Контраспин: Тврдењето за ДКСК како адвокат на Ковачевски и заштитник на криминалот се спин

Конкретната изјава на претседателката на ДКСК Билјана Ивановска на која се повикуваат од партијата не значи дека ДКСК нема да постапува никогаш, туку дека нема основа за постапување врз основа на утврдување на судир на интереси. Освен ова, самата ДКСК со своето сегашно и досегашно непристрасно постапување и за високи сегашни или поранешни функционери од власта, без оглед дали се или не се членови на владејачката партија СДСМ или друга партија во власта, покажува дека сомневањата дека се претворила во заштитник на криминалот и корупцијата се извртување на вистината

Конкретната изјава на претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, на која се повикуваат од партијата не значи дека ДКСК нема да постапува никогаш, туку дека нема основа за постапување врз основа на утврдување на судир на интереси. Освен ова, самата ДКСК со своето сегашно и досегашно непристрасно постапување и за високи сегашни или поранешни функционери од власта, без оглед дали се или не се членови на владејачката партија СДСМ или друга партија во власта, покажува дека сомневањата дека се претворила во заштитник на криминалот и корупцијата се извртување на вистината

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

ВМРО-ДПМНЕ преку ставови изнесени во јавноста во последните два дена околу работата на ДКСК и случајот „Броило“, изнесува извртени вистини и спинови:

Спин: Државната Комисија за спречување на корупција (ДКСК) ја презеде улогата да биде адвокатот на Ковачевски. Тие побрзаа предвреме да го амнестираат дезертерот Ковачевски од аферата „Броило“ тешка 26 милиони евра. Ни постапка, ни аргументи ни факти не посочија, туку само посочија дека Ковачевски според нив не бил виновен. Ова отвора сомнеж дека ДКСК позната како антикорупциска комисија е само продолжена рака која го штити криминалот и ја амнестира корупцијата. После да не се чудат институциите за борба против корупција зошто огромно мнозинство од граѓаните не им верува….(од Соопштението).

„ДКСК се буквално пуштени низ вода по вчерашната изјава на Ковачевски, кој сам призна дека наводите од нашите прес конференции се целосно точни, и дека во време кога тој е заменик министер за финансии е исплаќана помош на фирма основана од него, а сега во посед на неговиот кум.

Имено вчера ДКСК предвреме се обиде да го амнестира Ковачевски. Јасно е дека гласот на ДКСК е Ковачевски кој сака да го испере криминалот преку наводна констатација на ДКСК дека нема криминал. Како тоа утврдија дека нема судир на интереси и трговија со влијание кога Пиксел груп формирана од самиот Ковачевски е основана 5 месеци откако СДС доаѓа на власт во 2017 година?“ (М.Лефков на Прес).

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение/Прес на М.Лефков, датум: 11-12.10.2022]

 

 

Контраспин: Tврдењата дека ДКСК го заштитува премиерот Димитар Ковачевски, дека се ставила во улога на негов адвокат и дека со тоа се отворало сомнеж дека ова независно тело станало заштитник на криминалот се извртени вистини, а со тоа и спинови, од најмалку две причини.

Ваквите ставови партијата и нејзините функционери ги градат врз основа на една изјава на претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, дадена пред три дена за МКД.мк, на барање на медиумот, чија суштина е дека нема основа да се отвори предмет за Ковачевски врз база на судир на интереси. Но, изјавата треба да се прочита внимателно, зашто врз таа основа ќе се увиди дека станува збор за извртување на вистината. Еве што изјави Ивановска на барање на МКД.мк:

Кога стапи на функција заменик министер за финансии, премиерот Димитар Ковачевски во својот анкетен лист уредно пријави сѐ што поседува. Од податоците во анкетниот лист имаме сознанија дека тој не учествува во управувањето, а ги продал и сопственичките удели во фирмата. Оттука нема основ за покренување постапка за утврдување судир на интереси. Согласно Законот за спречување корупција и судир на интереси функционерот кога стапува на функција управувањето на фирмата треба да му го довери на друго лице кое не е член на неговото семејство. Во случајов тој не е ниту сопственик ниту управител.

Прво, ваквата изјава на Ивановска е многу прецизна. И од изјавата не може да се изведе заклучок дека ДКСК нема да отвори воопшто предмет, туку дека нема основа според постојниот закон да отвори предмет по основа на утврдување на судир на интереси. За да се потврди ова доволно е само да се погледне и да се прочита Член 2 од Законот за спречување корупцја и судир на интереси каде се дефинирани поимите корупција и во ставот три – судир на интереси:

Под судир на интереси се подразбира состојба во која службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасното вршење на неговите јавни овластувања или службени должности.

Во изјавата на Ивановска се наведуваат основните факти дека премиерот кога станал заменик министер за финансии ги продал сопственичките удели во фирмата и не учествува во управувањето. Тој не ги продал на семејството или блиско лице, термини, кои, исто така, се прецизно дефинирани во законот, па оттука, бидејќи не управува и не е сопственик, не може да се утврди врз основа на овој став дека „има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасното вршење на неговите јавни овластувања“. Овие термини се прецизно наброени во член 8 од Законот:

(1) За определување на значењето на изразите избрано или именувано лице, правно лице, одговорно лице во правно лице и лице кое врши работи од јавен интерес, се применуваат одредбите за значење на изразите од Кривичниот законик.

(2) Под поимот „службено лице“ се подразбираат сите избрани или именувани лица и вработените во јавниот сектор.

(3) Под поимот „семејство“ во смисла на овој закон се подразбира брачниот другар, вонбрачниот другар, децата, родителите, браќата и сестрите и други роднини со кои лицето од ставот (1) на овој член живее во заедничко домаќинство.

(4) Под поимот „блиски лица“ се подразбираат лицата во брачна или вонбрачна заедница со службеното лице, роднини по крв во права линија и во странична линија до четврт степен, роднините по сватовство до втор степен, како и секое физичко или правно лице со кое службеното лице има финансиски интерес.

Како што може да се види од Законот, нема основа да се отвора постапка за утврдување на судир на интереси. Па, сепак, не е одвишно да се повтори, дека изјавата на Ивановска не значи дека ДКСК нема никогаш да отвори постапка по друга основа во Законот, исто така дефинирана во споменатиот член 2, доколку по допрен глас или преку претставка, на пример на ВМРО-ДПМНЕ, добие доволно индиции дека може да отвори предмет за активна или пасивна корупција која би била сторена преку евентуална трговија со влијание или евентуална злоупотреба на службена должност и овластување. Во тој случај Комисијата може самостојно да го истражува предметот и да донесе заклучок, на пример, дека има доволно индиции за основано сомневање било за злоупотреба на службената должност и овластување, било за трговија со влијание – и двете се кривични дела нормирани во Кривичниот законик – и врз таа основа да покрене иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење.

Второ, самото досегашно постапување на ДКСК во кое низ пракса е докажано дека навистина ја има оправдано улогата на независна институција која постапува непристрасно, зашто во нејзините одлуки многу често се наоѓаат и лица кои се или биле на високи раководни позиции на партијата на власт – СДСМ, е најдобар показател дека Државната комисија ниту е ставена во позиција на адвокат на Ковачевски, уште помалку дека може да се отвори сомнеж дека го заштитува криминалот. Ова независно и непристрасно работење на Комисијата е признато и препознато и од домашната експертска јавност, но и во меѓународните извештаи, било да се на ЕУ, било на специјализираните тела за борба против корупцијата на ЕУ, на Советот на Европа или на ООН. Впрочем, за непристрасноста на самата Комисија доволно зборува и тоа што од таму често наведуваат дека државата не прифатила околу 70 отсто од нејзините препораки за справување со корупцијата и судирот на интереси, наведени во нејзините годишни извештаи и други документи.

Поради овие две причини наведени погоре во текстот, за изјавата на Ивановска и за досегашната работа на ДКСК, може да се изведе оценка дека посочените ставови на ВМРО-ДПМНЕ и на Лефков во последните два дена, во еден дел се извртување на вистината и спин.

***

ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати од почетокот на октомври открива детали за аферата „Броило“, нарекувајќи ја во последно време „соларен картел“ (неколку компании во чиј центар е Пиксел груп формирана од Ковачевски и неговиот кум во 2017 година), кој „заличува на злосторничко здружение“, бидејќи добивале договори со ЕВН која е приватна компанија во која е точно дека Владата има удел, дека фирмата на кумот на Ковачевски добивала тендери од локалната самоуправа, дека добивале или ќе добијат субвенции за инвестиции во ТИРЗ во Тетово за изградба на фабрика, итн.

Конкретно за државна помош, се однесува едно обвинување од ВМРО-ДПМНЕ. А тоа е дека фирмата Пиксел груп добила 203 илјади евра помош од Фондот за иновации и технолошки развој како највисока сума и тоа првиот ден откако Ковачевски станал мандатар за состав на новата Влада на РСМ на крајот на 2021 година. Самиот Ковачевски повторува дека нема никаква основа за обвинувањата против него и дека секој што смета дека треба да се истражат тенедерите или апликациите за државна помош, треба да ги истражи.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција