Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ „не гледа“ дека бројот на активни случаи е паднат за над 600 лица за нецели 3 недели

Иако се вели дека во политиката сѐ е дозволено, сепак, не е дозволено за политички цели да се спинува со бројките поврзани со здравјето, животот и смртта на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ, поради спиновите што ги употребува во комуникацијата со јавноста околу корона кризата, не ги пласира најважните факти, а со тоа грубо ја извртува вистината

 

Иако се вели дека во политиката сѐ е дозволено, сепак, не е дозволено за политички цели да се спинува со бројките поврзани со здравјето, животот и смртта на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ, поради спиновите што ги употребува во комуникацијата со јавноста околу корона кризата, не ги пласира најважните факти, а со тоа грубо ја извртува вистината

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

По вчерашното ТВ интервју на министерот за здравство, Венко Филипче, на тема состојба и справување со корона вирусот, најголемата партија во опозиција во моментов, ВМРО-ДПМНЕ, издаде дури две соопштенија во кусо време кои се исцело спинови:

Спин: Република Македонија е црна дупка во регионот и во Европа во однос на бројот на заразени и починати од корона вирусот.

Граѓаните се оставени само на себе, а Заев и Филипче само ги бројат загубените животи и лажат дека епидемијата е совладана и дека состојбата ја имаат под контрола.

Зоран Заев и Владата предводена од СДСМ никако да смислат план за справување со последиците од корона вирусот.

Заев и Владата предводена од СДСМ немаат план како да се организира здравствениот систем…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение/веб – Датум: 07.08.2020]

Контраспин: Соопштението/изјава на наголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, лиферувано на 7 август 2020 г. во врска со справувањето со корона кризата, е исцело спин, извртена вистина и во делот на справувањето со кризата од здравствен аспект, но и од економски. Ова соопштение е продолжение на спин соопштението објавено синоќа, на 6 август 2020 г., а двете се поттикнати од ТВ интервјуто на министерот за здравство Венко Филипче на една од националните телевизии.

И во двете соопштенија – првото насочено директно кон Филипче, а второто насочено и кон лидерот на СДСМ, Зоран Заев – главниот и најопасниот спин се однесува состојбата во земјата, која е оценета како апокалиптична и како најлоша во регионот и во Европа.

Од бројките на новозаразени и починатите, ВМРО-ДПМНЕ ги вади ваквите „факти“ и спинувано комуницира со јавноста дека „црно ни се пишува“ и дека под власта на СДСМ, а, пред сѐ, поради Зоран Заев, Оливер Спасовски и Венко Филипче, граѓаните на земјата биле оставени сами на себе во справување со заразата.

Притоа, ВМРО-ДПМНЕ и нејзиното раководство, како и во секој спин, не наведуваат многу важни факти, од кои би се добила вистинска слика за јавноста за тоа каде и како стои Р.С. Македонија во регионални, европски и светски рамки во справувањето со кризата.

 

ТРЕНДОТ Е СВЕТСКИ, А НЕ ДОМАШЕН

Фактот број еден, кој е и најважен, покажува дека зголемувањето на бројот на новозаразени и починати пациенти е тренд кој се бележи во најголемиот дел од земјите и во регионот и во светот, со мали икслучоци, како Шведска, на пример.

Само нималку информираните граѓани тоа не го знаат, а сите други се свесни дека денеска на 07.08.2020 бројката на заразени во светот е над 19 милиони луѓе со над 718 илјади смртни случаи. Ако се погледнат графиконите на најшироко цитираниот портал за Ковид-19 статистики, Worldometer, ќе се види дека кривите на новозаразени и починати пациенти константно се движат по нагорна линија од почетокот на пандемијата во јануари, па сѐ до денес. Притоа, исто како и во земјата, во светот е забележан мал пад некаде во средината на мај, но од почетокот на јуни, кога сите држави, вклучувајќи ја и С. Македонија, почнаа да ги укинуваат рестрикциите за движење, пред сѐ, бројките почнаа да растат:

Графикон на случаи на новозаразени и починати од Ковид 19 на седум дена. Извор: Worldometers

 

Бидејќи истиот тренд во истиот период е многу видлив и во регионот, станува јасно дека испуштајќи го овој најважен факт, ВМРО-ДПМНЕ спинува со цел јавноста да стекне погрешен впечаток дека во земјта владее хаос во справувањето со корона кризата, што, од друга страна, може да поттикне паника кај населението и целосна недоверба во јавното здравство, а со тоа и дополнително влошување на состојбата.

 

БРОЈКАТА НА АКТИВНИ СЛУЧАИ Е ЗНАЧИТЕЛНО НАМАЛЕНА

Вториот факт за бројот на излекувани и активни пациенти е, исто така, спинуван. Вистината е дека процентот на излекувани е голем и бројот на активни случаи се намалува во последните три недели, но ВМРО-ДПМНЕ тоа не го брои како статистика во ниту едно свое соопштение.

Па, така, со спин, се обидува од јавноста да не го регистрира моменталниот барем тренд во С. Македонија, а тоа е дека бројката на активни случаи денеска, 07.08. 2020,  е помала за околу 600 случаи и е падната на 3.400 лица, наспроти над 4000 активни случаи на заразени лица со корона вирусот на 22 јули 2020 г.. Овој тренд на благо смирување на епидемијата во земјата полека се регистрира и во Србија, на пример, додека кај дел од другите земји од регионот таа состојба е поинаква, а да не зборуваме за Косово и Босна и Херцеговина. Зашто ако во земјата процентот на новозаразени во просек веќе два месеца е околу 10 отсто од бројот на тестирани, во Косово на пример, тој се движи меѓу 40 и 50 отсто, а драматично е и во БиХ.

 

БРОЈКАТА НА ТЕСТИРАНИ Е ЗНАЧИТЕЛНО ЗГОЛЕМЕНА

Натаму, бројот на тестирани лица во земјата е прилично зголемен во однос на периодот пред и по јуни 2020 година, па, така, со максимален капацитет од околу 2.000 тестови дневно, здравствените власти се во состојба да откриваат што поголем број новозаразени лица, од кои околу 30 отсто се целосно асимптоматски, што, пак, значително придонесува за намалување на ширењето на вирусот.

Веќе сега може да се заблежи дека состојбата со 7 АВГУСТ 2020 Г. покажува дека во С. Македонија се прават повеќе тестови на милион лица од Бугарија и БиХ или од Албанија, на пример. Кај нас таа бројка изнесува речиси 53 тестирани лица на еден милион, наспроти 42 во Бугарија или околу 45 лица во БиХ или, пак, самО околу 13,5 лица во Албанија.

Точно е дека бројката на починати лица во земјата е поголема споредено со регионот, па и со дел од Европа, како последица на Ковид-19. Но, како што вели Филипче, бројките сами по себе, без соодветен контекст не значат ништо.

Па така, мора сериозно да се земе објаснувањето на здравствните власти дека голем дел од пациентите починале меѓу 3-тиот и 5-тиот ден од лекувањето, што укажува на фактот дека биле примени на лекување во многу тешка состојба. Тоа, пак, укажува на фактот дека заболените граѓани дошле во болница кога симптомите им станале такви што се дефинирани како пациенти со тешка или критична состојба, по што, шансите за помош драстично се намалени.

Второ, ако се споредат овие бројки на еден милион популација, ќе се види дека С. Македонија со 248 починати заклучно со 7 август 2020 г. е полаша од земјите во регионот, но, на пример, е подобра од Белгија, каде што починале 850 лица на еден милион, Велика Британија со 683 починати, Шпанија каде тој број изнесува 610, Италија со 582, Шведска со 571 лице на милион жители, итн.

. . .

Може да се приложуваат уште аргументи и факти за да се демаскираат спиновите на ВМРО-ДПМНЕ околу справувањето со корона кризата. Но, колку и да се додаваат аргументите, само се зголемува впечатокот околу спиновите што се изречени во овие соопштенија. Иако никој, па и самите власти не тврдат дека се совршени во справувањето со ширењето на епидемијата и иако во политиката, нели, „сѐ е дозволено“, сепак не е дозволено да се спинува за политички цели со бројките поврзани со здравјето, животот и смртта на граѓаните.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција