николоски овој пат не отиде во математички пресметки врз база на погрешни параметри да прави проценки колку ќе има новозаразени, а колку починати лица, како што тоа го правеше во март годинава:

Едно лице, додека му се откријат симптомите, ќе зарази 9 други лица, што значи дека овие 5.500 попишувачи ќе го пренесат вирусот на 49.500 луѓе и во Македонија, нивото на смртност е 4,9 проценти, што значи дека попис во Македонија во април ќе значи 2.400 мртви од корона и ќе значи колапс на здравствениот систем зашто 50-тина илјади луѓе ќе заболат. (гостување на ТВ Сител, од 30 сек. во видеото).

Исто како што и во оваа „весела математика“ сите бројки во операциите на собирање и множење се погрешни, зашто се погрешни влезните бројки, така и сега без математика, Николски спинува дека без физичко посетување на граѓаните во домовите, ќе се спречи заразата да се шири. За тоа нема никакви научни претпоставки, освен доколку не се спроведе целосен „локдаун“ во целата земја.

Вториот спин на Николоски, а со тоа и на ВМРО-ДПМНЕ, е дека со електронски попис нема да има „манипулации какви што власта сега сака да прави“.

Ниту еден аргумент не е наведен во прилог на ова тврдење, а, сепак, тоа се повторува континуирано. На пример, на 4-ти февруари, истиот Николоски тврди оти е јасно:

…дека станува збор за политичка, а не статистичка операција, дека има јасен коалиционен договор за пописот, а нема стручност, дека методологијата што се користи не е соoдветна на европските стандарди, туку е една политичка методологија и дека во услови на корона криза, на пандемија, таа статистичка операција е невозможна (oд 5.40 минута во видеото).

И сето ова Николоски (и ВМРО-ДПМНЕ) го заклучува од фактот што Стево Пендаровски и Зоран Заев тогаш изјавиле дека е можно да се одложи пописот за неколку недели(!?), а тоа е, исто така, по континуираните барања на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Континуирани проблематизирања со спинови

За да станат нештата појасни треба да се посочи на неколку факти. Законот беше донесен во јануари, во март беше претставена и Методологијата за спроведување. И Законот и Методологијата добија зелена карта од Еуростат, од каде што тврдат дека тие се усогласени со законодавството на ЕУ.

Пописот, поради инсистирање на ВМРО-ДПМНЕ за опасноста што ја носи пандемијата, веќе беше одложен на 29 март, по средбата што ја имаа лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, по што Заев изјави, а Христијан Мицкоски не демантираше дека зад пописот стои и неговата партија.

Пописот, додека и законски не беше одложен, во електронска варијанта започна да се спроведува за државјаните кои живеат надвор од земјата уште во април и досега има над 200.000 попишани државјани кои влегуваат во картата нерезидентно население, а од 1-ви март веќе се беа попишале некои категории граѓани – дипломатско-конзуларни претставници, затворениците во КПД-ата, бездомниците и слично.

Да беше возможно електронски да се попишува целото население, државата досега ќе го стореше тоа. Да се бара пописот сега од 5-ти септември да се спроведе електронски, на само 10-дена пред почнувањето, е невозможно, бидејќи тоа ќе бара и промена на Законот и ново одложување на пописот.

Во државата не е спроведен попис на населението од 2002 година. Пописот од 2011 година пропадна под неразјаснети околности, а поранешното СЈО отвори истрага за тоа прекинување на пописот во среде операција, како договор меѓу тогашниот премиер Никола Груевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети. Таа истрага за волја на вистината не се заврши со обвинување и судски процес.

ВМРО-ДПМНЕ и во 2019 година се противеше на спроведување на пописот, кој тогаш власта го планираше за во 2020 година.

Имајќи го предвид сето ова, како и повторното разгорување на гласовите за бојкотирање на пописот на социјалните мрежи, но и преку изјави во медиуми на одредени јавни личности блиски до партијата дека нема да ги пуштеле попишувачите ако немале вакцинален сертификат, може да се заклучи дека опозициската партија во континуитет го проблематизира пописот преку спинови. Тие полека се претвораат во своевидна „статистичка операција“ против статистичката операција попис на населението што би го спровела власта на владејачката партија СДСМ.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција