Контраспин: Зголемувањето на платите во образованието најмногу е резултат на притисоци од синдикатите
Од она што може да се види низ архивите на медиумите и на синдикатите, како и на МОН, сосема е јасно дека имало зголемување на платите во основното и средното образование во изминатите неколку години. Но, кога подетално ќе се навлезе во материјата станува јасно дека тоа зголемување е резултат на малку желба од Владата (СДСМ+ДУИ), а многу повеќе на штрајкови и други притисоци на синдикатите во образованието, пред сè на СОНК
Од она што може да се види низ архивите на медиумите и на синдикатите, како и на МОН, сосема е јасно дека имало зголемување на платите во основното и средното образование во изминатите неколку години. Но, кога подетално ќе се навлезе во материјата станува јасно дека тоа зголемување е резултат на малку желба од Владата (СДСМ+ДУИ), а многу повеќе на штрајкови и други притисоци на синдикатите во образованието, пред сè на СОНК
Пишува: Теофил Блажевски
Пратеничка на СДСМ одржа прес-конференција, а потоа и партијата излезе со соопштенија околу платите во образованието, со ставови во кои има извртување на вистината, т.е. спин:
Спин: Во изминатите години СДСМ на дело покажа како се вреднува одговорната работа на наставниот кадар во образованието. Од 2017 година до денеска СДСМ ги зголеми платите на наставниците за 55%. Само во месец септември платите на наставниците се покачени за 15 отсто.
Со зголемени почетни плати, коефициент на сложеност и минат труд, платите на наставниците со искуство денеска достигнуваат над 40.000 денари.
Од оваа година наставниците добиваат и 10.000 денари К15, односно регрес за годишен одмор, прв пат после 20 години. Дополнително, од следната година регресот за годишен одмор ќе биде 30% од просечната плата.
Резултатите на СДСМ за разликата од лошите, погубни политики на ДПМНЕ во образованието е јасна и очигледна. СДСМ за 6 години ги покачи платите на наставниците за 55 отсто, а ДПМНЕ за 11 години за само 4 проценти. ДПМНЕ ги понижуваше наставниците и го рушеше нивното достоинство.
[СДСМ – Даниела Колева/прес; датум – 24.10.2023]
Контраспин: Владејачката партија ја извртува вистината кога зборува за зголемувањето на платите на наставниците, како доказ дека партијата се грижела за нивниот животен стандард. Сигурно е вистина дека од 2017 година платите пораснале за 55 отсто, но сигурно не е вистина дека тоа е заслуга на грижата на партијата (барем не во целост), туку најмногу на грижата за последиците што можат да настанат. Зашто, зголемувањата на процентите, лани и годинава, се должат исклучиво на штрајковите и други форми на притисок што ги правеа синдикатите во образованието, пред сè моќниот СОНК предводен од Јаким Неделков.
Првото поголемо покачување на платите дојде во 2022 година, откако на повик на СОНК со недели штрајкуваше предучилишното, основното и средното образование. Штрајкот започна на 11 април, а траеше повеќе од еден месец, до 18.05.2022, кога е постигната спогодба за зголемување на платите за 15 отсто од септември 2022 година. Но, постигнувањето на спогодба беше многу тежок процес, со оглед на тоа што СОНК ја одби првичната понуда од Владата за зголемување од 10 отсто. Тогаш премиерот Димитар Ковачевски го нападна СОНК:
Со одбивањето на понудата за покачување на платите од 10%, СОНК реши да продолжи со уцени кои се единствено на штета на образованието на учениците и им го отежнува секојдневието на родителите.
Слична е состојбата и во 2023 година. На крајот на август постоеше притисок за нов штрајк од први септември, туркан од Независниот синдикат за образование и наука предводен од Томислав Гиевски. Овој синдикат обвинува за непочитување на методологијата за пресметка на плати уште од 2013 година и наведува дека пред сè поради тоа платите на наставниците останале ниски.
Претходно во јули 2023, СОНК ја отфрли понудата на Владата за зголемување на платите за 10 отсто за 2023 година, плус исплата на К-15 од 10 илјади денари до крајот на годинава. СОНК тогаш потврди дека прво треба да се направи усогласување на платите со минималната плата, па дури тогаш на таа сума да има зголемување од 10 отсто. Конечно, МОН и СОНК повторно постигнаа договор – штрајк да нема, а понудата од 10 отсто за септемвриските плати порасна на 15 отсто и тие сега во октомври се исплатени, што беше повод и за прес-конференцијата на пратеничката на СДСМ, Даниела Колева во која е изречен и спинот за грижата на партијата.
Слични процеси има и во изминатите години. Така на пример, Владата и во 2020 година понудила десет отсто од април, додека СОНК тоа го отфрлил и барал преговори под закана за генерален штрајк. СОНК единствено без штрајк, но со негодување го прифатил зголемувањето на платите за 5 отсто што ја понудила Владата, за што е потпишана и спогодба, при што од страна на СОНК е изразен став дека тој процент е недоволен. Постојат и други сведоштва за притисоци за штрајк и разни апели до Владата и до Собранието во изминатите години и од страна на вработените во градинките, на пример, или од вработените во високото образование, кои речиси една година притискаа и се закануваа со штрајк за да конечно биде потпишан Колективен договор со Собранието на крајот од 2022 година.
Поради тоа, може да се оцени дека тврдењето за пораст на платите во образованието како резултат на грижа на СДСМ за достоинството и стандардот на вработените е спин, зашто овие проценти на зголемена плата се постигнати по штрајкови или други форми на притисок од синдикатите. Притоа спинот не исклучува дека одредени проценти од владејачката партија преку Владата и МОН се нудени на вработените во образованието.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар