Лажна реклама: ДМ продавниците не нудат „Диор“ парфеми за 125 денари

Фото: Принтскрин ФБ пост

Лажна Фејсбук страница се претставува како официјален канал на продавниците ДМ и нуди „Диор“ парфеми за 125 денари. Но вистинската цел на објавата е да ги измами следбениците на социјалните мрежи и да ги извлече нивните лични податоци за потоа да ги злоупотреби. ДМ преку нивната официјална страница ги информираше корисниците дека информацијата за доделување на парфеми „Диор“ со огромен попуст е лажна

Лажна Фејсбук страница се претставува како официјален канал на продавниците ДМ и нуди „Диор“ парфеми за 125 денари. Но, вистинската цел на објавата е да ги измами следбениците на социјалните мрежи и да ги извлече нивните лични податоци за потоа да ги злоупотреби. ДМ преку нивната официјална страница ги информираше корисниците дека информацијата за доделување на парфеми „Диор“ со огромен попуст е лажна

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук на која е споделен лажен попуст на парфеми од светски познатиот бренд „Диор“. Се измамуваат корисниците дека ќе добијат парфем за 125 денари што е невистина.

😍 Во чест на отворањето на нашата онлајн продавница, ќе подариме 100 подарочни кутии DIOR J’adore за само 125 MKD. 🎁 Кликнете на оваа врска и одговорете на неколку прашања за да го добиете подарокот ⤵️.

За да ги намами своите жртви, објавата што ја рецензираме тврди дека познатата продавница ДМ нуди парфеми „Диор“ за 125 денари. Притоа, објавата е придружена со фотошопирана фотографија на која е прикажан еден од парфемите на „Диор“ надвор од кутија, а позади него повеќе кутии од истиот парфем. Со софтвер за манипулација со фотографии и други визуелни елементи (како Photoshop, на пример), измамниците напишале дека цената на парфемот е 125 денари, односно дека се нуди попуст од 98 отсто. Нудат огромен, но лажен попуст!

Притоа, лажната објава ги наведува корисниците на социјалните мрежи за да може да го добијат попустот, да клинкат на копчето „Order now“ кое пренасочува на друга веб-страница. Овие насочени реклами за измама обично имаат за цел да го натераат корисникот да се регистрира за нешто и бара од корисниците информации за кредитна или дебитна картичка за да ја завршат акцијата.

Кога ќе се отвори веб-страницата се прикажува фотографија од парфемот за кој се тврди дека во ограничени колични може да се добие со намаление од 7.155 на 125 денари. Потоа се појавува лажна наведувачка порака и се бара корисникот да пополни прашалник:

За да го добиете DIOR J’adore Eau de Parfum за жени 100 ml., треба да одговорите на неколку прашања кои ќе потврдат дека сте вистинска личност.

Побрзајте, бројот на производи по промотивната цена е ограничен!

Оваа објава го злоупотребува името и логото на продавницата ДМ за да го привлече вниманието на корисниците. Но, нема никаква формална врска помеѓу оваа компанија и овие измамници. Доколку ја посетите официјалната страница на ДМ и нивните профили на социјалните мрежи ќе забележите дека не постоjaт парфеми за 125 денари, ниту, пак, има промоција за таква цена.

ДМ маркетите ги демантираа ваквите лажни тврдења дека даваат парфеми за 125 денари и ги повикаа своите потрошувачи да бидат внимателни и да не споделуваат лични податоци, со напомена дека имаат само една единствена официјална Фејсбук страница во Република Северна Македонија

За да бидете сигурни дека сте на вистинската страница на брендот, барајте ја т.н СИНА ЗНАЧКА до името, која потврдува дека се работи за вистинската страница и гарантира дека истата е верифицирана и ни припаѓа токму нам!

На веб-страницата што се отвара доколку се кликне на лажната објава, наведени се низа лажни коментари од профили кои се обидуваат да ги легитимизираат чудните понуди. Па така извесна Елена напишала:

Мирисот на овие парфеми е едноставно магичен. Чувствувам како да сум во љубовна приказна.

Во друг коментар, на некоја Марија, се вели:

Се чувствувам како дива кога го носам овој парфем. Ми дава комплименти и ми ја зголемува самодовербата.

Лажни коментари од ботови има и на самата Фејсбук објава на која што се рекламирата лажниот попуст. Па така Natalija Svrzikapa чие што презиме не звучи како да е од Македонија напишала „Многу брза и бесплатна достава, мирис за сите прилики“, додека Rumena Silyanova напишала коментар во кој што има и граматички и јазични грешки и звучи како лош превод „Елегантен и сензуален мирис. Јас сум воодушевен од тоа! Можам да го препорачам овој продавач! Насловот 100% го опишува искуството!“.

Фејсбук-страницата 𝐝𝐦 𝐝𝐫𝐨𝐠𝐞𝐫𝐢𝐞 𝐦𝐚𝐫𝐤𝐭 𝐌𝐚𝐜𝐞𝐝𝐨𝐧𝐢𝐚 од којашто се споделува понудата и која нема никаква поврзаност со официјалната Фејсбук страница на ДМ, нема никаква вистинска комуникација со корисници и има само 39 следачи и малку интеракции. Сè што е објавено на страницата се оваа и уште три вакви објави тука, тука и тука, со понуди за парфеми Диор за 125 денари.

Ова не е првпат да се злоупотребува брендот на продавниците ДМ. Пред неколку години нивното име и лого се споделуваше во исто така лажна наградна игра за добивање на ваучери за пазарење.

Очигледно е дека објавата што ја анализираме има за цел да ги измами следбениците на социјалните мрежи и да ги извлече нивните лични податоци за потоа истите да ги злоупотреби.

Граѓаните мора да внимаваат каде оставаат свои податоци, особено кога станува збор за вакви сомнителни Фејсбук страници, кои иако изгледаат сериозни, сепак се лажни.

Според сето ова, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистинита.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција