Лажна е веста дека Трамп има 410 електорски гласови

Фото: скриншот од дел од постот

Повикувајќи се на твит кој цитира американска про-Tрамп телевизиска мрежа, Фејсбук корисник на македонски јазик тврди дека на 17.11.2020 г. Трамп има убедливо водство над Бајден

Повикувајќи се на твит кој цитира американска про-Tрамп телевизиска мрежа, Фејсбук корисник на македонски јазик тврди дека на 17.11.2020 г. Трамп има убедливо водство над Бајден

 

Пост објава на Фејсбук на македонски јазик невистинито тврди дека резултатот на американските претседателски избори на денот кога е објавен постот, 17.11.2020, бил 410 за Доналд Трамп и 128 за претседателскиот кандидат Џо Бајден.

Бројките се однесуваат на т.н. електорски места што се различни во секоја од 50-те американски сојузни држави.

Во постот пишува:

17.11.2020 410-128 Трамп-Бајден

Под овој текст има ембедиран скриншот од профил на Твитер, на кој се гледаат истите резултати и е прикажана картата на САД обоена со црвено, државите каде наводно победил Трамп и сино, државите каде победил Бајден.

Скриншотот кој му послужил на авторот на постот како оправдување за таквото тврдење е земен од реален профил на Твитер, кој навистина го објавил тоа што го објавил и кој истовремено прикачил дел од дебатна емисија на една американска про-републиканска телевизија ОАНН.

Во делчето што е  објавено може да се види како, наводно, американски воени разузнавачки извори потврдиле за телевизијата дека открилe голема измама со броењето на резултатите и тоа проверувајќи некој сервер сместен во Германија каде се складирале резултатите од изборите и таа вест е дебатирана од гостите на телевизијата. Телевизијата ОАНН на Гугл е означена како исклучително блиска до Трамп, а угледни американски и британски медиуми, како што се Њујорк Тајмс и Гардијан, за таа телевизија пишуваат како мрежа што шири заговори во полза на републиканците и конзерватиивците или како на „милениче на Трамп што треба да ја замени раскинатата љубов со Фокс Њуз“.

Проблемот е што такво нешто, воена контрола на сервер, не се случило и тоа во текот на 17 и 18 ноември е демантирано и разобличено од повеќе светски угледни проверувачи на факти. Дека станува збор за лажна вест утврдиле и Ројтерс и Асошејтед прес и ЈУ-ЕС – ЕЈ Тудеј и многу други.

Користејќи ваков извор и тоа само како скриншот, авторот на постот што го рецензирме обајвува невистинит податок дека Трамп има убедлива предност над Бајден. Притоа, сосема ги занемарува резултатите кои објавени и се широко распространети, кои имаат уште малку до својата целосност зашто некаде уште има пребројување, но кои во моментов изнесуваат, како што тврди Би-Би-Си, 306 наспроти 232 во полза на Бајден или 290 наспроти 232 во полза на Бајден, како што тврди Гардијан, кој, пак, на секои 10 секунди ги апдејтува резултатите од сојузните држави.

Постот на Фејсбук со лажните бројки има виралност од преку 190 споделувања за нешто повеќе од 24 часа и седумдесетина коментари, претежно со одобрување на таквите невистинити бројки во полза на Трамп.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција