Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ ќе ја гасифицира „Државна“ по втор пат!?

Фото: META

Давање на ветување од страна на ВМРО-ДПМНЕ за нешто што го сториле токму од оваа партија кога биле влада, само покажува колку паушалности можат да бидат искажани и понудени пред јавноста со цел да се добие предност во кампањата со што покрупни проекти. Една таква ситница е ветувањето дека ќе го гасифицраат Клинички центар во Скопје ако дојдат на власт, заборавајќи дека го гасифицирале во 2013 г.

 

Пишува Теофил Блажевски

 

ВМРО-ДПМНЕ издаде соопштение во јавноста со тврдење во кое препознаваме спин:

Спин: Еден од проектите кои што ќе бидат приоритет на наредната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде гасификацијата. Како за домаќинствата, така и медицинските центри ќе бидат гасифицирани….Приоритетни медицински центри кои ќе бидат први гасифицирани се Клиничкиот Центар во Скопје, болниците во Гостивар, Тетово, Прилеп, Битола и Куманово.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение – датум, 27.02.2020]

 

Контраспин:

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ во соопштение за јавноста во кое се осврнува на дел од економските мерки што ќе ги преземе, го повторува својот акцент на гасификацијата и посочува дека меѓу првите ќе ги гасфицира медицинските установи на јавното здравство, при што се детeктира спин, т.е. извртена вистина.

Партијата тврди дека покрај другите ќе го гасифицира Клиничкиот центар во Скопје. Единствен Клинички центар во Скопје, слободно речено, е фраза која се употребува за комплексот универзитетски клиники „Мајка Тереза или попознати уште како „државна болница“ или „државни болници“. Спинот се состои во тоа што ако ВМРО-ДПМНЕ пристапи кон гасификација на клиничкиот центар, тоа значи дека би го гасифицирале по втор пат!

Имено, гасификацијата е извршена во 2013 година, кога министер за здравство беше Никола Тодоров, во тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. За тоа сведочат линковите што се останати на агрегаторот за вести Tајм мк:

Скриншот од архивата на Тајм мк.

Веќе во март 2014г. Тодоров соопштува и за значителна заштеда на пари по конверзијата на мазут во гас во системите за затоплување на клиниките и тоа го објавила тогашната Влада на својот сајт:

Скриншот од веб сајтот на Влада

Оттука, тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе го гасифицира Клиничкиот центар, покрај другите установи, не е ништо друго, туку спин. 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.