Контраспин: Вонредната состојба може да се злоупотреби, ама тврдењето дека за тоа е прогласена е спин

Александар Николоски. Фото:META\ВМРО-ДМНЕ, веб

 

Секако дека вонредната состојба може да се злоупотреби, но тврдењето дека е токму поради тоа воведена и дека тие што ја предложиле и ја прогласиле го направиле тоа не мислејќи на здравјето на граѓаните, туку поради партиско-профитерски интереси, е спинување на достапните информации и факти

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, ги искажа следниве реченици во кои се препознава спин:

Спин: Наместо да мислат на здравјето на граѓаните, тие размислуваат како може владата да ги изгласа тие закони што не успеа да ги изгласа пред распуштање на Собранието. Причината зошто се одбиваше барањето на ВМРО-ДПМНЕ за воведување на кризна состојба е само една. Согласно со Уставот, кога се воведува вонредна состојба сите надлежности ги презема владата, а тоа значи дека владата може сама да носи закони без да го има тука Собранието како некој филтер. Тоа значи дека може утре Зоран Заев, преку своите министри во владата, да си предложи каков сака закон и поручек тој да биде усвоен. И очекувам во следниот период да има закони во корист на брат му Вице Заев. Тоа е причината зошто се воведува вонредна состојба.

[Извор: „360 Степени“ – Николовски за вонредната состојба:… – датум: 18.03.2020]

 

КOНТРАСПИН:

Тврдењето на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, дека Владата не мисли на здравјето на граѓаните и дека единствена причина зошто е прогласена вонредна, а не кризна состојба било за власта да донесува закони од лична корист на нејзините лидери е недоследна, извртување на вистината, т.е. спин.

Николоски ја извртува вистината од една едноставна причина – тој нема апсолутно ниту еден доказ, јавно достапна информација или потврден факт, дека од вчера во 18 часот (18.03.2020) Владата постапува, да речеме, себично, партиски или профитерски, а пак, уште помалку може да се земе релевантно или може да се каже дури и оти е безобразно неговото тврдење, дека „не мислат на здравјето на граѓаните“.

Впрочем, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред овие зборови на Николоски (пренесени од самата партија до медиумите), некаде околу пладне вчера ги искажа следните зборови:

Поради итноста и алармантноста на состојбите на терен, но и неопходноста да се помогне на граѓаните, апелирам денес до претседателот Пендаровски да прогласи  според Уставот вонредна состојба во Македонија час поскоро. Да не се губи драгоцено време, а поважно од тоа дали е вонредна или кризна состојба е тоа мерките и помошта да стигне до граѓаните. Да не навлегуваме во правните дилеми, туку да навлеземе во решавање на проблемите на граѓаните. Повторувам, да не навлегуваме во правните дилеми, туку да навлеземе во решавање на проблемите на граѓаните и заштита на нивното здравје и веднаш претседателот Пендаровски да прогласи вонредна состојба.

Иако пред оваа реченица, Мицкоски, де факто, ја искажа истата теза како и Николоски, на крај, сепак, и тој го повика претседателот Пендаровски да прогласи вонредна состојба. По што, ги образложи истите ставови, кои впрочем Пендаровски ги искажа и во јавноста, зошто е потребна вонредна состојба, истите ставови што ги искажа и техничкиот премиер Оливер Спасовски во име на Владата, во исто време како и Мицкоски.

Тука само да напоменеме – да точно е дека Владата во услови на вонредна состојба, според Уставот, може да носи уредби со сила на закон. Но, како што кажа и Пендаровски, Владата е должна на транспарентност и отчетност (и засега тоа го прави на прилично високо ниво и преку прес конференциите и преку достапноста на сите заклучоци и документи од владините чести седници), а бидејќи Претседателот на РСМ е тој што ја потпишува одлуката за вонредна состојба на 30 дена, истиот тој може и да не ја продолжи.

Тоа е тој контролен механизам, плус, партиите, плус ЈАВНОСТА, кои што ќе се грижат да се избегнат максимално можно евентуални злоупотреби.

Оттука, зборовите на Николоски дека, „наместо (Владата и СДСМ, плус Зоран Заев-н.з.) да мислат на здравјето на граѓаните, тие размислуваат како може владата да ги изгласа тие закони што не успеа да ги изгласа пред распуштање на Собранието“, и другото што е цитирано од него на почетокот на текстов, е извртување на вистината, т.е. спин. Тој и јавноста докази за такво нешто немаат, барем не во овој момент, а дезинформацијата дека „не мислат за здравјето на граѓаните“, е, всушност, спин кој сака да ја убеди јавноста во спротивното – дека само Николоски и раководството на неговата партија се грижат за граѓаните.

Она што најмалку ѝ треба на јавноста во вакви моменти се градење на сопствени пи-ар поени и тоа важи не само за Николоски или за ВМРО-ДПМНЕ, туку за СИТЕ.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција