Ковид-19: Вакцините не се експериментални, вирусот не се лекува „лесно” и СОРОС не е производител на вакцините

Доста гласно, од еден свештеник во Австралија беа кажани безброј невистини за вакцините против Ковид-19. Неговите зборови се преведоа и на албански јазик и се споделија на неколку портали, ширејќи ги на овој начин уште повеќе неговите лаги. Не, вакцините против Ковид-19 не се експериментални. Не, вирусот корона не се „лекува лесно”. Не, Бил Гејтс и СОРОС немаат никаква врска со вакцините. За разлика од тврдењата на овој свештеник Ватикан постојано апелира до верниците да се вакцинираат, пишува Порталб.мк.

Во виралното видео, свештеникот вели дека светот оди кон ропство поради постојаните затварања и според него ова што се случува денес со светот е дело на раката на тајните друштва.

Се што се случува денес во светот е валканата и зла рака на тајните друштва кои сакаат да го уништат човештвото. Како може да победи човек што го освојува целиот свет и се губи себеси? Вие претседатели, црковни челници, доста веќе го поробувате народот. Доста веќе со измама, доста е веќе со овие затварања, бидејќи ова што го правите е чисто ропство“, вели тој во видеото.

Ова не е вистина, затворањето не се прави за „поробување“ туку за заштита

Карантинот или затворањето е збир на заштитни мерки преземени за да се спречи ширењето на заразна  болест, главно со тоа што болните или сомнителните случаи ќе се држат изолирани од другите за одреден временски период.

Карантинот, исто така, се применува и за растенија и животни кога постои ризик од ширење на инфекција. Постои делумен карантин и целосен карантин. Целосниот карантин се прави со држење на сомнителните лица во целосно изолирана состојба се додека трае периодот на инкубација на болеста.

Во времето кога корона вирусот беше се уште непознат за науката и за него сеуште немаше вакцина, карантинот беше единственото оружје со кое вирусот беше изолиран и им помогна на многу земји кои беа пред колапс на здравствениот систем поради недоволен број болнички кревети.

Доста веќе со таканаречената корона, затоа што тоа е една многу лесна болест и се лечи со испробани лекови” вели свештеникот во видеотo.

Ова не е вистина, затоа што до сега постојат неколку форми на лечење на корона вирусот, но сеуште  не постои лек кој 100 проценти делува во спречување или лекување на овој вирус.

Пациентите со тешки симптоми се ставаат на терапија со кислород, а пак тие најзагрозените од Ковид-19 со најтешки симптоми се ставаат на респиратор.

Дексаметазонот е кортикостероид кој помага во спасувањето на животите на најзагрозените од коронавирусот и на оние кои веќе имаат симптоми. Повеќе информации околу овој лек можете да прочитате тука.

Првичните резултати на  истражувањето спроведено од СЗО покажале дека ремдесивирот, хидроксиклорокинот, лопинавирот/ритонавирот  и интерферонот имаат мал или некаков ефект врз смртноста на хоспитализираните пациенти од Ковид-19.

Хидроксиклорокинот не покажал некој добар резултат во лекување на Ковид-19. 

СЗО не препорачува само-лекување со кој било од горенаведените или со други лекови, вклучително и антибиотици, како превенција или лек за Ковид-19. СЗО ги координира напорите за откривање на начини на лекување или лекови против Ковид-19.

Вирусот Корона, Индија, Фото: Syed Ali/Unsplash

Свештеникот, исто така, покрева сомнежи за постоењето на самиот коронавирус.

Ковид-19 постои и е една болест предизвикана од корона вирус познат како Сарс КоВ – 2. СЗО првично беше известена за овој вирус на 31 декември 2019 година, во извештај во кој се зборуваше за неколку случаи со пневмонија во Вухан, Кина.

До денес од овој вирус во Северна Македонија заболеле  вкупно 187.622 лица а воедно 6.489 лица починале, поголем дел од нив невакцинирани. Вреди да се напомене дека најголемиот број од смртните случаи се случиле пред почетокот на процесот на имунизација против Ковид-19 во РСМ.

Во светот, повеќе од 4 милиони луѓе ја изгубиле битката со овој вирус, што не само што го потврдува постоењето на вирусот, но и неговата сила, посебно за лицата кои имаат придружни болести или кои не се вакцинирани.

Вакцините се експериментални и се произведени од рацете на големите ѓаволи” вели свештеникот во видеото.

Вакцините против Ковид-19 не се експериментални. Тие поминале низ низа ригорозни тестови за безбедност и ефикасност пред да се пуштат во употреба, со кои се докажала нивната ефикасност против вирусот корона.

По добивањето на одобрение од страна на Светската Здравствена Организација (СЗО) и националните регулаторни органи и агенции, сите вакцини мора да поминат три фази на клинички тестови. Клиничките тестови ја потврдуваат сигурноста на вакцините кај лицата со попратни болести како и нивната ефикасност против вирусот. Резултатите од овие тестови се рецензираат од независни научници за да се потврди точноста на податоците.

Третата фаза и нивната примена во светот потврдила дека вакцините се многу ефикасни во спречување на инфекцијата и симптомите. Во продолжение е дадена ефикасноста на одобрените вакцини против корона вирусот.

  • Фајзер-Бионтек – 95%
  • Оксфорд АстраЗенека – 63%
  • Синовак – 51%
  • Спутник В – 92%
  • Коваксин – 78%
  • Џонсон и Џонсон – 66%
  • Модерна – 94%
  • Синофарм – 79%

Според експертите, вакцините со 50% ефикасност се доволни за да се стави под контрола пандемијата со Ковид-19. До сега, најголемиот дел од починатите се невакцинирани.

Со појавата на варијантата Делта на вирусот корона, се намалила ефикасноста на некои од вакцините, меѓутоа сеуште нема некоја студија која го потврдува тоа.

Фото: Архива на Мета.мк

РСМ, околу 90 % од починатите се невакцинирани лица

Сега сме во пандемија, имаме вирус кој се шири меѓу невакцинираните лица. Голем процент од вкупниот број на заразените лица, 81-88 се невакцинирани. Истотака голем е процентот и на починати пациенти, оклу 90% меѓу невакцинираните лица“, изјави Филипче.

За разлика од тврдењата на овој свештеник Ватикан постојано апелира до верниците да се вакцинираат

За нас останува прифатлива вакцината која ја препорачуваат овластените здравствени институции во Северна Македонија и им препорачуваме на муслиманските верници да ја примат, се додека не се најде друго решение“, изјавиле од Исламската Верска Заедница во Северна Македонија.

Папата Франциск од Католичката црква преку едно видео објавено од Ватикан од пред неколу дена порачува дека вакцините против Ковид-19 се сигурни и ефикасни.

Тој додаде дека примањето на една од вакцините против Ковид-19 кои се одобрени од здравствените власти е „знак на љубов“.

Да им се помогне на другите да го направат истото, рече тој, е исто така чин на љубов. Љубов кон себе, кон семејството и општеството и за сите луѓе. Љубовта е и општествена и политичка“, додаде тој.

Папата истакна дека општествената и политичката љубов се гради со „мали индивидуални дела кои можат да го трансформираат општеството во позитивна насока“.

Вакцинирањето е лесен, но и еден добар начин да се покаже внимателност кон другите, посебно кон најзагрозените” додаде тој.

Папата Франциск потоа во видеото испрати молитва до Господ за „сите да го направат овој гест на внимание“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција