Куп измислици за разубавување на лошиот македонски кредитен рејтинг

Потврден стабилниот кредитен рејтинг на Македонија_098765-0980-crop-resize

[Реценизја на веста со наслов: Потврден стабилниот кредитен рејтинг на Македонија]

Оваа вест е крајно манипулативна, со редица неточни наводи во кои вистината или ја нема или, пак, информациите се спинувани толку многу што точноста и вистинитоста се на маргините, додека на спинот му е дадено централното место. Низ целата вест се говори за некаков „стабилен кредитен рејтинг“, кој, во суштина, не постои. Каков би бил тој стабилен или нестабилен кредитен рејтинг? Потоа, тоа што актуелната оценка на кредитниот рејтинг од „ББ-“ е „потврдена“, односно не е сменета, е земено како голем успех. Проблемот е само што тој, „потврдениот“ кредитен рејтинг, кој има оценка „ББ-“ е наречен „ѓубреџиски“ (junk, ang.) и неинвестициски. Тој е дури три нивоа под најниската оценка, која претставува инвестициски кредитен рејтинг, а тоа е „БББ-“. Потврден стабилниот кредитен рејтинг на Македонија_098765-0980

Линк до оригиналниот напис: Потврден стабилниот кредитен рејтинг на Македонија

Датум и време на објавување: 01.11.2014, 10:48

Датум на рецензирање: 05.11.2014

Рецензент: Владимир Петрески

Најпроблематичен е третиот пасус од веста:

„Стабилниот кредитен рејтинг на Република Македонија е значаен сигнал за странските инвеститори и влијае позитивно на атрактивноста на земјата на меѓународниот пазар на капитал па значи и пониски каматни стапки, како и на вкупниот економски и политички имиџ на Република Македонија. Дополнително, потврдата на кредитниот рејтинг е уште еден силен сигнал кон странските инвеститори дека Република Македонија е земја во која може да имаат доверба и во која може да сметаат дека и во иднина ќе има здрави економски политики.“

Ова нема врска со вистината. Како што веќе рековме, такво нешто што би се викало „стабилен кредитен рејтинг“ едноставно не постои и со оглед на неговото непостоење, тој не може да биде „значаен сигнал за странските инвеститори“, ниту да „влијае позитивно на атрактивноста на земјата“, ниту да биде „силен сигнал… дека Република Македонија… и во иднина ќе има здрави економски политики“, ниту што било друго што се говори во овој централен пасус од веста, а кој во неа е ставен паушално, којзнае од кого (нема извор), зашто ваков пасус и вакви констатации во соопштението (неопходна е регистрација) на „Стандард и Пурс“ нема. Значи измислениот „стабилен кредитен рејтинг“ понатаму е искористен да се дадат вредносни судови за состојбите во македонската економија, за кои личи како да се дадени и напишани од „Стандард и Пурс“, зашто веста е така озаглавена, но тоа не е точно. И, така настанува манипулацијата – да мислите дека нешто (во конкретниов случај редица фалби) потекнува од реномиран странски извор, а тоа, всушност, да не е така и тие фалби немаат никаква врска со наведениот извор. Конечно, ајде да видиме што е тој измислен „стабилен кредитен рејтинг“, кој на едно место срамежливо се нарекува и „стабилниот изглед на земјава“. Еве го насловот на соопштението од „Стандард и Пурс“: „Рејтингот на Република Македонија потврден на нивото ББ-/Б; изглед стабилен“. Значи, главна оценка, која го мери долгорочниот кредитен рејтинг е ББ-, односно најниската оценка од нивото ББ (кое содржи три оценки ББ-,ББ и ББ+). Еве што значи нивото ББ според работните дефиниции на агенцијата:

„Облигациите рангирани ББ се помалку ранливи на неплаќање од другите шпекулативни издадени инструменти. Сепак, ентитетот се соочува со постојани несигурности и отвореност кон негативни деловни, финансиски или економски услови, кои можат да доведат до тоа должникот да има неадекватен капацитет да ги изврши своите финансиски ветувања во однос на облигациите за плаќање.“

Ова е главната и најважната оценка – дека станува збор за шпекулативен кредитен рејтинг, дека оценуваниот ентитет (во овој случај Република Македонија) се соочува со несигурности и може да се соочи со тешкотии, кои би попречиле да се платат долговите. Но, од ова нема ништо во веста. Потоа следи оценката Б, која се однесува на краткорочниот кредитен рејтинг (за објаснување види овде) и на крај има два збора кои гласат „изглед стабилен“. Овие два збора, кои во веста магично се претвораат во „стабилен кредитен рејтинг“, немаат врска со стабилноста или нестабилноста на македонската економија и со тоа дали странските инвеститори мислат позитивно или негативно за економијата или што било друго слично на ваквите тврдења. Овие два збора се однесуваат на првичната главна оценка ББ- и тука „Стандард и Пурс“ се обидува едноставно да предвиди и да даде насока дали таа оценка во идниот период на среден рок (од шест месеци до две години) има шанси да се намали, зголеми или да остане иста. Така што, ако се каже:

  • изглед позитивен – тоа значи дека оценката може да се зголеми;
  • изглед негативен – да се намали;
  • изглед стабилен – (како што е кажано за Македонија) значи дека оценката најверојатно ќе остане иста;
  • и изглед развоен – значи дека оценката има големи шанси да претрпи измена и тоа или нагоре или надолу.

И толку. Значи нема никаква „стабилна економија“, туку ова значи дека во идниот период оваа лоша оценка на нашиот кредитен рејтинг најверојатно ќе си ја носиме и во следните две години. Инаку, министерството за финансии лани, кога „Стандард и Пурс“ ја намали оценката од ББ на ББ-, издаде крајно критичко соопштение против агенцијата, но сега изгледа се решило неменувањето на таа лоша оценка да се спинува поинаку и да се претстави како нешто „стабилно“ или нешто „потврдено“, според онаа изрека: „ако не можеш да ги победиш, придружи им се.“ И на крај, во последниот пасус се вели следново:

„Стандард и Пурс годинава го намали кредитниот рејтинг на повеќе земји како Русија, Турција, Хрватска, Србија, Словенија и Бугарија, оттука потврдата на кредитниот рејтинг на Македонија е уште една потврда за добрите економски политики кои се практикуваат во земјава.“

Едноставно кажано, ова нема врска со вистината:

  • точно е дека кредитниот рејтинг на Бугарија е намален на БББ-, но тој е три оценки повисок од Македонија,
  • кредитниот рејтинг на Словенија не е намален годинава и тој е на нивото А- или шест оценки повисок до Македонија,
  • кредитниот рејтинг на Србија е ист како и македонскиот и и тој не е намален, иако тоа може да се случи идната година со оглед на „негативниот изглед“,
  • кредитниот рејтинг на Хрватска е ББ и е еден степен повисок од Македонија и и тој годинава не е сменет,
  • кредитниот рејтинг на Турција е ББ+ (во странска валута) и БББ (во домашна валута) и и тој не е сменет,
  • и конечно, кредитниот рејтинг на Русија е БББ- во странска валута и БББ во домашна валута и и тој не е сменет годинава и покрај тоа што земјата е под санкции од Западот.

Ова значи дека од шесте земји кои се спомнати и за кои е речено дека им е намален кредитинот рејтинг, тоа е точно само за Бугарија. Треба ли поголема потврда од оваа за манипулативната природа на рецензираната вест преполна со невистини и со полувистини.

П.С. Иако „Сервисот за проверка на факти во медиумите“ не ги анализира и не се осврнува на природата или уредувачката политика на порталите на кои се објавени вестите што се рецензираат (тоа не е дел од методологијата според која работиме), овде би сакале да укажеме на еден куриозитет. Оваа вест е објавена на забавен портал, чии рубрики се: „Радио Милева“, „Glamour Corner“, „Рамбо Поручује“, „Кој кине зелени“, и слично, за одеднаш да се појави вест која говори за „кредитен рејтинг“, „Стандард и Пурс“, „оценка ББ-“, „јавен и надворешен долг“, „домашен бруто-производ (БДП)“ и друго. Да се чуди човек колку значењето на зборот „забава“ се изменило во последно време кога една безмалку академска, интелектуална, стручна, помалку здодевна и сериозна област, какви што се меѓународните финансии, го нашле својот пат до забавен портал.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција