Корона вирусот е ВИРУС а не бактерија

Фото: корона вирус, CDC

Манипулација околу корона вирусот и Ковид-19 е направена на пост објава на Фејсбук на македонски јазик, при што два главни елементи се во игра – дека е бактерија и дека се лекува со аспирин

Манипулација околу корона вирусот и Ковид-19 е направена на пост објава на Фејсбук на македонски јазик, при што два главни елементи се во игра – дека е бактерија и дека се лекува со аспирин

 

Авторот на манипулацијата, т.е дезинформацијата пласирана во постот, тврди дека германски лекари откриле оти станува збор за бактерија и дека германски лекари врз основа на обдукција откриле дека главниот лек треба да биде аспирин, зашто откриле дека станувало збор за згрутчувања на крвотокот. Згора на сè, авторот на постот се повикува на Германското министерство за здравство.
Во постот меѓу другото се наведува:

ИТНО!! Германија

* Конечно пронајден конечен вирус во Германија *

Германските лекари не го почитувале светскиот закон за здравство на СЗО кој диктира дека не се прават обдукции на коронавирус и откриле дека НЕ Е ВИРУС, туку БАКТЕРИЈА која предизвикува смрт. Ова води до создавање на згрутчување на крвта и смрт на пациентот.

…Извор: ГЕРМАНИЈА, Министерство за здравство

СПОДЕЛЕТЕ ТАКА ЦЕЛИОТ СВЕТ ЗНАЕ ДЕКА УБИВМЕ И УБИВАВМЕ СТАРИ ЛУЃЕ!!!

Дезинформацијата која е споделена уште во октомври и се уште е многу вирална и има огромен број споделувања, лесно се разобличува со едноставна посета на германското Министерство за здравство.

Од оваа почетна страна избирате вињетка „Информации за корона вирусот“, па потоа Основни информации за корона вирусот и на крај секцијата Што е корона вирусот и што е Ковид 19.

Кога ќе се исчита текстот, јавноста може да биде вистински иннформирана дека корона вирусот е ВИРУС а не бактерија и дека дезинформацијата во постот што го рецензираме нема врска со реалноста, а понајмалку, пак, како извор може да се користи германското Министерство за здравство.

Впрочем Светската здравствена организација (СЗО) истово прашање го има ставено во секцијата митови за корона вирусот.

Што се однесува до аспиринот, кој како спасоносен лек наводно го пронашле германските лекари по некаква обдукција и тоа е невистина. Аспиринот како антикоагулант, лек што делува против згрутчувања на крвните садови, се користи со децении. Како дел од терапијата на заболените од Ковид-19 се дава уште од самите почетоци на пандемијата, откако при клиничките третмани е утврдено дека заболените многу често се соочуваат со затнати крвни садови.

Иако не постои специфичен лек за Ковид-19, СЗО препорачува да се употребуваат лекови согласно потребите на пациентот.

Аспиринот и ефектите од него сега наголемо се испитуваат во неколку студии (види ТУКА, ТУКА, ТУКА и ТУКА), но тие се во Велика Британија и САД, колку што може да се пронајде на интернет.

Сепак, средства против згрутчување на крв кај заболените од Ковид-19 се употребуваат и кај нас, во форма на Клексан или Фраксипарин, што може да се види од следнава проверка на факти на „Вистиномер“.

Според погореизнесените факти, постот што го рецензираме е дезинформација.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција